Фото: МИА

Министерството за здравство соопшти дека започнува вонреден инспекциски и стручен надзор по случајот со 19-годишната пациентка која по царски рез во Клиничката болница во Штип останала со тешки невролошки последици, пренесе МИА.

Од Министерството информираат дека е издаден налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за спроведување вонреден инспекциски надзор, со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности поврзани со лекувањето на пациентката.

По завршувањето на инспекцискиот надзор и увидот во медицинската документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашното лекување и постапувањето на здравствените работници и установите кои биле вклучени во третманот.

Од Министерството апелираат да не се носат предвремени заклучоци додека не завршат сите законски и стручни постапки, нагласувајќи дека јавноста навремено ќе биде информирана за утврдените факти и евентуалните понатамошни мерки.

Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека вонреден надзор ќе биде спроведен во сите три здравствени установи во кои се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од село Баница.

Според информациите што ги објави „Слободен печат“, пациентката по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка.

Покрај инспекцискиот, ќе биде спроведен и стручен надзор, при што експерти од областа на гинекологијата, неврологијата и урологијата ќе утврдуваат дали при медицинскиот третман е направен пропуст што довел до тешката компликација.