Проблемот со пасошите се решава со една нота

Став

Проблемот со важноста на документите, а особено на пасошите, со право, го вознемири целото општество, иако е тоа лесно решливо. Ако се знае како. За личните карти е тоа делумно завршено, ама не целосно. Затоа, МНР, Османи, едноставно, со дипломатска нота, треба да ја извести Атина дека Македонија не успеа да ја реализира обврската од договорот, од Нивици, за промена на личните документи на граѓаните во предвидениот рок. Затоа, присилена е тој рок да го продолжи за одреден период. Нашата обврска останува, ама до кога ќе трае тој рок, ќе бидат дополнително известени бидејќи станува збор за огромен број на документи.
Толку, ништо повеќе. Со исто таква нота ги известивме дека договорот е ратификуван во Собранието, дека е променет Уставот… Значи, таква конкретна практика има и околу овој договор. И, сега, ред е да им соопштиме и нешто што нема да им биде баш по волја! Со тој чекор, ќе продолжат да важат и личните карти, како и досега.
Нема никаква потреба некој со некого да разговара, да убедува или да моли. Тоа би било само наше ново непотребно понижување. И, што? Претседателот, или премиерот, или МНР, ќе им се јават на своите хомолози во Атина, ќе им објаснат каков е проблемот, а тие, што можат да им одговорат или ветат? Апсолутно ништо. Никој нема такви овластувања. Само ќе им се чудат на паметот и на неписменоста.
Предложениот начин е регуларна дипломатска постапка. Апсолутно е соодветна и за овој случај. Арно ама, само за тие што знаат. Грција, пак, нема право, ниту простор, на никаков приговор. Нема никаква основа за такво нешто, бидејќи не се откажуваме од понизната согласност за роковите, ниту предлагаме промена на договорот, иако и тоа ќе треба да следува еден убав ден. Информацијата можат да ја примат само на знаење. А, ако се осмелат да тропаат глупости, со некакви приговори, што не би требало да се случи, треба само да се прашаат: А, што спроведовте вие од вашите малобројни или никакви обврски од за нас катастрофалниот договор? До каде стигнавте, на пример, со трите протоколи, коишто мораше одамна да ги ратификува вашиот Парламент? До – никаде. Има и други прашања, ама и ова е доста.
Неспорен факт е дека државата, значи оваа власт, не успеа да ги исполни прифатените понижувачки клаузули од договорот (членот 1, точка 8, 9 и 10) за неразумно предвремено менување на личните документи на граѓаните. И, сега е во тесен ќор-сокак. Изборот им е – или да ги остават сопствените граѓани во немилост и хаос, што би било крајно безумно, или проблемот да го решат на професионален и единствено можен начин. Впрочем, тука нема никаков избор, ниту потреба од нешто такво, туку само одговорно однесување, според расположливите механизми.
Би било многу попаметно на Грција да ѝ се предложи рокот за документите, од пет, да се продолжи на десет години, ама тоа е покомплицирано. Можат да одбијат или да тактизираат, а многу време нема. Во таков случај би била потребна и нивна согласност, а според овој предлог – не е.
Државите се формирани за да се грижат за своите граѓани. Да им обезбедат услови за безбедно и функционално исполнување на нивните обврски, на задоволство и добробит на сите. Оваа наша Македонија, меѓутоа, очигледно е исклучок од сѐ што е нормално. Дека е тоа точно, примерите се секојдневни и вчудовидувачки. Онкологија, М-нав, „Бехтел и Енка“… Крај нема, и сѐ е јасно.

