Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога ЕУ-државите, нивните институции и политичките елити ќе бараат нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет
- Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога државите и нивните институции, нивните водечки партии и политички елити ќе бараат сѐ повеќе нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет и суверенитет, културата, економијата и политичката самостојност. Во ваквиот политички контекст се вклопуваат и последните изјави на македонскиот државен врв во кои јасно се нагласени државните позиции против условувањата на патот кон Европската Унија
Свето Тоевски
Во јуни низ Европа, а особено во земјите членки на Европската Унија, се засилува трендот на политички иницијативи, програми и јавни барања за заштита на националниот идентитет, суверенитетот и политичката самостојност на државите од најразличните видови закани кон овие клучни концепти во постоењето и дејствувањето на кој било народ и држава во Европа и светот. Таквите иницијативи, програми и барања доаѓаат не само од национално ориентирани партии, кои се спротивставуваат на тенденциите за „битно пренесување на суверенитетот во ЕУ како наддржава и централизирање на Унијата“, туку и од влади и државници на водечки европски држави и политички лидери од други земји од „евроклубот“, како од Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија, Полска, Словачка, потоа од влијателни државно-политички групации на европскиот континент, како што е Вишеградската група на земји. Ја посочуваме и Швајцарија како дел од мозаикот на овој тренд на Стариот Континент со расположение што извира и од нејзиниот најнов референдум со демографско-идентитетски белези. Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога државите и нивните институции, нивните водечки партии и политички елити ќе бараат сѐ повеќе нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет и суверенитет, културата, економијата и политичката самостојност. Во ваквиот европски контекст целосно се вклопува и позицијата на претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која деновиве во свој настап во јавноста, практично, ја исклучи можноста за промена на највисокиот правно-политички акт на Македонија како предуслов за отворање на преговорите со ЕУ. Во момент кога уставните измени ѝ се наложуваат во уште поагресивна форма на Македонија, претседателката Сиљановска-Давкова им упати директна порака и на Брисел и на Софија дека македонската држава треба да се подготвува за ЕУ преку реформи и примена на Копенхашките критериуми, а не нејзината евроинтеграција да се сведува само на постојано отворање историски и идентитетски теми по барање од Бугарија.
– Некој друг сега има забелешка на нешто што е само наше – историја, идентитет. Не можеме ние да ревидираме историја на барање на некој друг, таа е дел од нашиот идентитет. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Секој народ има право на своја историја. Штом ќе се спомене евроинтеграција, приказната веднаш почнува со уставните измени и со протоколите. Пазете, уставни измени за почеток на преговори.
Такво нешто немало. Не можеме ние со записник или со протокол да менуваме амандмански Устав – беше кристално јасна и категорична Сиљановска-Давкова.
Поправо, таа им даде и однапред одговор на пратениците во Европскиот парламент и нивната резолуција за градењето „заедничка историја“ на Македонија со Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски демонстрира веќе армирана политичка позиција, нагласувајќи дека „нема пазарење со македонскиот идентитет, ниту преговори за него и јазикот, тоа е нашата клучна црвена линија! Доста беше!“
Поврзување со истомислениците во ЕУ
Македонија, која како држава кандидат за влез во ЕУ се соочува со идентитетско-историски притисоци и директни закани од прекројување на македонската историја, мора да започне многу позасилено да се поврзува со новите суверенистички и политички струења во клучните ЕУ-држави, бидејќи новата реалност на европскиот континент налага динамична и повеќеслојна дипломатија за заштита на државниот суверенитет и националната и идентитетско-јазична самобитност. Спроведувањето на техничката и реформската агенда од Копенхашките критериуми останува задолжително, но експертите од областа на геополитиката и евроинтеграциите сè почесто нагласуваат дека слепото потпирање само на Брисел не е доволно кога се загрозени јазикот, историјата и идентитетот.
Вишеградската група – важна платформа за одбрана на македонските интереси
Експертските погледи, анализи и аргументи, применети во случајот на Македонија, сугерираат дека на македонската држава ѝ е потребно стапување во суверенистички сојузи и партнерства, макар и да бидат неформални во почетокот. Конкретно, потребни се потесно поврзување и фреквентна комуникација со Вишеградската група (В4) на држави (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија), кои со децении го усовршуваат моделот на заштита на националните идентитетски специфики наспроти политиките на Брисел. Впрочем, деновиве унгарскиот премиер Петер Маѓар им упати директен повик на државите од Западен Балкан што сѐ уште не се членки на ЕУ, што значи и Македонија, да влезат во Вишеградската група. Маѓар практично самиот ѝ ја отвора вратата и на Македонија во Вишеградската група. Поврзувањето со Вишеградската група ѝ нуди на Македонија значајна лоби-платформа многу посилно и многу поконкретно да ги брани својот идентитет, јазик и историја.
