![]()
Пред пет децении четири крадци провалиле во сефот на милијардер, почнувајќи низа настани што разоткрија и осуетија една од најамбициозните операции на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) против Советите. Сега, ветераните на ЦИА се загрижени дека уште еден навидум дрзок грабеж, овој пат, наводно извршен од функционер на агенцијата, би можел да разоткрие уште една строго доверлива програма, откако надлежните власти тврдат дека функционерот излегол од својата канцеларија со златни прачки во вредност од 40 милиони долари.
Дејвид Раш од ЦИА, уапсен во мај под обвинение за кражба на јавни пари, бил виш надзорник во одделот за наука и технологија на агенцијата. Таа единица ги дизајнира алатките за шпионажа што ги користат агентите за пресретнување разговори, обезбедување тајни фотографии и комуникација. Раш, сепак, не е официјално обвинет ниту јавно одговорил на обвиненијата на суд. Тој управувал со високодоверлива разузнавачка програма одобрена од Конгресот пред неколку години, во која се користеле големи количества пари за добивање критични информации за американските ривали, според луѓе запознаени со ова прашање, при што имал ранг еднаков на армиски генерал на ЦИА.
Случајот го стави начинот на кој агенцијата ја извршува својата работа во центарот на вниманието, а некои поранешни службеници на ЦИА рекоа дека деталите за легитимните тајни операции што тој ги водел неизбежно ќе излезат на виделина. Случајот ги одразува околностите околу кражбата во канцеларијата на ексцентричниот аерокосмички бизнисмен Хауард Хјуз од 1974 година, кој заврши со откривање на обидот на ЦИА да дојде до потоната советска нуклеарна подморница.
– Може да почнете да гледате работи за кои не треба да се дискутира, работи што се реални и навистина чувствителни – рече Марк Фаулер, поранешен висок офицер на ЦИА што водел шпионски операции против Иран.
Федералното биро за истраги (ФБИ) почна да го истражува Раш, соопштија властите, откако ЦИА упати обвинувања дека тој поднел лажни картички за евидентирање на работното време. Тој наводно побарал надомест за работно време кога бил распореден како резервист на морнарицата, иако всушност ја напуштил службата една деценија претходно, соопштија властите.
Истражителите подоцна откриле дека се чини оти Раш создал лажна класифицирана програма, позната како програма за специјален пристап, одвоена од вистинскиот проект за национална безбедност, според луѓе запознаени со ова прашање.
Се вели дека Раш спровел лажен брифинг со двајца колеги за наводната програма, за која тврдел дека е водена заедно со Пентагон. Тој убедил еден од нив дека бара десетици милиони долари финансирање преку договор; а тие пари потоа му биле префрлени на воен изведувач што ги обезбедил златните прачки, според сознанијата.
Истражителите дознале дека златото што тој го добил со измама, преку лажната програма, повеќе не е во безбедно складиште. Во мај претресот на ФБИ во домот на Раш во американската сојузна држава Вирџинија открил повеќе од 300 килограми златни прачки заедно со повеќе од два милиона долари во готово и десетици „ролекс“ и други луксузни часовници.
Безбедносните мерки на претпазливост на таквите програми за специјален пристап, познати и како „црни програми“, помогнале да се спроведе измамата, според луѓе запознаени со состојбите. Бидејќи на двајцата што биле запознаени со програмата не им беше дозволено да разговараат за неа со други вработени или супервизори, се чини дека Раш успеал да премести повеќе од 300 златни прачки (секоја тежела околу еден килограм) во својот дом, пред некој да го забележи тоа.
Истрагата на „Волстрит журнал“ минатата година откри дека бирократијата на тајните програми довела до параноја во Пентагон и им дозволила на некои службеници на воздухопловните сили да создадат поинаква лажна програма, што лажно тврдела дека владата има тајна програма за вонземјани.
Федералните истражители открија дека Раш успешно ја измамил најпознатата шпионска агенција на Америка со лаги што лесно биле откриени. ЦИА, легендарна по својата исцрпувачка проверка на потенцијални вработени, го пропуштила фактот дека Раш ѝ дал на агенцијата контрадикторни извештаи за тоа какви постдипломски дипломи стекнал, според судските документи. Во одредени случаи тој рекол дека неговиот магистерски степен е по компјутерски науки, другпат тврдел дека завршил програма по електротехника, се наведува во изјавата на ФБИ.
Агент на ФБИ контактирал со Морнарицата и Федералната администрација за воздухопловство, по што агенциите му рекле дека Раш не само што не е елитен воен тест-пилот, како што тврдел во ЦИА, туку и дека воопшто немал никакви пилотски акредитации. Колеџот и факултетот за постдипломски студии што Раш навел дека ги посетувал, му рекле на агентот дека никогаш не слушнале за него.
Кога биле прашани за случајот, ЦИА рекла дека и агенцијата и ФБИ „се посветени на следење на фактите, обезбедување одговорност и спроведување правда во согласност со законот“. Адвокатот на Раш одбил да даде коментар.
Дарел Блокер, поранешен заменик-директор на центарот за борба против тероризмот на ЦИА, рече дека агенцијата станува толку загрижена кога еден од нејзините оперативци е вмешан во кривична постапка што понекогаш соработува со федералните власти за да ги отстрани обвиненијата пред да се појават во медиумите.
– Тоа е она што го нарекуваат одбрана на ЦИА – рече тој.
Таквата одбрана на крајот не ѝ помогна на агенцијата во 1974 година, кога ЦИА виде можност да се обиде да дојде до советската нуклеарна подморница од 1.750 тони што шест години претходно потона во Тихи Океан со целиот нејзин екипаж. Агенцијата му се обрати на бизнисменот Хјуз за да изгради масивен брод за дупчење во длабоко море наречен „Хјуз Гломар експлорер“ и му плати повеќе од 350 милиони долари, што во денешно време би вредело милијарди долари.
Четворица крадци своевремено го принудиле обезбедувањето на Хауард Хјуз да ги пушти во неговата канцеларија под закана со пиштол. Откако влегле внатре, мажите користеле факли за да го запалат сефот. Криминалците се надевале дека документите чувани во сефот ќе содржат чувствителни тајни што би можеле да ги искористат за да го уценуваат Хјуз, кој понекогаш поминувал месеци без да го напушти својот дом.
Новинар на весник што го истражувал случајот дознал дека локалната полиција била информирана од федералните власти за итноста да ги пронајдат документите, бидејќи тие ја откривале врската на Хјуз со ЦИА. Откако весникот ја објавил приказната осум месеци подоцна, Белата куќа одлучила дека втората мисија за извлекување на подморницата е премногу опасна, плашејќи се дека Москва ќе ја наруши.
Откритијата и произлезените печатени барања до ЦИА доведоа до сега познатата практика „Гломар респонс“, според која агенцијата не може „ниту да го потврди ниту да го негира“ постоењето на одредена програма.


































