Понеделник наутро. Низ отворениот прозорец, свежината и тишината ми ја урамнотежуваат душата. Пијам кафе, цигара во раката. Скопје е празно како Пандорина кутија. Празник е, Велигден, Христос воскресна. Сакам кога однадвор бучавата не ми ја вознемирува мислата. Таквите будења ми носат поезија во стварноста. Тоа се мигови кога животот го доживуваш како испратена прегратка од вечноста. Голтка кафе, палам нова цигара. Фрлам краток поглед кон телефонскиот апарат, кој дреме оставен на масата. Ми го лови погледот. Само што не прозборел. Уклучи ме! Закачи се на мрежата! Врмежи се! Види што имаат да кажат пријателите, јавноста, планетата…
Вртам поглед. Одмавнувам со раката. Ма, јок! Нема шанси. Знам што ќе ми донесе мрежата. Бучава среде тишина. Тинк, тинк, тинк… Секој секому му честита. Празнични селфија и фотографии од трпезата. Јајца, насмевки, зајчиња… зошто, по ѓаволите, зајчиња и каква врска тие имаат со воскреснувањето… празничен фотошоп, „мудрости“ и зајдисонца од продолжениот викенд во Грција. Не, благодарам! Утринската свежина и градската тишина ја мешам само со кафе, чад од цигара и сопствената опуштеност, која сака да мирува, да тихува.
Ми убеди на третото кафе. Проклета навика што те тера да брцнеш нос во телефонската направа. Мазохизмот има дефиниција, желба да се биде уловен во мрежата. Каков пораз за поетичноста на вечноста. Се вмрежувам. Тинк, тинк, тинк… Боже Господе, ама што е ова, што, по ѓаволите, се случува? Гринч го украде Божиќ, Орбан го киднапира Велигден. Полуделе сите… пријателите, јавноста, планетата… Лицето на Виктор ги замени сите црвени јајца и глупави зајчиња. Орбан изгуби на изборите, како тоа ќе влијае врз глобалниот светски поредок, утринскиот секс и расположението на инфлуенсерите? И по Тито, Тито, ама по Орбан, Маѓар! Орбан ја изгуби власта, а Чак Норис не е веќе жив за да ја најде и да му ја врати назад…
Напад на сите сетила. Набројувам омилени Унгарци за да се спасам од психотичната опсесија во која сите прекуноќ, очигледно западнале. Ференц Молнар, Ференц Пушкаш, Ефраим Кишон, Иштван Сабо, Заза Габор, Габриела Пироска Межарош… Не помага! По секоја запирка излетува некој коментар, наслов или анализа за унгарските избори. Па добро бе, не падна Орбан од Марс, падна од власт. И што кој мој тоа има врска со светот, планетата и вечноста? Европската Унија го слави падот на Орбан! Ама зошто, побогу? А-ха, слатката Урси се претвора во „девојка са чардаш ногама“ и сега од радост расфрла колкови, затоа што ќе ѝ се исполнат сите возбудливи соништа за украинскиот фронт и борбата на ЕУ-џедаите против лошите руски лопати и чиповите извадени од вибратори и миксери со кои Кремљ ја вознемирува Европа.
Изгледа нешто сум пропуштил во големата геополитичка распределба на моќта низ планетата. Јас мислев дека Орбан е само долгогодишен премиер на Унгарија, малку инаетлив и во конфликт со своите партнери од ЕУ околу мигрантите и војната во Украина, не затоа што баш тој е којзнае колку егоцентрик, туку едноставно такви се Унгарците, специфични, море и со терсене табиет што би рекла баба ми, патем, истите тие ЕУ-фаци, стално повторуваат како го пратиле да пие кафе кога им требало да изгласаат не знам што, демек небитен, кога ваму ЕУфорија, како да е најбитен мадафака на планетава. Ме фати страв за човекот. Си велам, да не стане Трамп на лева нога, па да види како Орбан му го зема светскиот чалам и одеднаш, од негов поддржувач, да реши да го црпне од Будимпешта и да го однесе во една соба каде што го заборавија Чавез и неговата приказна.
А-ха, Трамп! Преку него можам да побегнам некаде каде што е помалку напнато. Блиски Исток, на пример. Персија и Орбановиот теснец… уф, Ормускиот Теснец. Така е! Чекај да видам дали Трамп ја надгради блокадата на својата блокада со која ја блокира блокадата на Иранците. Којзнае, може ќе му се придружат и блокадерите од Србија и сите заедно ќе го блокираат ова лудило поврзано со Унгарија и… ми ѕвони мобилниот телефон.
„Честит Велигден! Христос воскресна!“, крши јазик другарка ми од Загреб. „Навистина воскресна!“, враќам, па, „Каде си?“, прашувам затоа што често знае да патува. „Дома сум“, ми вели, „Во Загреб, на Орбан Јелачиќ… јој, извини… на бан Јелачиќ… цел ден ми излегуваат на нет глупости за унгарските избори, па почнаа да ми се мешаат во стварноста“. „И мене“, ја тешам, „А фене еѓје меѓ, бозмеѓ! Гледаш? Почнав и на унгарски да пцујам, аз ордог виѓјен ел!“
А мислев дека попладневната дремка ќе ми помогне. Гадно се излажав. Сонот веднаш стана кошмар. Кошмарот грабна далечинско и вклучи телевизија. Вести! Ајатолахот го преименува Ормускиот Теснец во Орбановиот патец. Брачна кавга во Белата куќа: Трамп побарал од Меланија да му зготви гулаш, а таа, загрижена за иднината на светот, по грешка му спремила паприкаш. Звукот на вестите ги надгласува врева однадвор. Автомобили, врисоци на радост, размавтани партиски знамиња, СДСМ слави победа во Унгарија. „Победивме во Њиреѓхаза и во Кечкемет“, врескаат, „Победивме во Секешфехервар, Сомбатхељ и Бекешчаба“. Двајца се приближуваат под мојот прозорец. Ги препознавам Филипче и Жерновски, кои злобно ми се смешкаат додека се надвикуваат: „Нема веќе за тебе, Русјаков, пријатни унгарски соништа во кои под твојот прозор си играат децата од Павловата улица. Доаѓаат кошмари, а со нив и момците од Бихаќка!“
Се будам во паника со тешки геостратегиски прашања што ми се вртат околу главата. Дали на следните нордистански избори ќе се прелее унгарската атмосфера, па ќе имаме три десни партии во собранието: ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ќе ја направи вратениот Груевски и мојата поетска партија од фантазијата, наречена „Штом тие лево фатат, јас десно одам“. Како унгарските избори ќе влијаат на расположението на Доминик Собослај, оти само он држи некаква форма во Ливерпул? Како да ја завршам колумната бегајќи од темава? А-ха, се сетив… Заза Габор или Геил Гадот? „Јас немам унгарски корени“, ми шепнува Геил од потсвеста. „Знам, ама твоето презиме ми се виде доволно блесаво за да се вклопи во лудилото што ме опкружува. Да не сакаш да го промениш во Русјакова?“ „Ми предлагаш брак?“, се смее убавицата со израелски, чешки, полски и германски корени. „Зошто да не?“, се смеам и јас, „Ја знам тајната за успешен брак. Ми ја кажа најсмешниот Унгарец на планетава, а гласи: Тајната на долгиот брак е во мудрото живеење. Јас и жена ми наоѓаме време за да одиме во ресторан, двапати во неделата. Светлоста на свеќите, тивка музика, танц, вечера… Таа оди во вторник, а јас во петок“.






























