Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека истрагата за загадувањето на водоснабдителниот систем во Гостивар продолжува и најави можност за нејзино проширување, посочувајќи дека веќе се преземаат мерки за утврдување на одговорноста, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Дебар, Мицкоски рече дека, според досегашните сознанија, вработени во ЈП „Водовод“ несовесно префрлале вода од река во главниот резервоар со помош на цевки и пумпи.

Тој информираше дека Обвинителството веќе постапува по случајот, а дел од осомничените лица се обезбедени и сослушани. Според него, се очекува истрагата дополнително да се прошири.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата во врска со процесот на хиперхлорирање, премиерот нагласи дека постапката ја спроведуваат стручни лица од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Мицкоски истакна и дека во Собранието биле презентирани документи кои, според него, покажуваат дека во минатото надлежните институции не реагирале на анализите што укажувале на неисправност на водата на повеќе мерни места.

Тој додаде дека секојдневно се земаат нови примероци од водата и се вршат лабораториски анализи, изразувајќи очекување дека наскоро жителите на Гостивар повторно ќе добијат бактериолошки исправна вода за пиење.

Премиерот потсети дека во меѓувреме е обезбедена вода за пиење за граѓаните на Гостивар, заблагодарувајќи им се на компаниите и поединците кои се вклучиле со донации.

-Очекувам многу скоро, покрај водата што сега се користи за технички потреби, граѓаните повторно да добијат вода безбедна за готвење и за пиење – изјави Мицкоски.

Изјавата ја даде при посетата на Дебар, каде присуствуваше на доделување на 47 станови за социјално загрозени категории граѓани.