Американски медиуми објавија дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за нови воени напади врз Иран, кои, според извештаите, би можеле да бидат реализирани во текот на викендот и да бидат насочени кон енергетската инфраструктура.
Говорејќи на состанок со членовите на својот кабинет во претседателската резиденција Кемп Дејвид, Трамп порача дека ќе го засили притисокот врз Техеран.
-Јас многу силно ќе го нападнам и знаете, во одреден момент тие ќе кажат: Едноставно не можеме повеќе да издржиме – изјави американскиот претседател.
Во меѓувреме, „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Трамп одобрил нова воена операција со цел да изврши дополнителен притисок врз Иран, а нападите би можеле да започнат уште за време на викендот.
Според „Си-би-ес њуз“, САД и Израел координираат можни заеднички акции насочени кон иранската енергетска инфраструктура, при што потенцијални цели би биле рафинерии за нафта и електрани.
Од друга страна, иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на официјален претставник, ги оцени овие информации како „форма на неодговорност“.
Истиот извор нагласи дека Иран располага со сеопфатен план за одговор во случај на евентуална американска воена акција, кој, според неговите тврдења, би можел да опфати критична израелска инфраструктура, како и американски енергетски објекти во регионот.































