Преименувањето на македонските топоними на глобалните дигитални мапи како повод
- На „Гугл мапс“ и други слични платформи може да се забележи дека селата и локалитетите се прикажуваат со албански имиња, што предизвикува контроверзии околу официјалната употреба на македонскиот јазик и државната картографија
- Појавата на преименување на македонските топоними не е само симболична. Таа има и практични последици – туристите, истражувачите и странските посетители добиваат погрешна слика за официјалната топонимија на Македонија. Националниот парк Шар Планина, кој во своите карти користи македонски имиња, на „Гугл мапс“ се соочува со „паралелна реалност“
- Институциите досега реагираа повремено. Уставниот суд веќе има донесено одлуки дека преименувањето улици и населени места без законска основа е – противуставно, како што беше случајот со иницијативите во Тетово. Но дигиталниот простор останува нерегулиран. Прашањето е дали државата ќе успее да воспостави јасна рамка за употреба на топонимијата и дали сите инволвирани страни, од локалната самоуправа, преку централната власт, па до глобалните компании што го имаат овој домен на работа, ќе ја почитуваат официјалната листа на називи и имиња што е утврдена од Македонија
Во јавноста сè почесто се отвора прашањето за тоа како глобалните дигитални мапи ја третираат топонимијата во Македонија, особено во регионот на Шар Планина. На „Гугл мапс“ и други слични платформи може да се забележи дека селата и локалитетите се прикажуваат со албански имиња, што предизвикува контроверзии околу официјалната употреба на македонскиот јазик и државната картографија.
Селото Бродец, на пример, е означено како Brodec, Лешок како Leshok, а во околината на Желино и Теарце се појавуваат имиња во албанска форма, иако во официјалните документи тие се запишани на македонски јазик. Дури и кај планинските врвови и туристичките локалитети, како Попова Шапка, може да се најдат паралелни имиња на албански јазик и со други значења (на пр. Kodra e diellit) што не се дел од државната картографија.
– Ова е директно мешање во културната меморија – вели еден универзитетски професор, кој инсистираше да остане анонимен, додавајќи дека „наместо да се почитува официјалната топонимија, се создава паралелна историја, која може да доведе до нови поделби“.
Друг соговорник, жител на тетовско село, вели: „Не е проблем што Албанците го користат својот јазик во секојдневието, проблем е кога глобални платформи ја заменуваат официјалната топонимија со паралелна, што создава впечаток дека државата нема контрола врз сопствениот простор“.
Појавата на преименување на топонимите не е само симболична. Таа има и практични последици – туристите, истражувачите и странските посетители добиваат погрешна слика за официјалната топонимија на Македонија. Националниот парк Шар Планина, кој во своите карти користи македонски имиња, на „Гугл мапс“ се соочува со паралелна реалност. Институциите досега реагираа повремено. Уставниот суд веќе има донесено одлуки дека преименувањето улици и населени места без законска основа е противуставно, како што беше случајот со иницијативите во Тетово. Но дигиталниот простор останува нерегулиран. Прашањето е дали државата ќе успее да воспостави јасна рамка за употреба на топонимијата и дали глобалните компании ќе ја почитуваат официјалната листа на имиња.
Оваа дебата не е за иднината на македонското општество. Дали паралелната употреба на топонимија ќе придонесе за интеграција или ќе создаде нови линии на поделба? Дали дигиталните мапи ќе станат алатка за културна афирмација или за институционална ерозија? Одговорот ќе зависи од тоа колку сериозно државата ќе го сфати значењето на топонимијата како дел од националниот идентитет и колку ќе инсистира на рамноправност и почитување на официјалните имиња. Д.Ст.
Бришење на историјата преку преименување на топонимите
Историскиот контекст на топонимијата е суштински за разбирање на денешните контроверзии. Топонимите не се само географски ознаки – тие се живи сведоштва за минатото, за народите што живееле на одреден простор и за културите што го обликувале. Во секое име е втисната меморија: името на селото ја носи приказната за неговите основачи, името на реката ја чува легендата за нејзиниот тек, а името на планината ја пренесува духовната врска меѓу човекот и природата. Во Македонија топонимите низ векови биле мост меѓу генерациите. Селата по Шар Планина не се само населени места – тие се архиви на јазикот и културата. Кога едно име се менува или се заменува со паралелна форма, тоа не е само лингвистичка промена, туку се доживува како бришење идентитет. Жителите чувствуваат дека со исчезнувањето на името исчезнува и дел од нивната историја.
– Топонимите се најстарите документи на еден народ. Тие се постари од архивите и од книгите. Ако ги избришеме или замениме, тоа е како да ја избришеме меморијата од камените плочи и да ја замениме со нова, која нема корен – вели наш соговорник, историчар од Скопје.
Примерите се многубројни: Бродец, чие име потекнува од зборот „брод“ – премин преку вода, денес на дигиталните мапи се појавува како Brodec. Лешок, познат по манастирот и културното наследство, е прикажан како Leshok. Овие промени не се само превод туку и симболичка замена на културниот код. Д.Ст.


































