Повеќе од 300 пожарникари и натаму се борат со големиот шумски пожар во областа Виотија во централна Грција, кој и денеска останува надвор од контрола. Силниот ветер продолжува да го отежнува гаснењето, а властите спроведоа нови превентивни евакуации на населението.
Пожарот избувна вчера наутро, а поради неповолните временски услови брзо се прошири на повеќе фронтови. И утрово се активни неколку жаришта, додека противпожарните екипи се обидуваат да го спречат неговото понатамошно ширење.
Во текот на ноќта, преку системот 112 беа испратени пет предупредувачки пораки за евакуација до жителите на четири населени места во непосредна близина на пожарот.
Утринава, по морски пат беа евакуирани 12 лица од крајбрежното место Порто Гермено со пловни средства на противпожарната и крајбрежната служба. Ден претходно, од истата област на безбедно беа пренесени вкупно 254 лица.
Во гаснењето денеска се ангажирани 325 пожарникари, 18 пешадиски тимови и 92 противпожарни возила, со поддршка од волонтери и цистерни на локалните власти. Од воздух се подготвени да интервенираат 18 авиони и 11 хеликоптери, но нивното дејствување е ограничено поради силниот ветер.
Министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, Евангелос Турнас, доцна синоќа го посети Порто Гермено, каде на терен беше информиран за состојбата и координацијата на операциите за гаснење.
Во меѓувреме, сателитските анализи на Националната опсерваторија во Атина покажуваат дека чадот од пожарите во Виотија, како и од пожарите во Атика и на Пелопонез, се проширил на повеќе од 750 километри, достигнувајќи до бреговите на северна Африка.
Покрај пожарот во Виотија, активен останува и голем пожар во северниот дел на Пелопонез, каде интервенираат 75 пожарникари со четири пешадиски тима, 21 возило и цистерни од локалната самоуправа. И таму во текот на ноќта беа издадени предупредувања за превентивна евакуација.
Во меѓувреме, состојбата со пожарот на островот Крит, јужно од Ретимно, е значително подобрена. Иако огнената стихија е ставена под контрола, противпожарните екипи остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување.































