Каков апсурд? Правда за екстремен национализам и фашизам. Е, драги европски господа, затоа Европската Унија ќе заврши на буништето на историјата, но нејзиниот крај можеби ќе биде пострашен од распадот на поранешната Југославија
Македонскиот датум за започнувањето на преговорите со Европската Унија се преобрази во невкусна шега, која, за жал, ќе заврши со трагичен крај за Европа и нејзините слободарски идеи. Со децении европските лидери нѐ убедуваат дека нашата иднина е во рамките на европското семејство, нагласувајќи ни ја потребата од демократизирање на нашите општествени вредности. Но токму Европејците што ни делат поуки за демократијата ги прекршија демократските и слободарските принципи кога молчеа и сѐ уште молчат пред антидемократската реторика на некои од членките на ЕУ, реторика што не припаѓа во 21 век и е во спротивност од европските идеолошки принципи.
Некој може да ни дофрли дека во политиката е можно сѐ, нема идеали и принципи, туку само интереси. Меѓутоа еден геостратегиски проект, каква што е Европската Унија, не може да биде заснован само на интересите туку и на одредена идеолошка матрица, која ќе биде сврзувачко ткиво за многубројните европски држави. Многумина европски политиколози и филозофи со години проповедаа, а Брисел во секоја пригода го потврдуваше тоа, дека идеолошки Европа се потпира врз идеалите на Француската револуција од 1789 година, односно врз мотото „Слобода, братство и еднаквост!“. И каде се сега тие вредности? Во буништето на историјата. Да, буништето, по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон.
Но што точно соопшти Макрон. Според францускиот претседател: „Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања. Ќе бараме решение во следните часови со северномакедонците. Една земја членка со задоцнување побара промени, но ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат“. Каков апсурд? Правда за екстремен национализам и фашизам. Е, драги европски господа, затоа Европската Унија ќе заврши на буништето на историјата, но нејзиниот крај можеби ќе биде пострашен од распадот на поранешната Југославија.
Некој може да нѐ обвини за евроскептицизам, но да се бара договор што ќе овозможи квазиправда за бугарските уцени, во суштина, е прифаќање идеологијата на фашизмот. Зошто велиме фашизам? По потпишувањето на Преспанскиот договор, официјална Софија отворено започна да промовира екстремен национализам, шовинизам и иредентизам. Не мора да ми верувате на напишаното, само прочитајте ги искажувањата на бугарската политичко-општествена елита и сѐ ќе ви стане јасно. Во бугарските медиуми постојано можеме да слушнеме или да прочитаме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, македонската нација е вештачка творба, Македонците немаат своја историја и крадат туѓа, Македонија е бугарска земја и сѐ така до бесконечност.
Затоа искажувањето на Макрон за правда на бугарските барања е бесмислица и глупост, но спомнувањето на „северномакедонци“ не беше случајно. Зборот „северномакедонци“ искажан од устата на францускиот претседател можеме да го разбереме и како уцена, во смисла доколку не го прифатиме предложениот француски договор, во иднина ќе бидеме преименувани од Македонци во северномакедонци и ќе изгубиме многу повеќе отколку сега.
Очигледно е дека Европа се движи во погрешна насока. Европската Унија како демократска и либерална творба не може да се сообразува со фашизмот. Тоа е принципиелно неправилно и означува погребување на европските вредности, меѓутоа за тоа нека размислуваат европските политичари, а не македонските граѓани.
Каде сме ние како општество во оваа приказна? Од прогласувањето на независноста и осамостојувањето на Македонија, нашите политичари и општественици никогаш јасно и недвосмислено не ги искажаа своите ставови. Доколку Франција и Емануел Макрон продолжат да бараат „правда“ за бугарските уцени, тогаш треба јасно да им посочиме дека не сакаме да бидеме дел од сојуз што поведува сметка за екстремен национализам, шовинизам и иредентизам. Впрочем, ова нема да биде во противречност со нашите вредности, бидејќи македонската идеологија отсекогаш била демократска, слободарска и антифашистичка.