Фото: Принтскрин

Клиничката болница во Битола денеска ја претстави новата медицинска опрема и најновите инвестиции во установата, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски.

Директорката Ненси Лозанче ги информираше владините претставници за новите соработки со здравствени институции, со кои дел од специјалистичките услуги што досега биле достапни само во Скопје, сега ќе се обезбедуваат и во Битола.

 – Клиничката болница Битола е првата во државата што воспостави соработка со Клиниката за онкологија и радиотерапија. Наместо пациентите со малигни заболувања да патуваат во Скопје за прегледи и контроли, специјалисти од Клиниката еднаш неделно, а по потреба и почесто, ќе доаѓаат во Битола – изјави Лозанче.

Таа соопшти дека е воспоставена и соработка со специјалист од Клиниката за педијатрија, со што децата со атипичен развој повеќе нема да мора да патуваат во главниот град за редовни прегледи, извештаи и третмани.

Лозанче се заблагодари на Владата и на премиерот Мицкоски за набавката на нов дигитален рендген-апарат, кој, како што рече, ќе биде од големо значење не само за Битола, туку и за пациентите од целиот југозападен регион.

Во изминатиот период во болницата се реализирани 82 нови вработувања, 10 лекари се на приватна специјализација, а во установата се вработиле и специјалисти кои претходно работеле во приватниот и јавниот здравствен сектор.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека регионализацијата на здравствениот систем мора да добие конкретна содржина, а не да остане само концепт на хартија.

 – Драго ми е што искусни доктори специјалисти дојдоа да работат во Битола, а очекуваме и нови кадри. Следниот чекор е дополнително екипирање на болницата и децентрализација на уште повеќе здравствени услуги – рече Клековски.

Тој најави дека наскоро и терапијата за пациентите со мултипла склероза, која досега се примаше исклучиво во Скопје, ќе биде достапна и во Клиничката болница во Битола, со што значително ќе се олесни лекувањето на пациентите од југозападниот дел на земјата.

За време на посетата, директорката Лозанче и министерот Клековски го информираа премиерот Мицкоски и за идните инвестиции во болницата, како и за потребата од натамошна владина поддршка за модернизација на установата.