Но, ако би се реализирала визијата на Маѓар, која има уште поширок територијален опсег, тогаш би се создал своевиден „централноевропски блок“, кој би ги поврзал Балтикот, Централна Европа, Дунавскиот Регион и Јадранот. Во таков формат би биле застапени повеќе од десет држави со значителна тежина во Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Затоа некои аналитичари зборуваат за можност да се создаде нова „централноевропска оска“ во рамките на ЕУ. Таа би можела да претставува, условно кажано, и своевидна „македонска оска“ во рамките на ЕУ, ако македонското државно-политичко раководство и конкретно ѝ се приклучи на Вишеградската група било како партнер било како формална членка, а потоа со максимално засилени активности и во неа и во „централноевропската оска“, заради лобирање за македонската евроинтеграција и македонската вистина наспроти сите идентитетско-историски фалсификати и барања на Софија за менување на македонскиот устав.
Токму вишеградските држави, заедно со Хрватска, Словенија и Романија, би можеле да станат едни од најсилните поддржувачи на македонската европска интеграција, да станат „чеканот“ во рацете на Македонија со кој би можеле постапно да се „столчат“ бугарските уцени, условувања, вета и блокади. Но не само софиските, туку и бриселските!
Исто така, Македонија треба проактивно да воспостави „неформална коалиција“ и со суверенистичките струења во Париз, Берлин и Рим, паралелно задржувајќи ги и развивајќи ги политиките на соработка и со тамошните влади и владејачки коалиции, иако тие во рамките на ЕУ и натаму се на страната на Бугарија…
Доста веќе со барањe гаранции од Брисел и од Софија
Новиот бран на европскиот суверенизам (како десничарските и конзервативните групации во Европскиот парламент) отворено се залага за концепт на „Европа на суверени нации“, каде што секоја држава има апсолутно право на свое национално самоопределување и на свој идентитет – факти од клучно значење за Македонија. Затоа, наместо инфериорно молење во Брисел и Софија за „гаранции околу барањето Бугари во Уставот“, Македонија треба конечно да изврши своевиден стратегиски маневар и да фати приклучок кон „новата суверенистичка Европа“, која е во подем.
Македонија може да најде значителни или можеби и силни сојузници во структурите и елитите на суверенистичка Европа, кои веќе виреат и сѐ посилно тропаат на портите на владите и парламентите во Германија, Франција и Италија. Треба да се остваруваат во почетокот неформални, но сепак содржински контакти и лобирања кај италијанската партија Лига и нејзиниот лидер Матео Салвини, сегашен италијански вицепремиер и министер за инфраструктура, такви контакти и лобирања кај сега веќе водечката германска партија Алтернатива за Германија и двата нејзини лидера Алис Вајдел и Тино Хрупала, но и кај француската партија Национален собир на Франција и двата лидера Жордан Бардела и Марин Ле Пен, од кои Бардела има сѐ поголеми шанси да стане иден претседател на Франција на претседателските избори во 2027 година…
Преку овие дипломатски контакти и лобирања официјално Скопје може да постигне значително или можеби и соодветно големо меѓународно разбирање и поддршка и во јавноста и на политичката сцена во тие три клучни европски метрополи за аргументот дека Бугарија со поддршка на Брисел ја принудува Македонија да изврши нов уставно-идентитетски „инженеринг“ спротивно на врховниот принцип на меѓународното право јус когенс. Да заклучиме: реформите мора да продолжат во Македонија, бидејќи тие се „јазикот“, на кој Брисел комуницира. Но, паралелното дипломатско поврзување со суверенистичките иницијативи во ЕУ е единствениот начин да се спречи евроинтеграцијата на Македонија да се претвори во нејзина нова идентитетска и историска капитулација. Заштитата на идентитетот, историјата, јазикот и суверенитетот во случајот на Македонија се бранат преку политички сојузи со оние сили, политичари и политички елити во Европа што веруваат во националната држава како врховен суверен и во правото на европските народи на сопствен идентитет, јазик и историја.
(продолжува)

