Со наметнатиот рок за важност на личните документи, намерно или не, што и не е важно, власта масовно ги малтретира граѓаните, без да бара решение. Прво и главно, потпишаа катастрофален и предавнички договор со Грција, со којшто прифатија дека ние не сме Македонци туку дека такви – некакви, ама никакви и измислени, имало во Грција. Второ, надвор од умот, со истиот тој поразителен и срамен договор, за којшто ќе мораат и кривично да одговараат, прифатија граѓаните предвреме да мораат да ги менуваат и сите свои важечки документи! Во нереален рок, изваден од левиот џеб и, што е можеби уште поголема будалштина – на лична сметка на граѓаните! Некого го тераш да мора да го смени личниот документ, поради твоја глупост, и за тоа да мора да плати!? Бидете сигурни дека вакво нешто немало ниту во пусто турско.
Без личните документи, луѓето не можат да битисуваат. Им требаат, за сенешто. И, во мизеријава во којашто живее најголем дел од населението, им ставаш уште клинец, не трн, во нога! Барем малку акал да имаа овие од власта! За турканиците нема да зборуваме бидејќи сите сте ги виделе на телевизиите.
Иако може да звучи апсурдно, ама турканиците не се и најголемиот дел од проблемот. Сите ние имаме свои обврски коишто, без соодветен документ, не е можно да ги реализираме. Особено тоа важи за пасошите. Луѓето сега масовно патуваат, што е за поздравување. Многу фамилии се поделени, со нивни членови коишто живеат и работат во странство. Без пасоши, им ја ограничуваш слободата на движење! Јавно се кажа дека уште најмалку 1.300.000 лица треба да ги променат пасошите што, во конкретните услови, не е можно да се заврши ниту за една година.
Имаме министер за надворешни работи, Бујар Османи, којшто не ги разбира работите. Не е директно поврзан со проблемот, бидејќи формациски тој е на МВР, ама има и негова нагласена обврска. И, наместо тој да бара решение, се заканува: „Не надевајте се дека по пропишаниот рок ќе можете да ги користите досегашни патни исправи“! Неверојатно, ама вистинито. Може ли на човекот да не му е јасно дека надвор од земјата, а тоа е токму неговиот ресор, има барем 100 илјади лица (бројка извадена од ракав, којашто може да биде и двојно и повеќе поголема, ама и многу помала)?! Од три земји, лично ми се јавија за совет што да прават? Сите тие, по 12 февруари, ќе останат без својот основен документ – пасошот! Во странство, тие ќе бидат апатриди, без своја татковина. Дали со тоа им се дава можност да бараат азил, со објаснување дека нивната држава се откажала од нив? Ни треба ли најтазе понижување на Македонија? Звучи смешно, ама е жалосно.
И, што да прават тие луѓе? Во огромен број држави немаме свои ДКП, за да го решаваат случајот. И кај што ги имаме, тоа ќе е или ќе може да биде огромна обврска, ама и голем трошок. Непотребен. Прво, ретко каде можат да извадат нови пасоши. Второ, нашите граѓани можат да бидат оддалечени илјада километри од нашата дипломатска мисија, и ако е таа во истата држава! Да не зборуваме каде што ја нема. Во САД, Бразил, Нигерија… Во Кина, Русија.. може да бидат и две и повеќе илјади километри далеку! Тоа се огромни трошоци. Ги оставаме луѓето во невозможна ситуација – ако сакаат да се вратат дома, за да добијат патен лист, ќе мораат да ги бараат нашите ДКП. Впрочем, без важечки пасош, не можат ниту да престојуваат во другите држави! Какви сѐ незамисливи глупости прави оваа држава (?)! Не само во последно време!

Според „Вечер“, од 11/2024, Османи рекол: „Речиси невозможна мисија е пасошите да важат по 12 февруари. Преземените обврски од договорот со Грција мора да се исполнат“! За кого навива тој? За Грција? Рекол и останал жив. Навикнат е на тоа. Ова не му е првпат да навива за нашите душмани, а против интересите на Македонија и на Македонците. Овој пат, меѓутоа, е и против неговите Албанци, коишто се во странство, со важечки пасоши. На тоа, веројатно, не се сетил. Ќе бил повнимателен! Ова е само нов доказ дека човекот има туѓи приоритети и работи за нивните интереси.
Во меѓувреме, премиерот и претседателот си префрлаа еден на друг, чија задача е да се реши проблемот. Де кој требало да се чуе со кого во Атина, де… Видовме дека Османи се сретнал со грчката амбасадорка… Глупост до будалштина, и така без крај. А, всушност, проблемот е – на МНР, и на Османи и, што е најважно, може да се реши и со обична дипломатска нота. Оваа мизерна и за секого од нас навредлива турлитава е резултат на катастрофалниот и предавнички договор со Грција, од Нивици, потпишан од тогашниот МНР. Основата на проблемот е дипломатска, а за тоа е надлежен ресорот на Османи.
Истовремено, како што изгледа и како што треба да биде, по логиката на нештата – досега, никој не го известил светот дека нашите пасоши, со старото име, ќе важат само до 12 февруари 2024. Ако е така, такво нешто не е регистрирано на пасошките контроли, на ниту една граница. Ниту ќе биде, ако не бараме ние. Тоа го има само во нашиот закон и никаде на друго место. Договорот од Нивици е билатерален, а не мултилатерален, и ги обврзува само двете земји потписнички. Никој друг. И во договорот нема дека мораме да го известиме светот дека пасошите со старото име важат до 12 февруари!
За нас, пак, законот треба привремено да се суспендира. Така, проблемот ќе биде решен и дома. Сѐ е просто во животот, ако се знае.
По многу што, Македонија не личи на држава, бидејќи ништо не е како што треба.