Не судете за филмот по корицата

Во време кога филмската индустрија троши милиони долари за да нè убеди да купиме билет уште пред да седнеме во киносалата, сè почесто се случува маркетингот да е поважен од самиот филм. Трејлерите често откриваат половина приказна, ги потенцираат најкомерцијалните моменти и создаваат очекувања што немаат многу допирни точки со делото што режисерот навистина сакал да го направи. „Драмата“ („The Drama“, 2026) е можеби најдобриот пример за тоа годинава.
Првите трејлери го претставуваа филмот како необична романтична драма со чуден тон, чуден ритам и уште почуден актерски избор. Дури и самиот наслов сугерираше нешто безопасно – уште една љубовна приказна што ќе се обиде да биде „поинаква“ од другите. За многумина токму тоа беше причина однапред да го отпишат филмот. Но токму тука лежи најголемата иронија. „Драмата“ е филм што речиси намерно дозволува да биде погрешно сфатен, за потоа постепено да открие дека зад неговата романтична фасада се крие едно од најнепријатните и највознемирувачки морални прашања што современата кинематографија се осмелува да ги постави.
Од друга страна, секој што претходно ги гледал „Смачено ми е од себе“ („Sick of Myself“) и „Идеално сценарио“ („Dream Scenario“) тешко можеше целосно да ги оттурне очекувањата. Кристофер Боргли веќе се има докажано како режисер што ужива да ја измами публиката. Неговите филмови секогаш започнуваат со премиса што изгледа речиси банално, а потоа постепено се претвораат во сложени психолошки анализи на современиот човек. Во „Смачено ми е од себе“ егото беше претворено во болест. Во „Идеално сценарио“ славата стана колективен кошмар. Затоа, и покрај неубедливиот маркетинг, постоеше чувство дека зад „Драмата“ повторно се крие нешто многу поголемо отколку што трејлерите сакаа да покажат.
И токму така и се случува.

Романса што никогаш не била само романса

На почетокот, „Драмата“ изгледа како интимна приказна за двојка што се подготвува за венчавка. Ема (Зендаја) и Чарли (Роберт Патинсон) изгледаат како уште еден пар што се соочува со вообичаените стравови пред најважниот ден во својот живот. Боргли намерно нè остава да се опуштиме во таа атмосфера, користејќи лесни дијалози, тивок хумор и природна динамика меѓу двата лика. Дополнително, во прилог на тоа оди и сцената во која младиот пар се запознава. Сѐ е совршено, романтично како клише од романтична сапуница што сме имале можност да ја гледаме многупати претходно. Но тука Боргли нѐ фрла во замка.
Сè се менува со една наизглед безопасна дружба.
Во разговор што почнува речиси како игра, Ема признава дека како тинејџерка сериозно размислувала и планирала масовно пукање во своето училиште. Таа никогаш не го реализирала својот план, но самото признание е доволно да ја урне целата слика што околината ја имала за неа. Таа е прекрасна млада дама, која навидум лесно се справува со себе и изгледа самоуверено. Но во минатото не било така. Ема била девојче што се борело со својата несигурност и често била жртва на задевање. Дали овој податок или трендот на масовни убиства во школите ја наведува младата Ема да се впушти во една ваква опасна игра?
Најсилната реакција доаѓа од Рејчел, ликот што треба да е кума на венчавката, кој го игра извонредната Алана Хаим. Нејзината згрозеност не е резултат само на страв туку и на невозможноста да прифати дека личност што изгледа толку емпатично и нормално носела толку мрачна тајна. Но најстрашно од сѐ е тоа што Рејчел има блиска роднина што останала инвалид по еден таков настан во нејзиното училиште. Боргли овде отвора исклучително непријатно прашање: Дали човекот засекогаш останува заробеник на своите најмрачни мисли, дури и ако никогаш не ги претворил во дело? Дали реакцијата на Рејчел е претерана или опасноста тлее некаде длабоко?
Во овој момент, од лесна романтична комедија, филмот ја оттурнува публиката од зоната на удобноста.

Осуда што доаѓа побрзо од вистината

Откако тајната ќе стане јавна, „Драмата“ повеќе не е романса. Филмот се претвора во студија за современото општество, кое пресудува побрзо отколку што слуша.
Ема и Чарли одеднаш повеќе не се идни младенци. Тие стануваат симболи. Луѓе што сите ги анализираат, ги коментираат и ги осудуваат. Плановите за венчавката постепено се распаѓаат, пријателствата исчезнуваат, довербата се крши, а врската меѓу нив станува жртва на товарот што никој не знае како да го носи.
Најболниот аспект е што Чарли не мора да се справува со сопствената вина, туку со вината на жената што ја сака. Боргли мајсторски ја истражува оваа морална дилема: Дали љубовта подразбира безусловно прифаќање или постојат тајни што засекогаш ја менуваат природата на еден однос?
Токму тука сценариото ја покажува својата зрелост. Наместо да ја претвори Ема во чудовиште или во жртва, Боргли ја остава да биде човек. А тоа е многу потешко.

