Фото: Влада

Претседателот на државата Стево Пендаровски предлага доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата, тогаш референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“.

Пендаровски ова го изјави во интервју за неделникот „Фокус“.

-Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат – вели Пендаровски во интервјуто.

Предлага да се симне и прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи.

– Да го симнеме прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи и да биде само од оние што сакаат да гласаат тој ден. Власта и опозицијата да го сменат Законот за референдум, да го исчистиме избирачкиот список според она што е нов попис и ви тврдам дека значаен дел ќе бидат „за“ ЕУ, исто како што тврдам дека мнозинството од реалниот електорат се изјасни позитивно на референдумот за Преспа – вели Пендаровски.

Идејата за референдум ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ откако од македонска страна беше прифатен францускиот предлог.