Отворено писмо до Емануел Макрон

Записи во несоница

Почитуван господине Емануел Макрон, претседател на Република Франција, ви го пишувам ова писмо како жител на еден мал и столчен народ, некогаш голем и славен, чии рани Вие и вашите бриселски колеги не ги знаете. „Боли, ама истрпете“, потоа ќе ви се отворат вратите на ЕУ, велите. Но Македонците се страшно понижени и навредени од бриселската дама, која во една песна пред столетие и кусур ја опеаја дијагностички како „вавилонска блудница“, онаа и од Откровението на апостол Јован. И не погрешија во дијагнозата.

Европа. Голем цивилизациски поим. Но што подразбираме под Европа ние Македонците и преостанатиот свет? Тоа се нејзините западни колонијалистички нации, кои го преораа со својот авантуризам за материјално богатство светот и притоа уништија цели други цивилизации, како што се, на пример, тоа Маите, Инките, Ацтеките и Толтеците во Јужна Америка, и Индијанците во Северна. Тоа е ариевска Европа и пред Хитлер, која си зеде за право да дели демократија и да воспоставува ред и мир во светот. Винстон Черчил, кој за нас Македонците не се разликува многу од нацифашистите, оти нè ништеше во Беломорија со напалм-бомби, лукав, за да ги замачка работите го оправдуваше западноевропскиот колонијализам со демек добрата намера да создаде од колонизираните „стабилни системи“ што ќе функционираат по западен демократски терк. Шипинки. Всушност, тоа беше само изговор за новите, по средниот век, крстоносни пљачкашки походи на темпларите на западната цивилизација. Да. Па зарем и Черчиловите Англичани беа во Индија за градење „стабилен систем“ или за очигледен материјален грабеж? Ако не знаат за тоа нека го прашаат Ганди.

Да, месје Емануел Макрон. Па и француските колонијалистички авантури ли беа во таква мисија на Блискиот Исток, во незаштитената со прекрасна душа Африка и во Јужна Азија? А? Ако, пак, некои работи на тој план не ви се јасни прочитајте ја двотомната книга „Антропологија на смртта“ на сјајниот Ваш сонародник Луј Винсент Тома. Во неа тој доблесен француски дух, на кого треба да се угледате, детално ги истражува и дава на увид сите западни геноцидни проекти по светот. Меѓу нив некои имаат и перверзно хуманитарно лице, како што се тоа ќебињата со вируси од тифус и вариола вера за Индијанците во Америка и за некои други народи во светот. Сјаен Французин, кој аналитички ја демаскира западната ариевска цивилизација, сега скриена зад божем космополитската и хуманистичка маска ЕУ.

Да. А, всушност, благородниот проект Обединета Европа, месје Макрон, изворно не е ни на Моне, ни на Аденауер, туку на Виктор Иго, и, заедно со него, и на видовитиот руски анархист Михаил Бакунин. И двајцата тие, пак, беа меѓу најмаркантните членови на Лигата на народите во втората половина на 19 век, која ја растурија некои слични на денешните бриселски политбирократи со деструктивна психа. Тоа е вистината. И кога сега Иго и Бакунин би станале од гроб би ги фрлиле нив во бездна затоа што го изневерија и извалкаа нивниот свет идеал за Обединета Европа. Таа во која би имало место за сите народи на Стариот Континент без циничната ариевска методологија, месје Макрон, што ја предлагате Вие посебно за некои народи, меѓу кои се и Македонците. Тие стојат пред портата на ЕУ како пред портата од „Пеколот“ на Данте на која пишува „Оставете секаква надеж“. Тој слоган е трауматичен за нас Македонците, месје, посебно во Вашиот таканаречен француски предлог, со што го потврдувате континуираниот екстремно негативен однос на француската политика тука. Постојат многу примери. Ќе го дадеме за илустрација само оној поврзан со Версајската конференција по Првата светска војна кога силите на победничката Антанта сурово ја казнуваа Германија со што всушност подоцна беше отворена вратата на Втората светска војна, оти Европа е мајстор не само за катастрофи на другите туку и за самокатастрофи. Во Версај беше на маса и жална Македонија. Тогаш Италија понуди за неа автономија, а Англија само културна автономија. Франција беше и против едното и против другото. Тоа, и таква е до денес француската политика кон Македонија, која сега Вие votre majèsté, новиот Луј Четиринаесетти, le roi du soleille, ја подигна на уште повисоко саркастично ниво со Вашиот „француски предлог“ со кој ултимативно барате да ги впишеме 3.500-те изјаснети за Бугари во Уставот, плус и да ги задоволиме сите барања на источниот сосед за наша бугаризација како измислен народ без историска меморија. Навистина жално, месје, ото по сè изгледа Господ не влегол во вашите и други западни велелепни катедрали, кои Шпенглер ги дефинира како „камена музика“. Се разбира како естетика, но не и како онтологија.

