Како и да се толкува, зборот диктатор во класичен контекст се однесува на „главен магистрат“, кој за време на вонредни состојби во Римската Империја, стекнувал апсолутна моќ. Објаснувањето е дека таа личност никогаш не дејствувала настрана од законите ниту била неодговорна во носењето на одлуките. Потоа се појавиле „принцепси“, односно римски цареви што злоупотребувале. Подоцна низ историските периоди, диктатурата енормно ги засилувала автократските методи на управување без разлика на системите или идеолошките предзнаци.
Попусто е повторно да се вадиме на Адолф Хитлер, Јосип Васиоронович Сталин, Ле Дук То, Иди Амин Дада, Енвер Оџа, Чаушеску и многу други како типични претставници на апсолутистичкото владеење, кога гледаме дека и во демократските држави падна пердето на демократско однесување на владејачките гарнитури. Избраните на демократски избори сѐ почесто ги изразуваат своите системски – авторитарни методи, кои ги ставаат во улога на уште пострашни суверени поткрепени од елитата, која ги реализира своите замислени цели. Колку и да е апсурдно, се чини дека свеста за демократија е далеку посозреана кај оние што до вчера стенкаа под чизмата на тоталитарното владеење отколку кај оние што со векови негуваат демократија. Ова секако е реа на времето што го живееме.
Се чини дека сѐ е подложно на промени во општеството и животот иако во суштина сѐ си останува исто. Само глазура врз старата срцевина. Впрочем, кому му е гајле што се случува ако има завиден статус во општеството, односно во животот. Ова е јаве што ни се нуди иако по малку е и реалност со апстрактна заднина. Веруваме, живееме, но се лажеме дека го правиме тоа. Фасцинантно е колку брзо се менуваат времињата и состојбите. Попусто е да се размислува околу феномен врз кој не може да се влијае ако не е програмска шема на нешто помоќно од нашите цивилизациски можности. Особено во омиленото олимписко натпреварување на хомо сапиенс структурата – политиката. Чиста политика, политика со пречки, политика со малку политика во неа, маратон што претежно го трчаат диктаторите од сите провениенции оти човекот е суштински диктатор. Погледнете едно семејство. Без разлика дали е во матријархат или завиено во патријархална обланда, личноста што има доминантна позиција, дали во помала или во поголема мерка, сака да воспостави господарски однос врз другите. Некој ќе каже дека таму каде што е ќесето, тој е диктаторот. Потоа се изнедруваат фракции и здружувања со цел местото да го земе некој опозиционер што многу пораснал и се засилил.
Се случи левицата да се претвори во десница, а десницата во левица. Средината опортунистички по потреба и таму и ваму. Кутриот електорат начисто збунет за кого да го даде гласот бидејќи политичките платформи на двете страни се сведуваат на едно – владеење. За идните избори добро знам за кого ќе го дадам гласот. А бе, ајде! Или нема да излезам на гласање. А бе, ајде! Ќе излезеш и уште ќе прашаш зашто човекот бргу заборава. Освен тоа, имаш семејни потреби, имаш пријатели што се длабоко во политиката или и самиот си во неа. Ете затоа сме на ова дереџе кога светот гори иако елитите можеби го чувствуваат тоа како начин да зафатат што е можно повеќе од азното. Потоа се случува нати – фати и плукање по оние што дотогаш владееле. Тие што ја загубиле власта, како опозиција се чисти како ангели. Сега се коректори на сите грешки што ги направиле, а се препишуваат на власта. Јунаци зад грмушка. Кога сите заедно ќе се најдат на зорт, измислуваат „спектакуларни“ промени што ќе им го подобрат животот на сенкилотите (без гаќи ама и духовно осиромашени). Електоратот и понатаму ќе има право на свој избор. Измамен којзнае колку пати, ќе почне да поткраднува и благо да го крши законот. Мора да опстане. Верува дека ќе му биде прогледано низ прсти ако е со победникот. И така, задоволен од сопствената позиција, ќе си го истурка „слаткиот прекрасен животец“, кој го нема веќе ниту во филмските саги. Едит Пјаф пееше за животот во розово, а Бенини го сними тој прекрасен живот. Ноти, зборови, слика и толку. Човекот самиот го прави животот пекол. Дури и кога е во изобилие.
