Медиумски Франкенштајн – политжурнализмот

Со разбивањето на монополите се случи стравотен пад на професионализмот. Последиците денес се очигледни. Набрзина и најчесто под сомнителни околности се појавија безброј независни медиуми. Најпрвин како гаражни телевизии и фабрички весници, подоцна технолошки до ниво на коректни стандарди, со технички новинарски и продукциски кадар што потекнуваше од МРТВ и „Нова Македонија“, сето заедно еден галиматијас, кој, еве, сега се решава во вид на меѓусебна пресметка. Амбиентот сличен на гасна комора, создаден како зона на пресметка со стварноста во која излегуваат на виделина и се решаваат дведецениската небрежност, незнаење, површност, нарцисоидност…

Во една изјава за печатот, еден од корифеите на демократската соросијада во Македонија призна дека за рушење на монополите „Нова Македонија“ и МРТВ се потрошени 5 милиони долари. Целта била да се либерализира медиумскиот амбиент.
Како се одвиваа работите и што се направи? Најпрвин се создадоа дузина самонаречени експертски инстанци од типот Институт за развој на медиуми и сл. На чело на овие сомнителни пералници на пари беа таленти набрзина остручени, без никакво оперативно искуство, кои со низа активности го окупираа вниманието на јавноста и успеаја многу од своите теориски небулози да ги наметнат и во законодавната сфера. Потоа следува фазата на таканаречениот див либерализам во медиумите, кој нашиот транзициско-плурален амбиент го вообличи во своевиден медиумски Франкенштајн, кој, еве, и ден-денес никако да се скроти.

Што всушност се случи?
Со разбивањето на монополите се случи стравотен пад на професионализмот. Последиците денес се очигледни. Набрзина и најчесто под сомнителни околности се појавија безброј независни медиуми. Најпрвин како гаражни телевизии и фабрички весници, подоцна технолошки до ниво на коректни стандарди, со технички новинарски и продукциски кадар што потекнуваше од МРТВ и „Нова Македонија“, сето заедно еден галиматијас, кој, еве, сега се решава во вид на меѓусебна пресметка. Амбиентот сличен на гасна комора, создаден како зона на пресметка со стварноста, во која излегуваат на виделина и се решаваат дведецениската небрежност, незнаење, површност, нарцисоидност… и, како што сега изгледа, работите си доаѓаат на местото каде што треба да бидат.

Медиумите се процес, условен од дневна ажурност, но и од општествено-историскиот контекст, глобалниот технолошки и економски развој. Можеби ќе беше подобро да се направи обид за пресврт во внатрешното битие на медиумската дејност, а не рушење и секогаш одново од почеток. Со голо око се видливи трајните последици на соросоидниот анархичен бунт и колективната небрежност. Од нашиот перцептивен хоризонт ги снема македонските документарни бисери, играни серии, драми, продукциската компонента, пресекот на сопственото битие. Сето тоа е заменето со наплив на странска продукција, која се наметнува како реалност, замена за нашата, која во екот на силните плурални борби за демократизација исчезна од нашиот перцептивен видик. Со неа полека ќе исчезнеме и ние и ќе се претвориме во безличен модел, медиумски сурогат, на некое друго живеење, постоење, ако што поскоро не поведеме грижа за сопствената продукциска компонента во медиумите.
Повеќе од јасно и очигледно е дека бројот на ТВ и радиоконцесионерите е зачудувачки голем во однос на потребите на информирањето и одраз на содржинските перформанси на нашата реалност. Во оваа фаза на развој веќе се наѕира дијагнозата за неисплатливост, неоправданост и, практично, неодржливост на ваквите состојби.
Долгогодишниот континуиран стереотип и волунтаристички приод доведоа до стравотен пад на квалитетни програмски содржини, растурање на професионалните искусни кадри, несоодветно третирање на сопствената реалност, обезличување, тоа се само дел од последиците по кревкиот медиумски суверенитет.
И тоа токму во време кога главните битки се водат во етерот и кога секој се обидува да изгради и освои „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја земска политика. Интересите на исфрустрирани поединци, осведочени медиокритети и политички активисти во извесна смисла и денес се обидуваат да ја „заматат сликата“ за да ја парализираат јавноста до степен на автоцензура во напорите на осознавање и вистинска процена.

Оваа колумна ја потпишувам со дел од моето професионално портфолио. Аљоша Симјановски – публицист, филмски и ТВ-режисер во над четириесет години медиумско искуство, одговорен уредник на документарната програма, одговорен уредник на Културниот сектор, одговорен уредник на првиот програмски канал, в.д. извршен директор на МРТВ.

Автор: Аљоша Симјановски