Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека по регистрираната појава на бела отпадна пена во реката Вардар, кај вливот на Лепенец на 24 јули, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) веднаш започнал вонредни инспекциски и лабораториски проверки.
Од Министерството информираат дека инспекторите извршиле вонредни надзори кај индустриските капацитети во зоната што се под државна надлежност, при што не биле констатирани прекршувања на законските прописи.
– При надзорите не беа утврдени нерегуларности, а контролираните субјекти постапувале согласно условите предвидени во еколошките дозволи за управување со отпадните води – се наведува во соопштението.
Оттаму посочуваат дека квалитетот на водата во овој дел од Вардар зависи од повеќе фактори, меѓу кои комуналните и атмосферските води, како и активностите на бројни деловни субјекти, поради што институциите постапуваат координирано.
Во меѓувреме, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје земало мостри од водата и до Министерството доставило прелиминарен извештај од 29 јули. Според првичните анализи, физичко-хемиските параметри не ги надминуваат дозволените гранични вредности за испуштање во површински води.
По барање на ДИЖС, дополнителни примероци се анализираат и во акредитирана лабораторија. Конечниот извештај се очекува на 4 август, по што резултатите ќе бидат јавно објавени.
Од Министерството нагласуваат дека Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со редовни и вонредни контроли со цел да се обезбеди заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
































