Hamas
фото: ЕПА

Палестинското движење Хамас соопшти дека првиот чекор кон спроведување на договорот за поетапно разоружување во Појасот Газа, претставен од американскиот претседател Доналд Трамп, зависи од целосен прекин на израелските воени операции.

Од Хамас наведуваат дека предавањето на тешкото оружје е директно условено со обврска на Израел да престане со нападите врз Појасот Газа, да го запре убивањето на Палестинци и целосно да ги повлече своите сили од енклавата, пренесе МИА.

Палестинската вооружена група не објави дополнителни детали за временската рамка или за механизмите преку кои би се реализирало евентуалното разоружување, но повтори дека прекинот на воените дејствија е неопходен предуслов за продолжување на процесот.

Договорот за поетапно разоружување беше претставен како дел од пошироките меѓународни напори за ставање крај на конфликтот во Газа и воспоставување нова безбедносна рамка во палестинската енклава.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за разоружување на Хамас, но деталите од договорот сè уште не се јавно објавени, а официјалните реакции од Израел засега изостануваат.