Можеби е досадно постојано навраќање назад низ времето. Но тоа е корисна функција доколку сакаме да споредуваме или да се потсетиме на нашето минато, кое, сакале ние или не, ни го посочи патот кон идното. Во секој случај, станува збор за една од најдинамичните декади на векот. Во таа наша – моја населба, позната како Дутлок, се случуваа разни чудесии. За почеток, ќе кажам дека водата од Вардар ја пиевме бидејќи можеа да се избројат камчињата на дното. Кога ќе го засекнеа, цела населба ловеше риба што се нижеше на млади врбови чатали. Зелени површини и ниви имаше од центар, па до Вруток. Во минатото, нашите старци домовите ги граделе по ридовите оти полето било за храна. Овоштарници со тетовско јаболко (може да го сонуваме бидејќи не ја издржа битката со хибридите, кои даваат огромни приноси), одамна исчезнатиот бостан, пиперката и тромакот. Полињата ги претворивме во патишта, кои го збудалеа нашиот и така кревок брзински менталитет. Помошта што Југославија ја добиваше од американскиот народ позната како УНРА – не може да се замени или продаде (cannot be sold or exchanged), ни ги донесе Трумановото млеко и јајцата во прав. Едноставно, нѐ модернизира и нѐ подготви за синтетичка иднина. Кркавме кашкавал чиј карактеристичен мирис и ден-денес ми виси под носот. Ни на сон не можеше да се мери со галичкиот кашкавал, кој се извезуваше во САД, мавровското и габровското сирење, а веројатно и од другите карактеристични типови од Малешевијата и од Крушево, мариовското биено сирење, тетовското гравче или ресенското јаболко. Нека не ми биде фатено за кусур ако некого со вистински вредности не спомнав. Денес запнале, рудници па рудници. Море, загади до „даска“, што се вели. Да не остане педа незагадена. Што ќе ни е чиста храна за потребите на иднината? Се прашувам лаички, каде има рудници низ Европа? Нивните рудници се надвор. Да, во средниот век Сасите (саксонски рудари) копале богатство кај нас, ама чинам дека нашето вистинско богатство е храната.
Ни оддалеку Трумановото млеко не можеше да се мери со меурчињата во лимените садови за претурање на млекото од нашите производители. Пеш или со магаренца, вредните млекари разнесуваа млеко низ градот. Арно ама, на помошта никогаш не треба да се гледа со зајадливост и ние секако бевме и сме благодарни за таа помош во сиромашниот повоен период. Особено за лековите што недостасуваа пред да се појават пеницилинот, стрептомицинот и југоцилинот. Што се однесува до нас децата од некогашното минато, радоста беше бескрајна кога во една пригода ни беа поделени играчки од кои штукнавме од умот. Дотогаш, во таа наша населба, играчките за секојдневните игри ги правевме сами.
Пушкомитралези или популарно наречени кртешници се правеа од стеблата на пченките од полето со кое се граничевме, пиштолите и ножевите од меки дрва, а куклите девојчињата ги правеа од партали или крпи со разни додатоци за очи, усни и веѓи. Се разбира, додека тие играа мајки – мајки, учителки или докторки, ние машките се бувтавме со Индијанците и дивите африкански племиња. Тие беа зло наметнато од белците. Никој од нас не сакаше да биде Индијанец или племенски врач. Сите ги обожававме Џон Вејн, Гари Купер, Џемс Стјуарт или Роберт Мичам. Работите малку се изменија кога на филмското платно стасаа јунаците на Карл Мај. Го засакавме Винету, првиот индијански поглавар на Апачите, кој беше збратимен со Олд Шетерхенд. Тие станаа нашите нови идоли. Можеби затоа што филмовите се снимаа во Далмација. Кога ќе се сетам, сега од сѐ срце се ставам на страната на некогашните филмски ама и животни губитници… Се чини дека обидите на Холивуд да извезува филмови што ќе ја обликуваат колективната свест беа исклучително успешни. Филмската индустрија ја оствари својата намера. И така, Холивуд се пренесе и на улиците на Дутлок. Најпрвин се отвори едно улично кино. Тоа беше киното на Средното Маало со персоналот што го сочинуваа Боро Каљо, Диме Мимина, Душко Тега, Слаѓан, Јаќим, Чинто и Томе Ѓуша како специјалист за посебни ефекти. Двете претстави беа преполни со деца, наши маалци. Имаше журнал како во вистинско кино и ленти со документарци од дневните и неделните весници. Тие најпрвин се сечеа, а потоа лепеа за да поминат низ отворот на екранот направен од хамер. Потоа следуваше лента од вестерн-стрипови и на крајот битка со макети од авиончиња, бродови и тенкови. Едно од децата држеше или свеќа или батерија во рацете и така се правеше израз од сенки на хамерот. Ова се следеше со посебен интерес. Но веднаш се јави и конкуренција. Ние од Горно Маало не останавме покуси. Со три стари ќебиња, направивме сала и поставивме трупчиња како седишта за посетителите. Копија на она од Средно Маало. Дракче Бине, Стеве Накил, Боге Кеже, Владе, Џими, Чапе, Томе Дики и мојата дробност беше персоналот што требаше да биде конкурентен. Кованица од два алуминиумски динари беше износот со кој ја „скинавме“ конкуренцијата. За работата да киниса, се погрижи и УНРА, која ни подари играчки. Имавме витези со штитови, халебарди и мечеви, имавме разни животинки. Посебно значајна беше фигурата на Супермен како бранител на планетата. Ова беше увертира за Марвел. Арно ама, секое чудо за три дена, па така и ова нашево. Кината не можеа да издржат оти и платежната моќ и понудата ја завршија големата лага. Во секој случај, сигналите од Холивуд ја сменија нашата колективна свест. И така сѐ до денешно време.
Таа 1960 година беше престапна година. На некој начин, посебна година. Според мерењето на времето, кое за Римјаните започнува од 753 година, кога Ромул и Рем го изградиле градот Рим, таа се брои како 2713 година. Има две толкувања за броење на времето по кинескиот календар. Едни сметаат дека почетокот е од 61 година од владеењето на големиот Жолт Цар или 2637 година, други сметаат дека треба да се поистовети со годината на почетокот на неговото владеење. На тој начин, според првото толкување, нашата мистична 1960 година се протега до 4596 година на сметка на 4557 од второто. Според исламскиот календар, кој стартува со броење од 622 година (време на Хиџрата), односно кога пророкот побегнал од Мека во Медина, таа се протега сѐ до 1389 (бојот на Косово). Значи оваа година за која пишувам, како да е сеопфатна за раниот период на шеесеттите. Како и да е, во таа 1960 година, продолжија музичките радости на младите со боса нова, твистот, рокенролот, тангото. Волшебна летна рапсодија. Таков беше светот на шеесеттите што ние упорно го откривавме низ подотворениот прозорец. Сега е лето, но со крешчендо. Гостиварскиот случај со фекална наместо пивка вода нѐ потсети на тоа дека секој прогрес треба да ја гарантира безбедноста на здравјето на граѓаните. Луѓето не се само бројки. Арно ама токму бројките на заболени нѐ демантираа. Да се надеваме дека овој пат демократијата нема да отстапи пред сопствената правда во осуда на делото. Оти за миг, случајот како да нѐ врати во времето на мрачниот период од ковид-пандемијата…
Љубомир Јованоски
































