Три лица од Скопје се приведени под сомнение за обид за кредитна измама со фалсификувани документи, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе МИА.
Полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје на 29 јули ги лишиле од слобода И.Т. (45), С.Т. (21) и П.П. (29), поради сомнение дека сториле кривични дела „фалсификување исправа“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Според информациите од МВР, првоосомничениот И.Т., со помош на останатите двајца, се обидел во банка во Скопје да подигне кредит во износ од 900.000 денари, користејќи фалсификувана лична карта со податоци на друго лице, како и фалсификувана кредитна документација.
Осомничените биле приведени во моментот кога банката ја обработувала доставената документација. По преземените мерки, а во координација со дежурен јавен обвинител, тие биле изведени пред судија на претходна постапка.


































