Денес во Италија се одржува голем собир на европските суверенистички движења
- Во своето обраќање во престет на денешниот собир, лидерот на италијанската партија Лига и близок соработник на премиерката Џорџа Мелони, Матео Салвини, изјави дека станува збор за мирен протест против, како што вели, „погрешните приоритети на ЕУ, премногу средства за вооружување, а недоволно за справување со скапата енергија што ги погодува граѓаните и индустријата…“. Тој рече дека движењето ќе се залага за „различна Европа од оваа што ја води Урсула фон дер Лајен“, со акцент на итни чекори за повторно отворање на каналите за руски гас
Во време на растечки енергетски притисоци и политички несогласувања во рамките на Европската унија, денес во Милано се одржува голем собир на европските суверенистички движења, предводен од лидерот на италијанската партија Лига и близок соработник на премиерката Џорџа Мелони, Матео Салвини.
Салвини не само што јавно се заложи за обновување на договорите со Русија за увоз на природен гас, и покрај актуелните санкции на ЕУ, туку организира и масовна манифестација под мотото „Без страв во Европа – господари во нашата куќа“.
На собирот се поканети претставници од повеќе европски земји, меѓу кои Франција, Холандија, Австрија, Грција, Унгарија, Шпанија, Естонија и Данска.
Во своето обраќање во престет на собирот, Салвини нагласи дека станува збор за мирен протест против, како што вели, „погрешните приоритети на Европската унија, премногу средства за вооружување, а недоволно за справување со скапата енергија што ги погодува граѓаните и индустријата“. Тој најави дека движењето ќе се залага за „различна Европа од оваа што ја води Урсула фон дер Лајен“, со акцент на итни чекори за повторно отворање на каналите за руски гас.
Паралелно со политичките пораки, и бизнис-секторот испраќа слични сигнали. Генералниот директор на енергетската компанија ЕНИ, Клаудио Дескалци, повика на преиспитување на санкциите и предложи суспензија на забраните за увоз на руски гас. Според него, Европската унија треба да го смени курсот доколку сака да обезбеди стабилност и пониски цени на енергенсите.
Од друга страна, во контекст на овој настан, Москва испраќа сигнал дека е подготвена за соработка. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е отворена за продолжување на испораките на гас кон ЕУ, „доколку постојат преостанати количини по снабдувањето на алтернативните пазари“.
Во меѓувреме, за издвојување е фактот дека Европската унија се соочува со рекордно високи цени на гасот, при што најголемиот дел од течниот природен гас (LNG) доаѓа од САД. Според податоците на Европската комисија за 2026 година, повеќе од две третини од увезениот LNG во Унијата потекнува од американски извори, што претставува највисоко ниво на зависност од САД досега.
Овие случувања отвораат сериозна дебата за иднината на европската енергетска политика, односите со Русија и економската одржливост на сегашните стратегии. Собирот во Милано може да биде сигнал за продлабочување на поделбите во ЕУ, но и почеток на нова политичка и економска динамика на стариот континент.































