О неписменех: Кои сте бре вие?

(Манифест за нормална држава)

Кои сте бре вие и од која дупка излеговте? Вие, неписмените а возгордеани (колку понеписмен, толку повеќе се цени!) способни само за дрпни-лапни, без разлика дали се колнете во чесниот крст или во чесната полумесечина? Тешко им на писмените меѓу вас! Кои сте бре вие, за кои Македонија е само добро платена хонорарна работичка, part time job што треба да ја одработите за вашите партиски и глобалистички газди, а ги запоседнавте собранијата, заседанијата, форумите и агорите, фондовите, фондациите за култура, министерствата, владите, трибините, плоштадите, па гракате во еден ист хор со враните што го најавуваат светското царство на постхуманитетот?
Кои сте бре вие, на разни положенија и функции со рацете во џебови, што си играте билијард со тестисите додека чекате плата, вие што доведовте до тоа Македонија да биде република во воздух, меѓународно признаен интерконтинентален чартер, држава во егзил на 9.000 метри надморска височина, ќелепур џет-сет држава во авиони кои нас, од сите националности и вери, нè носат до нашите раселени деца по целиот свет? Кои сте бре вие што направивте Македонија да не биде веќе држава, туку само состојба на духот, мит, сеќавање и архетип, дестинација на авиобилет испишана во графата DEPARTURE FROM?
Кои сте бре вие што не знаете како се отвора книга, зашто знаете само како се отвора конзерва „ред бул“ и коверт за тендер со провизија? Кои сте бре вие, металик-црни лебарки (со своите џипови), што надојдовте како поплава и по амфитеатрите, па како скакулци ожнеавте амбари магистратури и докторати? Па отворивте и Mc drive универзитети на секоја бензинска станица, каде што продававте резервни гуми и дипломи?
Кои сте бре вие, довчерашни препродавачи на пипер и лук, и како дојдовте до тоа на Кванташки во Брисел и Вашингтон да препродавате историја, свети мошти и национални архетипови, па поднесувате амандмани за геополитика, ботоксирање на историјата и за еколошки чисти историски буништа, кои од вас ги бара пречистата блудница Европа, на која матката ѝ е истенчена од историски киретажи и абортуси на цели народи?
Од каде дојдовте бре вие, на кои Македонија им е само ухлебие или парцела што треба геодетски да се обработи, според упатствата на Западниот политички катастар? Кои сте бре вие што преименувате држави, улици и споменици а името татково не си го знаете? Што напудрени како француски енциклопедисти и хуманисти на ТВ-емисија во живо повеќе се грижите за бездомни кучиња одошто за вашите бездомни браќа на кои контејнерите им се цел синџир европски супермаркети: „Лидл“ на ангро?
Кои сте бре вие, за кои преку партиски телефони се молеа шестки, за да станете политички ебиветри, амбасадори на непостојна држава или министри за оптимизам и ведро време, а потем им ги киневте главите на истите тие професори (никој не сака сведок на своето коленичење) што ве помилуваа како неграмотни, ама не можеа да скријат дека сте и срамотни?

