Кукуш во 1913 година - Фото: Википедија

Мементо за Македонците што пострадаа во грчкото уништување на Кукуш на 21 и 22 јуни 1913 година

  • При палењето на Кукуш биле изгорени 1.846 куќи, 612 дуќани и шест воденици. Во областа биле разурнати и опожарени манастирот „Свети Ѓорѓи“ и 40 други села. Македонското население беше принудено да избега и се расели во поголема мера во Пиринска Македонија, во налетот на грчката политика и обидите за бришење на секоја македонска трага од Егејска Македонија, што, наспроти сѐ, не успеа да се спроведе во целина. Грците намерно го уништија Кукуш, оти беше важен македонистички преродбенски центар и едно од јадрата на отпорот против грчката фанариотска пропаганда

Свето Тоевски

Денешниот ден, 22 јуни, е еден од последните денови од постоењето на македонскиот град Кукуш во егејскиот дел на Македонија, во денешна Грција. Тој ден во 1913 година практично завршило неговото палење и уништување до темел, заедно со протерувањето на 12-13 илјади негови жители, речиси исцело Македонци. Во воведот од првиот дел од својата научна монографија „Кукушкиот говор“ неговиот автор, сѐ уште живиот македонист и професор д-р Коста Пеев, напиша: „Меѓу грозните примери на геноцид хроничарите секако ќе мора да ги споменат и настаните што ја зафатија Југоисточна Македонија (југоисточниот дел на некогашната етничка Македонија пред нејзината поделба во 1913 година – н.з.) во текот на Втората балканска војна во 1913 година. Во текот на оваа војна грчките војски запалија и уништија поголем број села од Кукушко. Конечно на 3 јули 1913 година, по жестокиот артилериски оган и пожарот, целосно згасна животот во убавиот град Кукуш. На тој начин беше прекината животната нишка на овој македонистички центар“.

Грчкиот геноцид врз Македонците во Кукуш и дијалектоцидот врз кукушкиот говор во 1913 година

Уништувањето на Кукуш и масовните убиства и масакри на илјадници Македонци кукушани во тие јунски денови во 1913 година, меѓу кои и на деца и старци, се дел од физичкиот геноцид на грчката држава и војска врз македонскиот народ во Егејска Македонија. Згаснувањето на животот во овој македонистички центар и масовното бегство на сето кукушко население во Струмица и во пиринскиот дел на Македонија претставуваа и исчезнување на природниот животен простор на кукушкиот дијалект на народниот македонски јазик. Претставуваа и класичен пример на дијалектоцид – намерно убивање, уништување цел еден дијалект. Денес кукушкиот дијалект,говор, го има само во лингвистичките атласи и студии, и тоа благодарение само на натчовечките напори на Коста Пеев.

За двотомната монографија за кукушкиот говор академик Блаже Конески напиша: „Вредноста и интересноста на оваа монографија се зголемуваат, особено со тоа што таа му е посветена на еден говор којшто, поради познатите историски околности во Егејска Македонија, е подложен на исчезнување во својата матица. Авторот бил поставен пред задачата да врши еден вид реконструкција на кукушкиот говор, користејќи ги поранешните записи и соопштувања, но и спроведувајќи и самиот анкета меѓу припадниците на тој говор, кои биле преселени во СР Македонија. Со сето тоа работата на д-р Коста Пеев ги надминува по своето значење чисто лингвистичките рамки, зашто заштитува и одбранува пред заборавот еден важен дел од национално-културното наследство на македонскиот народ“.

Монографијата „Кукушкиот говор“ на Пеев ги надминува границите на македонската дијалектологија и станува трајно, неизбришливо сведоштво за историското, јазичното и културното наследство на еден од највпечатливите јужни македонски говори, како и роден говор на идеологот и водач на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Електронското издание на оваа монографија помага кукушкиот говор да излезе од заборавот на времето, но и да им овозможи на следните поколенија дијалектолози, македонисти, слависти и сите други заинтересирани од Македонија и светот да имаат увид и можност за проучување на дел од историјата на македонската дијалектологија, како и пристап до неверојатен извор на богатата македонска дијалектна лексика (зборови).
– Електронското издание на „Кукушкиот говор“ му овозможува на овој важен дел од македонскиот дијалектен простор, иако е уништен во целост уште пред 113 години, да продолжи да живее во новата дигитална иднина и да сведочи не само за граматичкото и лексичкото (зборовно) богатство на овој говор туку и за огромната пожртвуваност и самопрегорна работа на авторот проф. Коста Пеев, кој сиот свој живот го посветил на проучување на македонските дијалекти и афирмација на македонскиот јазик во широки меѓународни рамки – ќе истакне академик Марјан Марковиќ во својата авторска статија „Кукушкиот говор има огромен придонес во македонската наука за јазикот“ – објавена во „Нова Македонија“ на 2 јули 2022 година.

МАНУ: Уште од 1913 година Грција со политика на државен терор го започна етничкиот геноцид врз македонскиот народ!