Почитуван месје Емануел Макрон, дали некогаш сте го читале Светото писмо, во кое нашето Име, кое вие западните сатрапи во заклавте во Преспа 2018, е втиснато со божји печат уште на првите негови страници, протегајќи се како златна жица низ него од Стариот сè до крајните брегови на Новиот завет, кога во Македонија според Божја промисла доаѓа најревносниот Исусов апостол Павле. Доаѓа за оттука да ја христијанизира и причести со Радосната новозаветна вест паганска Европа, која, за жал, сè уште остана таква со страста да ги уништи идентитетски Македонците. Во таа темна канибалистичка страст да се изеде идентитетски еден цел народ се и вашите сега-засега омилени Бугари. Со Грците и Преспанскиот договор за истата цел веќе засега ефектно ја завршивте работата, иако сега тие преку фанариотите во Фанар работат и на целосно уривање на третиот македонски идентитетски столб – црквата.

Ама ве уверувам, месје Емануел Макрон, нема да исчезнат, посебно не идентитетски, Македонците на кои вие од Брисел со вашите балкански предатори сте им се намерачиле. Нема, бидејќи и апостол Павле на самиот почеток од неговото Послание до солуњаните вели дека се тие „народ од почетокот избран за спасение“, народот што тој го дефинира како „светлина во расипан род“ (Европа н.з.), со кого има намера да се пофали и пред Господ. Се извинувам ако сте можеби атеист, месје Макрон, па ви е тешко да го сфатите тоа со логосот на познатиот француски рационализам што го озакони Декарт со сјајната, и претсократовска, максима „Мислам, значи постојам“. Што значи, едноставно, да се осмислува постоењето со мислење, за истото тоа да биде поблагородно и побожествено. Тоа всушност му беше познато и на Иполит Тен, кога во посмртниот есеј за Сент Бев рече: „Тој живееше за да мисли“. А Вие Претседателе на картезијанска Франција дали ја исполнувате таа норма со Вашиот „француски предлог“ што ѝ угодува на фашистичката програма на бугарската влада за апсолутно идентитетско бришење на Македонците? А? Но по сè изгледа не.

Уште многу имам да ви пишувам месје Емануел Макрон, ама сме при крај и немој да мислите дека ја мразам Франција. Не. Бев не случајно и стипендист на француската влада 1978/80 на „Сорбона“, заљубен во францускиот јазик, литература, сликарство, филозофија и култура. За тоа се оддолжив. Ги преведов на македонски, во книги, Расин (четири трагедии), Пол Валери, Оскар Милош, Луј Арагон, Пол Клодел и уште неколку арапски поети што пишуваат на француски, како и уште триесетина француски поети во антологијата на Роже Лае, „Севернофранцуска поезија“. Но со вашата француска рамка за решавање на бугарско-македонскиот спор месје Вие како да заборавивте на хуманистичкиот завет на француските енциклопедисти: Волтер, Русо, Декарт, Даламбер и другите, кои по Револуцијата го донесоа просветителството во Европа, нејзината демократска пролет што требаше да пулсира под лозинката égalité, fraternité, liberté. Но сето тоа траеше кратко и денес ништо од тоа не остана.

Изгледа залудно деноноќно за тоа работеше и гилотината на месје доктор Гилотен, пронајдок што може да го измисли само француската имагинација, која и Вам не ви е туѓа месје Емануел Макрон во намерата со Бугарите да им ја отсечете идентитетската глава на Македонците. А тие, сè до вашиот „француски предлог“, месје, наивни, сè уште веруваа во тоа дека Франција е локомотивата на европската демократија. Но вие целосно ја урнавте таа нивна заблуда, оти тие сè уште не можат да се изначудат како можевте со таква леснотија меѓу фашистичка Бугарија и антифашистичка Македонија да ја, имено, одберете Бугарија за Ваш фаворит. Па, нека ви е на здравје. A votre santé. Убаво рече и големиот германски писател и хуманист Томас Ман дека „Хитлер е победен, но не и фашизмот!“. Со идентитетскиот геноцид сега над Македонците од бриселска Европа, а во кој со Вашиот предлог силно сте вклучени и Вие (хипо)тезата на Ман е par exellence потврдена. Затоа на крајот од ова писмо, месје Емануел Макрон, во мое и во името на антифашистичкиот македонски народ ве поздравувам со добропознатата пролетерска максима: „Смрт на фашизмот, слобода на народот“. А во варијанта на македонските комити и Асномци таа гласи „Слобода или смрт“. Оти, можеби не сте го знаеле тоа дека, Македонците како и Христос смртта со смрт ја победуваат и преобразуваат во живот.