Декласифицирани американски документи за биолабораториите во Украина поддржани од САД

Повод: Пакет декласифицирани документи за постоење на биолошки лаборатории во Украина објавени од директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард

  • Поранешната американска конгресменка и актуелна директорка на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, објави пакет декласифицирани документи за постоење на биолошки лаборатории во Украина, под покровителство на претходните администрации на САД. Реакциите во јавноста во врска со декласифицираните документи беа различни. За едни, документите беа конечно признание дека Вашингтон со години водел тајни биолошки активности во Украина. За други, станува збор за уште еден пример како јавноста се наведува да гледа заговор онаму каде што постојат легални програми за јавно здравје и биобезбедност
  • Според декласифицираните американски документи, САД помогнале во изградба, модернизација или поддршка на повеќе од четириесет лаборатории и поврзани објекти низ Украина. Во нив се работело со широк спектар патогени микроорганизми, меѓу кои и антракс, туларемија, туберкулоза, бруцелоза, хантавируси, коронавируси како САРС и МЕРС, вирусите марбург, ласа и ебола… Но што навистина пишува во декласифицираните документи? Одговорот не е црно-бел и е посложен…

Контроверзијата околу постоењето и работењето на т.н. „украински биолаборатории“ не започна со руско-украинскиот воен судир во 2022 година, кога станаа многу актуелни бидејќи беа третирани како „пропаганда, специјална војна, хибридна војна, лажни вести на ширење страв и паника“ итн. Корените на оваа тема се наоѓаат уште со распадот на Советскиот Сојуз. Имено, по 1991 година, на територијата на новите независни држави што настанаа од СССР останаа стотици објекти, научници и колекции од опасни микроорганизми (патогени), кои претходно биле во различни програми за биолошки истражувања. Според експертите со кои се консултиравме, поранешни високи воени лица, но и странски воени аташеа во нашата земја на кои им е позната токму оваа тема, „стравот во Вашингтон бил дека таквите материјали и експерти би можеле да завршат во рацете на непријателски држави или терористички организации“, во таканаречени „програми за развој на биолошко оружје“. Поради ваквата претпоставка, според нашите ценети соговорници, САД ја создаваат програмата за заедничко намалување на заканата – ЦТР (Cooperative Threat Reduction – CTR), позната и како програмата Нан-Лугар, чија цел била обезбедување нуклеарни, хемиски и биолошки капацитети низ државите што пред распадот му припаѓале на поранешниот Советски Сојуз, кои веќе имале конкретна инфраструктура за тоа, што би се рекло „браунфилд разузнавачки инвестиции“, со доза на хумор додаваат нашите брифери.

Украина станува една од главните земји кориснички на ваквите програми

Декласифицираните документи на Националното разузнавање на САД потврдуваат дека САД инвестирале значителни средства во украинската микробиолошка истражувачка инфраструктура. Според документите, американската влада помогнала во изградба, модернизација или поддршка на повеќе од четириесет лаборатории и поврзани објекти низ Украина. Во нив се работело со широк спектар патогени микроорганизми, меѓу кои и антракс, туларемија, туберкулоза, бруцелоза, хантавируси, коронавируси како САРС и МЕРС, вирусите марбург, ласа и ебола… Документите исто така покажуваат дека американски институции финансирале обуки за украински научници, обезбедувале лабораториска опрема и поддржувале истражувачки проекти поврзани со заразни болести.

На прв поглед ова може да звучи драматично. Но во реалноста секоја современа држава што поседува развиен здравствен систем мора да располага со лаборатории способни да работат со опасни патогени. Прашање е што се правело во нив, а најважното прашање е дали има доказ за биолошко оружје.

Лабораториите работеле со многу опасни патогени микроорганизми

Постои суштинска разлика меѓу лабораторија што проучува антракс за дијагностика и превенција и програма што произведува антракс како оружје. А овие документи откриваат нешто што долго време било минимизирано во јавноста и во јавната медиумска комуникација. Интересно е што во текот на првите месеци од руско-украинскиот воен судир, многу западни медиуми пишуваа и зборуваа за тоа дека „постоењето на американски биолаборатории во Украина е целосно измислена руска пропаганда“ и дека тоа е дел од „хибридната војна на Москва“.

Сега, со декласификација на документите, се посочува дека навистина постоеле лаборатории, како и американско финансирање на вакви проекти. Имено, и дека „американски компании навистина работеле на проектите и опасни патогени микроорганизми навистина биле одгледувани, складирани и истражувани во Украина“, под покровителство на САД.
– Оттука произлегува дел од недовербата кај јавноста. Кога нешто прво се претставува како теорија на заговор, а подоцна се покажува дека значаен дел од фактите е точен, луѓето почнуваат да се прашуваат што уште друго не им било кажано – велат нашите соговорници.

Но експертите со кои се консултиравме, сепак, се резервирани и тврдат дека „постоењето на лабораториите не е исто што и докажување на програмата за биолошко оружје“!

Која е вистината?

Според нашите соговорници, „најинтересниот аспект на документите не е прашањето за оружјето, туку прашањето за геополитиката“.
– Имено, биолошките лаборатории во Украина претставуваат дел од поширока американска стратегија за влијание во постсоветскиот простор. Преку програмите за биобезбедност, Вашингтон не само што добиваше увид во појавата на заразни болести туку и воспоставуваше долгорочни институционални врски со структурите на Украина. Од перспектива на САД, тоа е прашање на безбедност и превенција. Но, природно, од перспектива на Москва, тоа изгледа како постепено ширење на американското присуство кон руските граници – велат нашите соговорници, отворајќи уште еден аспект на амбицијата за „динамичното ширење на Западот кон Исток“.

Остануваат отворени прашања и покрај декласифицирањето на документите за постоење на американски биолаборатории

И покрај декласификацијата, според експертите, остануваат неколку отворени прашања.

Нашите соговорници анализираат дека не е целосно јасно колкав дел од истражувањата бил класифициран во различни периоди.
– Не е познат целосниот обем на сите проекти спроведувани преку американските изведувачи. Потоа, не е јасно дали постојат дополнителни документи што сè уште не се објавени. Отсуството на доказ не претставува автоматски доказ дека нема вина, но исто така не претставува ниту доказ за вина- децидни се нашите соговорници, додавајќи дека „ако се читаат внимателно и без политички предрасуди, документите на Тулси Габард не го потврдуваат постоењето на американска програма за биолошко оружје во Украина“.

Тие, според соговорниците, сепак потврдуваат нешто друго, а тоа е дека американското присуство во украинскиот биолошки сектор било многу поголемо и подлабоко отколку што мнозинството граѓани претпоставуваа.

Затоа вистинското прашање не е дали лабораториите постоеле – тоа веќе не е спорно. Вистинското прашање е дали нивната функција била исклучиво јавно здравје и биобезбедност или претставувале дел од поширока геополитичка и безбедносна архитектура во која науката, одбраната и разузнавањето понекогаш се преклопуваат.
– Декласифицираните документи даваат дел од одговорот. Но не и целиот – поентираат нашите брифери во врска со анализата на пакетот декласифицирани документи за постоење на биолошки лаборатории во Украина објавени од директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард. Р.С.