Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во вториот квартал од годинава е забележано намалување и на државниот и на јавниот долг, како и раст на индустриското производство, оценувајќи дека економските показатели се доказ за позитивните ефекти од владините политики, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Дебар, Мицкоски посочи дека државниот долг е намален за повеќе од 40 милиони евра, а јавниот долг за над 20 милиони евра во вториот квартал од годината.

Според него, нивото на државниот долг во моментов е најниско од периодот по пандемијата со Ковид-19.

Премиерот информираше и дека индустриското производство во јуни бележи раст од 6,5 проценти на годишно ниво, додека за целиот втор квартал растот изнесува 4 проценти.

Осврнувајќи се на политичките реакции, Мицкоски оцени дека овие економски показатели не ѝ одат во прилог на опозицијата, која, според него, секојдневно создава негативна атмосфера во јавноста.

Тој повторно ја обвини претходната власт за, како што рече, наследените економски проблеми, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со мерки насочени кон нивно надминување.

-Ова се добри вести за граѓаните, за државата и за општините. Индикаторите по две години напорна работа полека, но сигурно стануваат видливи, а резултатите почнуваат да се чувствуваат – изјави Мицкоски.

Премиерот овие ставови ги изнесе при посетата на Дебар, каде присуствуваше на доделувањето на 47 станови за социјално загрозени категории граѓани.