Ако знаевме каде сме и зошто, логично е дека ќе се бараа решенија! Арно ама, иако се тие итни – не се бараат! Повеќе се тактизира, и главно – се стои во место. Во прашање се погрешни оценки, коишто често се повторуваат во јавноста и не отвораат простор за акција. Таквите индикатори се многубројни, а ќе цитираме неколку. Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во „Слободен печат“, од 5.8.2026, вели: „… И во процесот на интегрирање, за жал, за нас адресата не е Брисел, туку Софија. Иако Софија се обидува да му префрли сѐ на Брисел, ние немаме проблем со Европската Унија“!?
Тој тврди и дека вториот протокол – „многу ни наштетил“, ама – „… од формалноправен аспект не е дел од рамката…“! Каков е тој аспект, само тој знае. Оваа бесмислена оценка, не е негова – ја лансираа неговите шефови, и не само тие!
Прво, Софија воопшто не се обидува! Таа, сите нејзини фантазмагории и вековни историски синдроми, веќе успеала да ги вгради во нашата преговарачка рамка, во Брисел! Затоа, тврдењето на заменик-министерот за надворешни работи дека – „ние немаме проблеми со Европската Унија“ – нема никаква врска со реалноста. Сега, нас нѐ блокира Брисел, а рамката е главна и непремостлива пречка на нашиот пат кон ЕУ. Не Софија. Со оваа рамка никогаш нема да станеме членка!
Значи, решение мораме да бараме во Брисел, ама тоа не мора и не треба да биде и директно. Напротив! Сето тоа може, треба и мора да се сруши само со поништување на вториот протокол со Бугарија. Со ништо друго! Ако тоа не го сториме, а е многу едноставно, за нас, членство во ЕУ – нема!
Софија маестрално ја заврши својата задача и, формално, може да стои настрана. Има овластен застапник – Унијата, заедно со сите членки! Сценариото е брилијантно – рамката, или адресата, е во Брисел, зависи од 27 членки, ама семафорот е во – Софија! Таму ќе се регулираат светлата, според нивото на нашите капитулации на историски план, сврзани со идентитетот! Брисел одлучува, ама Софија има главна улога! Да, Софија нема дополнителни барања, ама тие, кои никогаш не ги ни сонувале, се веќе вградени во рамката! Заменик-министерот за надворешни работи мора да ја научи напамет рамката и мора да се буди со неа! Мора да ги чул и пораките од Софија дека нема потреба да разговараме со нив, туку со Брисел! Ни објаснуваат и кај да се обратиме, како да сме неписмени!? Очигледно и сме: клучните работи – не ни се многу јасни!
Чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка, кој деновиве беше во посета, јасно прецизираше: „Спорот со Бугарија сега е мултилатерално прашање во рамките на ЕУ, каде што мора да се постигне консензус“!? Тоа е, апсолутно – точно! Зарем требаше да ни го каже некој од надвор? Да потсетиме дека основно дипломатско правило е никогаш да не се дозволува сопствен проблем да добива мултилатерален карактер. Тоа секогаш значи – катастрофален пораз! Ништо друго. И името со Грција – преку ЕУ и ООН, веднаш го направија мултилатерален проблем! Затоа и нашата капитулација беше извесна. За да сотреш некоја мала држава, нема полесен начин од тоа! Ѝ вртиш рој пчели да ја касаат! Сценариото за бришење на Македонците очигледно е максимално прецизно!
Второ, иако главната улога што ја има рамката е да го спречи приемот на Македонија во ЕУ и да нѐ натера на непотребно, бесмислено, понижувачко и самоуништувачко менување на Уставот, наша приоритетна и клучна задача мора да биде – ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИЈА ВЕДНАШ ДА СЕ ТРГНЕ ОД УНИЈАТА и да му се врати билатералниот карактер! Вака, интерес е само на Софија и на тие што стојат зад неа, а гарантира наш тежок пораз. Ако не го направиме тоа, нашите апели билатералните прашања да не се третираат во Брисел – се беспредметни.
Единствен начин да се избрише мултилатералниот карактер на проблемот со Бугарија, повторно е итно откажување на вториот протокол! Друг избор – немаме! Само така се поништуваат и понижувачката преговарачка рамка и ултиматумот за промена на Уставот! Ова е само нов аргумент дека вториот протокол е наша рак-рана, и неговото бришење е неизбежен чекор, кој мора да се преземе што поскоро.
На сите што се разбираат во дипломатија, кристално им е јасно дека отфрлањето на вториот протокол е императив за нас ако сакаме да опстанеме како македонски народ и да се обидеме да станеме членка на ЕУ! Чудно е како никој од надлежните во државата нема слух за ова единствено можно решение. Ако не знаат, а очигледно не им е јасно, треба да се консултираат со независни странски дипломатски експерти. Ако е, пак, проблем што странците им дишат во врат и не им дозволуваат да ги бранат интересите на Македонија, што е многу веројатно, треба да размислат за своите функции!
Трето, преку рамката, конфронтирани сме со сите 27 членки на ЕУ, плус Брисел. На добар дел од членките им се јасни нашите голготи, ама за промени мора да се избориме – сами! Никој во ЕУ, ако не ги присилиме, повторно преку вториот протокол, нема никогаш доброволно да ја промени рамката. За нив е тоа завршена работа бидејќи ние сме се согласиле со неа! Ќе реагираат само ако ја поништиме!
