Наш агол
Во пресрет на концертот на Рита Ора во Охрид
- Охрид не смее да стане сцена за политички симболи – уметноста заслужува да остане уметност
Прифаќањето на Охрид да биде домаќин на Рита Ора и нејзината желба да настапи во „летната престолнина на Балканот”, е потврда дека уметноста има моќ да ги надмине границите, различностите, јазиците, верските или етничките припадности. Чистата уметност треба таква и да остане – универзална, достоинствена и ослободена од дневнополитички товар. Во тоа е и големината и вредноста на една држава и на еден град во кој е во тек и светски фестивал, Охридско лето, кој со децении гради и надградува репутација како простор каде што единствениот јазик е јазикот на културата.
Токму затоа, во пресрет на еден спектакл, концерт на една музичка мега-ѕвезда, Рита Ора, добро е да се каже нешто што не е критика, туку превенција…
Рита Ора во минатото знаела на свои настапи да гестикулира, покаже или да прифати од публиката национални симболи, што дел од аудиториумот ги доживува како израз на личен идентитет, а друг дел – особено на Балканот – како политичка провокација.
Без оглед на намерата, ваквите гестови во различни држави добиваат различно значење.
Во Македонија, пак, вакви пораки неминовно се читаат низ специфичен историски и општествен контекст. Македонското општество е мултиетничко, со чувствителна колективна меморија и со искуства што сè уште влијаат врз меѓуетничките односи. Две децении по конфликтот од 2001 година и Охридскиот рамковен договор, многу прашања се надминати, но не сите емоции се избледени.
Затоа, секој симбол што може да биде протолкуван како етноцентрична или националистичка или хегемонистичка порака, лесно ја менува природата на еден концерт. Од културен настан, тој може да стане политички настан. А тоа не му е потребно никому.
Ова не е повик до Ора или било кој друг да се откаже од својот идентитет. Напротив. Идентитетот е легитимен, но јавната сцена бара и чувство за контекст. Особено кога настапувате пред публика составена од различни етнички, верски и национални заедници.
Второ…
Истото важи и за публиката. Концертната еуфорија понекогаш знае да ги оттурне границите на вкусот и одговорноста. Знамиња, транспаренти или гестови што можат да се толкуваат како етноцентрични или шовинистички не ја збогатуваат атмосферата. Напротив, тие ја одвлекуваат вниманието од музиката и ја претвораат уметноста во арена за политички провокативни пораки.
Трето…
Одговорноста не е само на вокалната интерпретаторка. Таа е и кај организаторот, кој треба да го зачува достоинството на настанот.
Четврто, одговорноста е и кај секој посетител, кој со своето однесување учествува во создавањето на атмосферата.
Охрид е институција за Македонија! Охрид ја претставува Македонија пред светот. Тој не смее да биде осквернавен и запаметен по инцидент, симбол или политичка контроверза, туку по историјата, музиката, театарските претстави, уметничките изведби и културната порака што ја испраќа на светот.
Најголемата победа на овој настан нема да биде преполниот стадион и публика што сигурно ќе ја има, ниту френетичните скандирања и аплаузи за уметничката изведба, туку фактот ако следното утро единствената тема биде квалитетот на уметничкиот настап на Ора.
Затоа ова не е предупредување од страв, туку повик на зрелост. До организаторот, до Рита Ора и до секој што ќе биде дел од публиката.
Во време кога симболите лесно стануваат повод за поделби, најсилната порака што може да се испрати од сцената во Охрид е дека уметноста не треба да биде ничија политичка трибина. Таа треба да остане она што отсекогаш била – простор во кој луѓето се среќаваат како публика, а не како спротивставени табори. Р.Н.М.
































