Метафизика од Будалија до Безименија

И глупоста е метафизички факт М. Крлежа

На почетокот од денешнава колумна, драг читателу, ми доаѓа на ум прекрасната книга на германскиот писател Потерсен, „Градот Будалија“, што ја читав во детството. Една епизода од неа посебно е вглобена во мојата свест. Граѓаните на градот Будалија решиле да изградат нова зграда за градското собрание, за што со голема мака ги свлекле најубавите трупци од врвот на планината. Тоа го дознал Тил Олиеншпигел (германска варијанта на нашиот Итар Пејо) и ги укорил будалчани за нивната глупост, бидејќи наместо да ги влечат трупците надолу со јажиња, едноставно требало да ги пуштат самите да се стркалаат во низината. За да ја исправат својата груба грешка, будалчани сега со уште поголема мака ги извлекле трупците на врвот на планината и ги стркалале надолу како што им кажал Тил. И потоа ја изградиле собраниската зграда, која будалчанските архитекти ја проектирале со три ѕида. И сè било во ред, но кога ја пресекле црвената лента виделе дека внатре е темно, па за да го решат проблемот, според советот на челниците на Будалија, цело летно пладне будалчани со тенџериња, котли и лонци внесувале светлина внатре, ама никако да ја осветлат собраниската сала. Најпосле и тука дошол на помош Тил Олиеншпигел, кој констатирал дека архитектите на Будалија заборавиле да проектираат прозорци на собраниската зграда.
Така. А ти, драг читателу, веднаш ме прашуваш дали има кај нас некој Тил Олиеншпигел што ќе ја реши темницата во државата Безименија, како што ја викаш Републиката на која ѝ го украле името. Темницата во нејзиното Собрание. И самиот, како да си Тил, го даваш одговорот. Велиш дека параболата за Будалија и будалчани на Петерсен всушност кај нас е метафора за затворениот ум на Владата и членовите на парламентот на Безименија, кои како и будалчани заборавиле да отворат прозорци на него за дотек на светлина. Или како што велиш уште: за спознание и знаење, па глупоста на раат да си седи во неговата ноќ. А, остроумен, уште велиш и дека ако случајно се појави во Безименија некој Тил Олиеншпигел веднаш ќе реагира нејзиното јавно обвинителство, и можно е и него Рускоска и Кацарска како анархист да го вклопат во ќелијата 27 април.
Така. Тоа напред беше само шега, драг читателу, иако смртно сериозна, по малку болна по челниците и парламентарните на Безименија. Туку сега одиме со кусата, по наш избор, листа на глупостите и полуглупостите што ги направи умот без прозорци, а на штета на сиротиот безименски народ. Првин два од нив се со психолошко педигре со јак мирис на душевно растројство. Нивното стручно име е: русофобија, број 1, и албанофобија, број 2. Русофобијата, која има американска генеза од времето на макартизмот во средината на минатиот век силно ја зафати како русоомраза и американската колонија Европа (бриселска во која се крие од прогон Тил Олиеншпигел), а потоа нормално и Западен Балкан, и посебно во него раководството на Безименија, кое неа ја доживеа безмалку како еротска екстаза на умот и душата без прозорци. Добро им дојде за со неа да покријат сè што уплескале.

Број 2, албанофобијата што е раритетен пронајдок на албанската политичка и „интелектуална“ елита на Али и четириесетте разбојници, кои ги прослави пред да се појават визионерски Шехерезада. Тоа е психофеноменот што го објасни прецизно психоанализата на Фројд, Јунг и Адлер, а значи проекција на темната сенка (мана) на својата душа на друг. Тоа, пак, значи дека македонофобијата, Али и дружината, за да се маскираат, ја трансформираат во албанофобија кај Македонците. Одбранбен механизам. Друг пат повеќе за тоа. Сега за еден друг екстра ексклузивен феномен: основање на „римскиот“ триумвират Заев – Али – Ковачевски, кои го имаат замислено во нивниот ум без прозорци планот за организирање на сите албански политички партии во таканаречениот „европски фронт“ за борба против Македонците собрани сега како во заштитно трло во ВМРО-ДПМНЕ. Тој пеколен триумвират контактира со Албин Курти и Косово, веројатно и како обнова на 2001 на борба на нови „човекови“ права. Само за тоа, оти територијата на Безименија веќе е лапната од црниот двоглав орел.
Тоа. Не можат да се добројат скандалите на луѓето од власта на Безименија, драг читателу. Некои од нив се зачинети и со елемент на хорор, кој не можел дури да го смисли ни Едгар Алан По, или Хичкок. Тука е пред сè страшниот случај со онкологија, единствен таков во светот, во кој скапиот лек за болните од рак бил продаван на црниот пазар, а на болните што умирале наместо него им била инјектирана во вените дестилирана вода. И овој хорор-пример на „проевропската“ влада на Безименија говори дека со тројно резе се затворени прозорците на нејзиниот темен ум.
Во тој политхорор што сè уште, пред заминување на страховладата, го доживуваат граѓаните на Безименија е и хоророт со менувањето на личните документи што е пар екселанс нацифашистички акт. Безименци се втерани пред нацифаши шалтерите на безимената СС-влада како Евреите за време на Хитлер пред „шалтерите“ на „Аушвиц“, „Tреблинка“, „Дахау“ и другите логори на смртта. Нивната смрт била физичка, но смртта што им се нуди на граѓаните на Безименија со промена на личните документи според сите антрополози е уште пострашна. Нејзиното име е идентитетска смрт. А бидејќи членовите на владата на Безименија до еден од Заев и Димитров до Ковачевски и понатаму се и зачнати и родени без идентитет, за нив смртоносната операција на обезименување во гасната комора на цивилизацијата, и без анестезија, е нормален чин за да го реализираат проектот без прозорци за влез во ЕУ.