Уништувањето на Кукуш и на животниот простор на кукушкиот говор беше само еден дел од вкупната грчка политика на грчката држава кон македонскиот народ и македонскиот јазик во егејскиот дел на Македонија.
– Уште од Втората балканска војна (1913), Грција со политика на државен терор го почна етничкиот геноцид врз македонскиот народ. Суровоста на грчките војници кон македонското население беше немилосрдна. Со политичката поделба на Македонија од 1913 година грчката држава почна да спроведува активна политика на денационализација и асимилација на Македонците. Македонското име и македонскиот јазик беа забранети, а Македонците беа именувани како Бугари, славофони Грци или едноставно „ендопи“ (домородци) – се наведува во научната студија со наслов „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науки и уметности, издадена во 1993 година.

Во студијата натаму се истакнува како продолжи и „третманот“ на Грција и Грците кон Македонците и македонскиот јазик по кукушката трагедија од 1913 година: „Со непризнавањето на македонската нација не се признаваше ниту македонскиот јазик. Тој беше забранет, омаловажуван, сметан како варварски јазик, недостоен за еден културен и цивилизиран граѓанин. Строго се забрануваше неговата употреба во меѓусебната комуникација, меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби или на погребни ритуали. Прекршувањето на оваа забрана повлекуваше драконски казни: од морално и психичко малтретирање до ’јазичниот данок’ за секој изустен македонски збор. Истовремено, строго се забрануваше и писменото користење на македонскиот јазик, a македонската писменост се отстрануваше од црквите, спомениците и гробовите“.

Зачувани писмени сведоштва на кукушани за нивната голгота

Според зачувани писмени сведоштва на преживеани и избегани кукушани, всушност, првин започнала борба меѓу грчките и бугарските војски за родниот град на Гоце Делчев. На 20 јуни 1913 година се водела битка меѓу Бугарите и Грците на три-четири километри од градот, но Грците намерно ги насочиле топовите кон градот за да убијат колку е можно повеќе луѓе. Свештеникот Иван сведочел: „На 20 јуни со гранати беше погодена и болницата, во која имаше доста ранети од битката во претходниот ден. На болницата имало развеано знаме на Црвениот крст, кое Грците убаво можеле да го видат од своите позиции. Тешко ранетите загинале, бидејќи болницата изгорела, а полесно ранетите бегајќи од градот, се довлечкале до бегалците. Било пукано од топови и врз сиропиталиштето на француските сестри, каде што прибежиште нашле стотина исплашени, повеќето жени, деца и старци“.

Кукушанецот Атанас Иванов дал вакво сведоштво: „Во градот уште на 20 јуни, а особено на 21 јуни имаше многу луѓе загинати од бомбардирањето. Имаше толку многу гранати, што не може веќе да се зборува за одделни случаи. Во Кукуш на градскиот плоштад грчката војска исекла три жени, двајца старци и едно четири-петгодишно момче“.

Според сведоштвото на отецот Иван, кукушкиот плоштад тогаш, пред зданието на француските сестри, бил покриен со трупови. На ист начин грчката кавалерија (коњаници – н.з.) ги убила и сите селани што останале во селата или решиле да се вратат назад.

Според запишаните сведоштва на други Македонци од Кукуш и околните села, уште на 18 јуни Грците почнале да ги опожаруваат селата во околината. На 19 јуни околните села од југ пламнале. По повлекувањето на бугарската војска на 21 јуни, целата кукушка околија била во пламен. Подоцна се утврдува дека Грците стрелале врз населението што било по нивите на жетва, така што многумина биле убиени таму, а другите во паника почнале да бегаат, не можејќи да се вратат во селата и да си земат нешто за по пат. Грците стрелале со топови и врз бегалците. По кратко, сите можеле да видат како селата им горат. Истовремено, грчката кавалерија пукала врз мирното население: убивала кого ќе стигнела, без разлика на пол и возраст, а потоа систематски ги палела незапалените села, ограбувала, изнудувала пари и ги силувала жените, кажале преживеаните страдалници.

При палењето на Кукуш биле изгорени 1.846 куќи, 612 дуќани и шест воденици. Во областа биле разурнати и опожарени манастирот „Свети Ѓорѓи“ и 40 други села. Македонското население беше принудено да избега и се расели во поголема мера во Пиринска Македонија, во налетот на грчката политика и обидите за бришење секаква македонска трага од Егејска Македонија, што, наспроти сѐ, не успеа да се спроведе во целина. Грците намерно го уништија Кукуш, оти беше важен македонистички преродбенски центар и едно од јадрата на отпорот против грчката фанариотска пропаганда. Кукуш беше намерно пеплосан и целосно уништен, во знак на одмазда.

Тој како град со децении во 19 век претставуваше важен македонистички преродбенски центар и едно од јадрата на отпорот против фанариотската пропаганда на грчките црковни власти кон македонскиот народ. Кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век Кукуш бил голем речиси чист македонски град. Поради својата национална разбуденост и поради жестоката борба за ширење на македонскиот јазик и на македонската национална самобитност, Кукуш бил наречен политичко гнездо. Бил овековечен во песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов. Културно-политичката атмосфера, која била создадена во родното место на Гоце Делчев, благотворно повлијаела врз изградувањето на овој иден организатор на македонското народноослободително движење. Токму поради сево ова, грчката политика и војска до темел го уништија Кукуш, но и како простор за опстојување на кукушкиот дијалект на македонскиот јазик.
– Благодарение на дејноста што на широк план ја повел во Кукуш Димитар Миладинов против елинизмот, овој град станува еден од најпознатите центри на националната преродба во Македонија – нагласува Коста Пеев во својата монографија за кукушкиот говор.