Четврто, и премиерот Мицкоски во гостување на Сител, во „Тема на денот“ (на 19.8.2026), и министерот за надворешни работи Муцунски во интервју за „Слободен печат“, од 4.8.2026, зборуваа за напредок во реформите, дека сме најдобри во регионот, што е секако одлична вест и мора да радува. Пораката им е заедничка – „ќе разговараме, разговараме и сме разговарале, со цел да бараме решение“. Разговараат секако во Брисел и со европски политичари, бидејќи Софија одбива! Тоа е губење време. И да сака, а нема зошто, Брисел нема теоретски шанси да постигне консензус на членките за промена на рамката. Ако Македонија сака во ЕУ, а добро е што сака, мораме сами да ја срушиме, а патоказот е прецизен. Без тоа, за членство – Македонците ќе мора или да се избришат или да се – побугарат. Трето нема. Инаку, Унијата за нив е – недостапна!
Разговори се потребни само како подготовка за конкретна акција. Ако нема акција или ако таа не е цел на сите разговори, резултати не се можни. И, Македонија ќе продолжи да оди прудолу, во секој поглед. На тоа дереџе сме. Без тоа, ќе се лажеме како Бугарите – оваа дупка, не е дупка!
Петто и клучно – ако Македонија сака да влезе во ЕУ на достоинствен начин, со македонскиот народ, јазик, историја…, претходно мора да ги расчисти односите со Софија на реципрочна основа – кај нас Бугари, кај нив Македонци. Тоа не е лесна, ама е изводлива задача. Инаку, Софија нема никогаш да нѐ „пушти“ во ЕУ, освен како „Бугари по род“, без јазик…
Шесто, стриктно правило во меѓународните односи е преземени обврски или се извршуваат или да се откажуваат. Откажувањето е секојдневна дипломатска рутина, без оглед која власт извршила предавство. Не е јасно зошто нашите политичари не помислуваат на такви чекори. Ако преземените обврски не се извршат или откажат, спасот нема да дојде од странците, уште помалку од Бугарите. Ако се извршат, пак, Македонците ќе отидат – на ѓубриштето од историјата.
Премиерот е апсолутно во право – „нашата позиција е комплетно предавнички губитничка, врз основа на тоа што потпишала претходната влада“. Меѓутоа, тоа е клучна, и итна, обврска за него – да бара решение за елиминација на предавството! А тоа се постигнува со акција, не со разговори. Власта е веќе на половина од мандатот и, досега, не промени ништо од нашата меѓународна блокада! Нема ни најава. На исто место сме, како и пред две години, ама со ослабена позиција! Времето не работи за нас. Напротив.
Спомнувањето, пак, на 30 септември како на ден Д, за пресврт во Брисел, е тотална бесмислица. Што и да се случи, нема да има никакво значење за Македонија! Унијата нема да се шири како досега, а ние треба да анализираме кај сме и зошто сме тука, и да бараме излезни решенија. Тие се можни само преку одлучна и радикална – акција!
Веќе 40 години врвиме низ тешки голготи, кои во голем дел се трагични. И треба да си тотално неписмен за да мислиш дека причина за тоа се Грција и Бугарија. И да беа тие меѓу најмоќните, немаше да можат сами и толку долго да нѐ игнорираат како држава, народ, јазик, историја… А, во прашање се мали и, главно, сиромашни или банкротирани земји. Тие се нашите џелати, ама без командна одговорност!
Сценаристот и режисерот се во заднината, преку океанот.
Не е логично ниту 40 години да нѐ газат и уништуваат Атина и Софија, а сите други да се невини?! Некои сѐ уште сметаат дека Грција е виновна што во 1993 година, во СБ на ООН, ни беше нелегално суспендирано името и наметната измислена референца!? Или дека Атина ни стави вето на членството во НАТО на самитот во Букурешт, во 2008-та? И во двата случаи Грција немаше апсолутно никаква посебна улога, освен заинтересирана страна. Во СБ на ООН, а уште повеќе во НАТО, доминираа(т) – САД! И, што мислите, ако САД беа против нашето обезличување во СБ на ООН или ако навистина сакаа да станеме членка на НАТО, во Букурешт, некој можеше да го спречи тоа? Никој, а најмалку Грција!
Најавата на претседателот Џорџ Буш во Букурешт дека ќе нѐ примат во НАТО навистина збунува. Но тој беше на крајот од вториот мандат и проширувањето беше негов личен интерес. Тоа, меѓутоа, не се вклопуваше во американските планови за Македонија и регионот. Ако беше на почеток на мандатот, Буш веројатно немаше да се залета и со најавата за нашиот прием, а ако сепак заземеше таков став, тешко дека некој ќе го спречеше! Во Букурешт, Буш го заврши мандатот на крајно понижувачки начин – токму поради Македонија. Лично, тој беше колатерална штета на долгорочни американски интереси во Македонија и регионот. Интереси спротивни на нашите.





































