Последна шанса!

Каков било позитивен, оптимистички поглед на францускиот предлог може да биде заснован само на доверба во ЕУ и меѓународната заедница, доверба во СДСМ и ДУИ, и на доверба во Бугарија! А неа ја нема, потрошена е!

Последна шанса не е име на агенција за посредување за сериозно дружење, туку често користената теза за поддршка на францускиот предлог. Иако иронично и така може да се разбере „француски предлог – последна шанса за сериозно дружење меѓу Македонија и Европската Унија (ЕУ)“. Но сериозно, дали францускиот предлог беше последна шанса? Ние, Македонија и Македонците, сме имале безброј последни шанси. На една од последните шанси редовно потсетувам, а тоа е дека во 1992 година, да ја прифатевме Лисабонската декларација на ЕУ во името да го нема зборот „Македонија“ досега ќе бевме членка на ЕУ. Да, моравме да го промениме името, но го има зборот Македонија. Дали вредеше децении чекање? Да! Без Македонија, Македонци и македонски јазик нема потреба да постои оваа држава.
Сега, за оваа последна шанса, прашањето се одговара и демантира многу брзо, бидејќи самите поддржувачи во истата реченица со последна шанса ќе кажат и „следните предлози нема да бидат подобри“. Значи не е последна шанса, туку оваа е „најдобриот предлог“ што може да го добиеме. Така, францускиот предлог како „најдобриот предлог“ го пласираа одредени амбасадори во средбите за убедување со нашите политичари. На прашањата за проблемите во предлогот нема одговори, туку сега искористете ја шансата за понатаму ќе видиме. За меѓународната заедница оваа „ќе видиме“ се пласира со позитивна рамка дека „нема да има нови нелегитимни барања“, уверувања дека „нема да има нови блокади“ и сл. Каков било позитивен, оптимистички поглед на францускиот предлог може да биде заснован само на доверба во ЕУ и меѓународната заедница, доверба во СДСМ и ДУИ, и на доверба во Бугарија! А неа ја нема, потрошена е!
ЕУ и меѓународната заедница и доверба тешко дека може да се употребат во иста реченица. Та истите што велат нема да има нови нелегитимни барања и нови блокади нѐ убедуваа за Преспанскиот договор дека е последниот чекор, последната отстапка што мора да ја направиме. Лажеа во моментот кога ни даваа гаранции. Толку од нивниот збор и довербата. Еве, и да речеме, уште овој пат ќе ѝ веруваме на ЕУ, тогаш сѐ зависи од довербата во СДСМ/ДУИ и Бугарија.

За довербата во СДСМ. Пред самото усвојување на францускиот предлог, на некои од ретките поддржувачи на договорот им текна да нудат консензус. Консензусот би бил да се поддржи предлогот, а за возврат да се договориме дека без разлика кој ќе биде на власт доколку има „непристојни барања“ од Бугарија да се прекинат преговорите. Звучи разумно, доколку се има доверба во СДСМ, но во СДСМ не може да се има доверба дека сега ќе се придржува на ваков консензус или заклучоци! Поради историјата на претходни кршења на довербата! Да се потсетиме. Уште далечната 2008 година, НСДП, тогаш веќе опозиција заедно со СДСМ, повикуваше на национален консензус со резолуција за решавање на спорот за името на Република Македонија, во која ќе се каже „недвосмислено цврстиот став дека одбраната од негирање на идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура и заштита на македонското национално малцинство претставува императив“. Да се потсетиме на мноштвото изјави на Зоран Заев и на Стево Пендаровски за непромена на името. На крајот, за македонското национално малцинство се грижеа колку за прекланскиот снег, а името не само што го сменија туку тоа го сторија насила, при што растурија еден куп институции како Собранието, Јавното обвинителство (за амнестијата)…
Сега, за потсетување дека имаме резолуција за прашањата што се разговараат со Бугарија. СДСМ понуди само празни зборови дека се придржува до неа, ниту ред анализа, аргументи дека тоа е така. Та премиерот Димитар Ковачевски не се придржува до своето НЕ и критериумите поради што го кажал тоа не.
Не постои никаква гаранција кога оваа клика во Владата нема да биде спремна на нови отстапки, и тоа не поради пријателство и добрососедство со Бугарија, туку за пуста гола власт. Во СДСМ нема искреност кон пријателството и добрососедството со Бугарија. За тоа не треба да одам во историјата на СДСМ, два примера од сегашноста. Ботовите на СДСМ на интернет и не само тие не престануваат да ја нарекуваат „Бугарка“ или „бугарска кметица“ градоначалничката на Скопје, не како пофалба туку како пејоративна, погрдна етикета. Или на 24 мај оваа година, и Димитар Ковачевски и Кирил Петков беа истовремено во Рим, имаа средба, но не организираа заедничко одбележување. За потсетување, веќе во 2018 година и 2021 година, на премиерско и претседателско ниво имаше заедничко одбележување. Зошто во 2022 година немаше, доколку е искрено пријателството на Ковачевски и Петков?

Зошто сега со ЕУ и протокол ќе се обврземе за Акциски план за заштита на малцинствата (читај Бугарите), кога веќе Македонија има изграден систем со Охридскиот рамковен договор преточен во Устав и закони. Кога имаме АОПЗ или Агенција за остварување на правата на заедниците формирана да се грижи за помалобројните заедници неспоменати во Уставот, како Хрвати, Црногорци, Египќани, зошто нови планови, зошто Бугарите не се веќе вклучени тука?
Затоа што кликата на СДСМ е заглавена во неспособност и криминал, па за голо останување на власт е спремна да прави нови и нови отстапки. За довербата во Бугарија треба да се вратиме најмалку во 2017 година, но тоа во следната недела  (продолжува).

Авторот е аналитичар*
*Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #НЕ