Кои сте бре вие, кои решавате за цената на лебот, а едно зрно немате посеано со испотеното чело на сејачот, ниту еден леб во животот имате испечено со испотеното чело на пекарот? Кои сте бре вие, директори и претседатели на управни одбори, на кои за една седница се зема плата на чесен универзитетски даскал, што не знаете како се пишува вторник, со „в“ или со „ф“, па затоа закажувате седници во понеделник или среда?
Кои сте бре вие, дигитални креатури со таблети, на кои ракописот, кога се потпишувате на милионски суми, им изгледа како потпис на фактура за ќумур? Кои сте бре вие, неуспешни антрополошки дизајни со најнови андроиди в рака, да ги прогонувате моите деца од дедовиот Верољубов двор и да ги праќате сургун, во потрага по црн леб по бел свет? И да крекате: „И моето дете има право да работи, дискриминирано е зашто јас, негов татко, сум познат политичар“, па ги пикате во сите врвови на општеството, да дишат воздух на надморска височина од четирицифрени броеви изразени во евра?!
Кои сте бре вие, што додека ние компаративно ги читавме Елиот и Конески и станувавме во четири да студираме странски јазици (вие спиевте до пладне), ние кои знаевме дека Македонија ОДАМНА е Европа според културата, нам сега да ни држите лекции по европска политичка авангарда, футуризам и надреализам во идеологијата на идниот најубав свет? А вчера ги фрливте опинците во првото предградие и купивте салонски чевли од партиска апанажа?
Кои сте бре вие, интелектуален гној и лој покриени со најскап парфем украден од собраниската и владина репрезентација? Кои сте, од каде дојдовте, што мајки ве родија и на каков леб без духовен квасец израснавте? Кои сте бре вие што говорите за предавства, а самите себеси се предадовте и продадовте? Кои сте бре вие што во џебот почесто имате пиштол одошто пенкало, што собирате живи луѓе на дигитрон како прости собироци пред избори, вие за кои „сè си има цена“ (да живее потрошувачкото општество што и емоциите и патриотизмот ги пакува стерилно во целофан по ХАСАП стандарди)? Кои сте бре вие, кои кон државата се однесувате како кон кенеф на локална автобуска станица во кој не пуштате вода зад себе („Па и пред мене не пуштиле, зошто јас да пуштам!“)?

Кои сте бре вие што дозволивте Големиот Западен Брат врз нас и нашите деца експериментално да тестира сомнителни лекови и политички системи? Вие што од Уставот направивте споровозен трамвај без врата во американско предградие, па може да се качи секој во движење, да се повози шверц, без карта? Вие, кормилари на брод на кој целиот народ ви е слеп патник под палубата, додека на палубата вие пиете шампањско со напудрените перики – емисари, медијатори и разни други агитпропагатори и идеолошки радијатори?
Кои сте бре вие, едно големо НИШТО, и како настанавте ex nihilo, кога само Господ може да створи НЕШТО од ништо, кога од ништо не може да се створат ни две ништа (а камоли НЕШТО), зашто нештото се дели, а ништото – не?
Ах, што не е жив Гане, да ви каже кои сте, од А до Ш (па обвинете му ја поезијата за говор на омраза): арамии, абдали, акмаци, болигазовци, бесрамници, бесчесници, витосници, вопери, влекачи, гниди, гадурии, грабачи, давајгазовци, драпајколчишта, дибеци, ѓурултаџии, ѓонобрази, ѓозбојаџии, евнуси, евтинџии, есапчии, жонглери, жганови, живодери, замети-зачисти-забриши, испичутури, изроди, измелезени, јавашлии, јагмаџии, јаничари, килави, курташаци, ќесеџии, незадоени, наакани, неранимајковци, острастени, ороспикефлии, отчовечени, паликуќи, простаци, подлизурковци (прдежи со претензии за громови), растурикуќи, разумогубители, распојасани, сеирџии, сезнајковци, сенештари, токмаци, тепајкамајковци и тепајтатковци, ќарлии, ќелеши и ќелепури, ујдурмаџии, утки, учкур-костумлии, фејсбук-фанариоти, фалшиви, фалсификатори, хохштаплери, хајкачи, хулници, цензори, цепеници, цепидржави, чауши, чатпатлии, чедоубијци, шалабајзери, шарлатани, шутраци!
Зар вистина мислите дека ние, обичните, само затоа што сме добри долготрпеливи христијани и муслимани сме и толку глупави и будали, па не гледаме кои сте? Мавнете се во дупките од кои излеговте, иставете се и отстапете им место на праведните, учените и чесните. На словесните. За конечно да напишеме нов „О писменех“ за државава, доста веќе со О НЕПИСМЕНЕХ.