Фото: пиксабеј

Министрите за здравство на земјите членки на Европската унија вчера на состанокот во Луксембург усвоија препорака со која бараат да се поттикне помала потрошувачка на антимикробни лекови, меѓу другото, намалување на потрошувачката на антибиотици за 20 проценти до 2030 година, пренесува Хина.

– Не можеме да ја игнорираме смртоносната закана што микроорганизмите отпорни на лекови ја претставуваат по здравјето на луѓето. Борбата против антимикробната отпорност беше клучен приоритет на шведското претседателство, а денешната препорака им дава на земјите на ЕУ алатки за следење и намалување на потрошувачката на антимикробни средства – рече Јакоб Форсмед, шведски министер за социјални работи и јавно здравје.

Здравјето е ексклузивна надлежност на земјите-членки, затоа Советот на ЕУ не може да донесува обврзувачки регулативи туку препораки кои земјите-членки можат да ги спроведуваат на доброволна основа.

Препораката е насочена кон превенција и контрола на инфекции, надзор и мониторинг, иновација и достапност на ефективни антимикробни средства, претпазлива употреба и соработка меѓу земјите-членки и на глобално ниво.

Во соработка со Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), препораката поставува неколку цели на ЕУ кои треба да се исполнат до 2030 година.

Станува збор за намалување од 20 отсто во вкупната употреба на антибиотици кај луѓето, ефикасна употреба на антибиотици, така што најмалку 65 отсто од вкупната употреба на антибиотици е ефективно и намалување на инфекциите со три клучни бактерии отпорни на антибиотици, најмногу во болниците.

Антимикробните средства се лекови од критична важност. Сепак, поради нивната прекумерна употреба и злоупотреба со текот на годините, антимикробната резистенција е зголемена, што значи дека антимикробните средства ја губат својата ефикасност, што го прави сè потешко или невозможно лекувањето на инфекции.