Да. А има уште еден голем куп од глупости на владата на Безименија во заминување со технички патерици, кои можат да се класифицираат, како што би рекол Крлежа, како метафизички факти. Тука е и онаа елементарна катастрофа, договорот за економско досуредување на Безименија, „Бехтел и Енка“. Него го благослови и американската кралица од Кале, ангел чувар испратен од Вашингтон во Безименија. Таа ја благослови таа катастрофа како правно уредена, без разлика на правната рашомонијада на договорот со оваа мегакорпорација, една од многуте западни што им ја цицаат крвта на сиромашните. А пред тоа Ангела рече дека дошла покрај другото во Безименија и да ја среди корупцијата. И ја среди со „Бехтел и Енка“. Специјалист.
Што уште да додадеме како пример на инвенција на заеалиевата влада на Ковачевски за време на нејзиниот историски европски мандат. Има цел огромен куп. Посебно место тука зазема и скандалот завиткан во херметична питагорејска шифра 78. А тоа е покачување за толку проценти на платата на трутовите на власта и на нејзините поданици во време додека народот на Безименија тоне во сиромаштија, одран до гола кожа. Алиби на владата на владата на Безименија за тоа е алиби приемот во НАТО. А тоа е, искрено речено, драг читателу, без разлика дали Славјанка ќе се сложи, сепак најголемата терористичка организација во светот. Меѓу другото, таа го докажа тоа и со бомбардирањето на Србија 1999 и создавање за свои потреби нова држава дивоградба на нејзина територија. Нешто слично, пак, како мене мисли и Ноам Чомски, кој напиша неколку книги за американскиот државен тероризам. Туку да се вратиме по овој контекст на питагорејската владина формула 78. Во неа лежи тајната за тоа како трутовите до дно го исркаа медот од котлето што го создавале трудољубивите пчели на Безименија. Пчелниот производ што произведува и мед и леб за нив, а самиот остана и без едното и без другото. Но мудрите полутрутови најдоа еурека-решение, па им рекоа на Безименци: „Ако немате леб, јадете колачи“, синтагмата за која Марија Антоанета беше гилотирана.

Да. А челникот на безименија Ковачевски пак спомнува некаква гилотина, која специјално за него еднаш била поставена пред вратите на Собранието. Но таа сепак одбила да се занимава со неговата глава со изговор дека не била доволно квалитетна како онаа на Робеспиер. А којзнае можеби таа и се исплашила од него откако дознала дека тој има јаки боулси (мадиња како што ги вика самиот на англиски), кои им ги покажал на Австријците среде Австрија како симбол на јак државник херој и визионер од бриселски тип.
Ултравиолет. Превисока температура. Само дијамантот од кој е создаден Буда може да преживее. При крај сме. Уште само два-три раритети што се однесуваат на странци што ја посетуваа зачестено убавата Безименија, во која секој од нив се чувствуваше како Александар Македонски. Првин тука се двајцата Американци Габриел Ескобар и О’Брајан, високи функционери на Пентагон специјално задолжени за, од Западот третиран како приглуп, Западен Балкан во кој со својата визионерска проевропскобугарска мудрост блеска владата на Безименија. Притоа Ескобар од восхит од тој блесок се збуни, па не знаеше точно кој народ живее тука. И тој остана без прозорци во умот. Но сепак интелигентно се снајде, па рече дека во Безименија живеат Албанци и православно население. Веројатно потсвесно мислеше на Безименци. Сеедно. Главно покажа и не сакајќи, или можеби сакајќи (што е поверојатно) чиј стратегиски партнер во Безименија (читај: село без кучиња) е Империјата. Безименци сфатија што кажа оти се многу попаметни од нивната влада. Нивниот ум е со прозорци. А што се однесува до политкаубојот О’Брајан, тој во завиткана форма ама многу отворено им кажа на безименци за кого да гласаат, а за кого не, во мај. Како да сакаше да им ги затвори докрај прозорците на умот на Безименци за да потонат во мрак.

Сеедно. Но има и една светла точка што се однесува до странците што ја посетуваа Безименија за време на царувањето на Ковачевски и Али. Ќе се изненадиш, драг читателу. Тоа беше руската опасност Сергеј Лавров, кој ја посети Безименија за време на одржувањето на самитот на ОБСЕ во неа. Тој тука само во неколку едноставни реченици ја сугерира главната тема, која не е поставена на самитот на оваа веќе бирократска организација, а тоа е темата на македонскиот идентитетски геноцид од страна на Брисел и Вашингтон што заврши со преспанската гробница за Безименци во Преспа 2008 со гробарските лопати на квислинзите Заев и Димитров, колку за Европа да остане чиста. И ако преспанската беше гробница за радост на Грците, по неа е планирана уште една гробница на Безименци, сега за радост на Бугарите, кои имаат намера да ја реализираат лидерите на Безименија на Ковачевски и Али со техничката влада. Дали ќе им успее тоа или настраданиот народ на Безименија ќе има конечно среќа никогаш повеќе да не ги види нив. Варијанта на хамлетовското прашање: да се биде или не, драг читателу. Поздрав до следната средба.