Како да се одбегне ниското ниво во кое ни крива ни должна се најде политиката измислена како дисциплина за опивање на масите со кошеви полни ветувања? Човекот за сѐ ќе најде чаре, ама за промени – никако. Комодитетот не смее да се допре. На обесправените тоа им се претвора во навика. Атлас ја носел земјата на својот грб и молчел. Одвреме-навреме малку ќе се притресел од неправдите што му се прават врз грбот, но тоа било сѐ. Некој треба да владее, некој да слуша. Така е предодредено. Од кого, не знаеме. Мали сме за тоа. За понатаму, нека ни е на помош Небото. Кој знае тоа во каков систем живее? Аман, само да не е пресликан од земниот. Или можеби е обратно?
Изгледа апсурдно ама за кројката наречена човек, се чини дека е неопходен диктатор. Тупаница на столот, ниско обесени густи веѓи, смешни конобарски мустачиња ала Хитлер, а тука е и Сталин со густа влакнеста кројка. Може да биде и голобрада холивудска ѕвезда. Таму сѐ е филм, претстава. Толку заслуживме. Само така може да нѐ стават во трло, да се стави ред во хаосот што сами го правиме. Само така, народот нема да аздисува. Сеедно дали е комунистички или демократски хаос. Се чини, иста кројка. Диктатурата е еднонасочна улица и верен сопатник на системите. Има сличности и со демократијата иако се идеолошки спротивставени. Двете се покриени со тешки театарски стори и имаат кулоари зад кои се крие вистинската вистина. Или се управува со апсолутистички пристап при што народот им се крсти на диктаторот и државата или со демократски мерки изразени со многубројни закони и… воени кампањи со цел да се пренесат определени вредности или да се зачува светскиот мир, кој стои на клацкалка поради заканата од оние „без гаќи“. Во демократијата е понудена целосна слобода, а тоа значи дека „кучињата лаат, карванот минува“. Пливаме во неограничена слобода и затоа енормно се зголемуваат аномалиите што ги кршат законите, а сторителите ги полнат апсаните. Човек, тоа ти е. Тој како да обожува да проба мед дури и по цена на притвор и затвор. Голем број понуди од страна на пазарот за хедонизам и кој е тој што ќе им се спротивстави? Само еднаш се живее, нели?
Диктаторите си биле и ќе си бидат. Се разбира, со различни патолошки индикатори. И нема систем во кој не биле на пиедесталот на власта. Во суштина, тие се бесмртни. Се разбира, се разликувале еден од друг по рубата со која ќе се нагрнеле. Така ѝ било пишано на нашата кутра планета. Тоа најдобро го знае Атлас. Тој е принуден да нѐ трпи. Патем, ние цивилизациски како да се стремиме кон самоуништување. Војни, оружје, смрт, политика. Е сега да не остане покусо, да ги спомнеме и локалните диктатори. Тие локално го наметнуваат својот лажен авторитет и сурово се наметнуваат во семејството. Веројатно го држат ќесето бидејќи без него се „голи“. Значи само положбата и методите ги прават диктатори. За нив нема избори. Може да се вразуми, но и да биде натепан од своите.
Последните случувања на светската сцена како да нѐ убедија во тоа дека треба да се престане со стриктната поделба на општествата и нивните идеологии. Разликите едноставно исчезнаа, па се чини дека и демократите обожуваат диктаторска моќ. Убаво се чувствуваат и во таа руба ама сега отворено – ачик, што се вели. Не е чудо бидејќи се чувствуваат моќно. Што ќе биде со претставата доколку нема кловнови… за да не биде досадна?
Љубомир Јованоски
Авторот е писател