Зендаја и Роберт Патинсон – дуо што совршено функционира

На хартија, кастингот изгледаше необично. Зендаја и Роберт Патинсон не се првото дуо што љубителите на филмот би го замислиле во ваква приказна. Токму затоа многумина уште по објавувањето на актерската екипа беа скептични.
По гледањето на филмот, тие сомнежи звучат речиси смешно.
Зендаја носи една од најкомплексните улоги во својата кариера. Нејзината Ема не бара сочувство, не бара оправдување и никогаш не бара публика да ја сака. Таа постојано балансира меѓу чувството на вина, стравот, желбата за нов почеток и неможноста целосно да избега од сопственото минато. Наместо големи емотивни експлозии, Зендаја игра со суптилни погледи, тивки паузи и реченици што повеќе кријат отколку што откриваат.
Од друга страна, Роберт Патинсон уште еднаш покажува колку далеку се наоѓа од имиџот што некогаш го следеше. Неговиот Чарли е човек што искрено сака да верува дека љубовта е доволна, но постепено сфаќа дека постојат вистини што ја менуваат секоја перспектива. Неговата трансформација е постепена, болна и целосно уверлива.
Заедно создаваат хемија што не се темели на романтични клишеа, туку на доверба што полека се распаѓа пред очите на гледачот.

Совршено избрани споредни улоги

Алана Хаим е вистинското откритие на филмот. Нејзината Рејчел функционира како моралното огледало на приказната. Таа ја изговара реакцијата што голем дел од публиката инстинктивно би ја имал, но без притоа ликот да стане еднодимензионален.
Еднакво се важни и улогите на Мамуду Атије, Хејли Гејтс и Ана Баришников. Ниту еден спореден лик не постои само за да ја придвижи приказната. Секој претставува различен општествен одговор на истата дилема – осуда, сомнеж, сочувство, страв или желба да се разбере она што изгледа невозможно за разбирање.

Боргли повторно го режира човечкото лицемерство

Она што најмногу импресионира е режијата. Боргли повторно избегнува сензационализам. Филм со ваква тема лесно можел да стане евтина провокација или морализаторска лекција. Наместо тоа, режисерот избира воздржаност.
Камерата останува блиску до ликовите. Просторот е интимен. Музиката никогаш не манипулира со емоциите. Напнатоста произлегува исклучиво од разговорите, тишината и погледите.
Продукцијата го следи истиот принцип. Нема спектакл, нема визуелни егзибиции. Сè им е подредено на приказната и актерите. Тоа е филм што верува во силата на сценариото, а не во ефектните кадри.

Сценарио што не нуди утеха

Најголемата вредност на „Драмата“ лежи токму во сценариото. Наместо да заземе страна, Боргли поставува прашања.
Дали човекот треба засекогаш да биде дефиниран од најмрачната мисла што некогаш ја имал?
Може ли искреното покајание да биде доволно?
Постои ли случка од која некој во денешно време не може да биде повреден?
Дали љубовта преживува кога вистината станува неподнослива?
И што всушност значи простувањето?
Филмот не се обидува да даде едноставни одговори. Напротив, го остава гледачот сам да ја носи тежината на тие дилеми и долго по завршувањето на проекцијата.

Заклучок

„Драмата“ е уште една потврда дека Кристофер Боргли е еден од најинтересните автори на современата кинематографија. Тој повторно создава филм што на прв поглед изгледа како нешто што веќе сме го гледале, само за постепено да се претвори во длабока психолошка и морална анализа на современиот човек.
Лошо осмислената маркетинг-кампања и трејлерите му направија мечкина услуга, претставувајќи го како необична романтична драма со чуден кастинг. Но токму тој кастинг се покажува како едно од неговите најголеми богатства. Зендаја и Роберт Патинсон испорачуваат извонредни актерски интерпретации, Алана Хаим блеска во секоја своја сцена, а споредната екипа ја заокружува приказната со извонредна прецизност.
„Драмата“ не е филм што сака да шокира. Тој сака да ве натера да размислувате. За љубовта. За вината. За простувањето. И за тоа колку малку знаеме за луѓето што мислиме дека ги познаваме или, уште пострашно, ги сакаме.
На крајот останува само една лекција што ретко кога толку совршено се покажала како вистинита: никогаш не судете за еден филм по неговиот трејлер. Бидејќи зад најнеубедливата реклама понекогаш се крие едно од најхрабрите филмски остварувања на годината.