Фото: Пиксабеј

Од наш агол

  • Официјален Брисел со години зборува за еднаквост, солидарност и заеднички вредности. Но реалноста сè почесто покажува нешто сосема друго.
    Зад формалната фасада на европските институции функционира паралелен систем во кој неколку големи држави се обидуваат да ја присвојат улогата на политички диригенти на Стариот Континент

Кога полскиот премиер Доналд Туск јавно порача дека никој нема право да преговара и да носи одлуки во име на цела Европа без учество на сите членки, тој всушност ја отвори најнепријатната тема во Европската Унија – постоењето на Европа од прв и Европа од втор ред.

Официјален Брисел со години зборува за еднаквост, солидарност и заеднички вредности. Но реалноста сè почесто покажува нешто сосема друго. Зад формалната фасада на европските институции функционира паралелен систем во кој неколку големи држави се обидуваат да ја присвојат улогата на политички диригенти на континентот.

Франција и Германија одамна престанаа да се однесуваат како први меѓу еднаквите. Сè почесто тие настапуваат како држави што претендираат да бидат сопственици на европскиот проект. Кога се појавува голема криза, кога треба да се дефинира надворешна политика или да се одлучува за безбедносни прашања, прво се состануваат големите, а потоа на преостанатите им се сервира веќе подготвена политичка сметка.
Уште поапсурдно е што во таквите формати сè почесто се појавува и Велика Британија – држава што сама одлучи да ја напушти Европската Унија. Така доаѓаме до парадоксална ситуација: земја што не е членка добива место на масата, а некои членки на Унијата се третираат како публика.

Токму затоа пораката на Туск е толку важна. Тој не ја нападна Европската Унија. Напротив. Тој ја бранеше од оние што сакаат да ја претворат во инструмент на неколку најмоќни престолнини. Европската Унија не беше создадена за Франција и Германија да ја претворат во продолжена рака на сопствените национални интереси. Таа беше создадена за да обезбеди рамнотежа меѓу големите и малите држави. За да го спречи токму она што денес станува сè повидливо – концентрација на моќ во рацете на мал број актери.

Проблемот е што секоја параинституционална група, секој неформален самит и секој ексклузивен клуб што настапува во име на Европа ја поткопува довербата во самата Унија. Секоја таква средба испраќа порака дека некои држави се поважни од другите. Дека едни членки имаат право да одлучуваат, а други само да потврдуваат.
Тоа не е европска интеграција. Тоа е европска хиерархија. А хиерархијата неизбежно создава поделби. Денес тоа најгласно го чувствува Полска. Утре тоа може да биде Италија, Шпанија, Чешка, Унгарија, Романија или која било друга држава што ќе се најде надвор од кругот на привилегираните.

Најголемата опасност за Европската Унија не доаѓа однадвор. Не доаѓа ниту од Москва, ниту од Пекинг, ниту од Вашингтон. Најголемата опасност доаѓа од постепеното создавање чувство кај милиони Европејци дека нивните држави не се рамноправни членки, туку членки со различна (политичка) вредност.

Токму затоа настапот на Туск треба да се сфати како предупредувачки. Ако европските институции продолжат да се заобиколуваат во корист на неформални центри на моќ, тогаш Унијата ќе ризикува свое реобликување во нешто што не била ниту била формирана да биде таква. А натаму се движи Брисел. Без чесен и принципиелен приод нема доверба и нема европско единство. Без таа доверба, Европа од прв и втор ред повеќе нема да биде политичка теза. Ќе стане политичка реалност. А оние што чекаат допрва да се интегрираат во ЕУ, зар ќе бидат трет ешалон?! Којзнае воопшто и на што ќе личи тоа?! Р.Н.М.