Британскиот премиер Кир Стармер денеска соопшти дека поднесува оставка од функцијата, наведувајќи дека за својата одлука веќе го информирал Крал Чарлс III.
Стармер изјави дека утрово разговарал со монархот за да го извести за намерата да се повлече од премиерската должност, но нагласи дека ќе остане на функцијата до изборот на негов наследник.
Воедно, тој побарал од Лабуристичка партија да утврди временска рамка за избор на нов лидер. Според предложениот распоред, процесот на поднесување кандидатури ќе започне на 9 јули и ќе трае до летната парламентарна пауза.
Ова би овозможило нов лидер на партијата и нов премиер да бидат избрани пред повторното заседавање на Парламентот во септември.
Во своето обраќање, Стармер потсети на мотивите поради кои влегол во политиката, истакнувајќи дека неговата цел отсекогаш била да придонесе за подобрување на животот на милиони граѓани.
-Влегов во политиката за да добијам можност да ги променам животите на милиони луѓе на подобро – изјави Стармер, пренесе „Би-би-си њус“.
Неговата оставка отвора ново поглавје на британската политичка сцена, при што вниманието сега е насочено кон внатрепартискиот процес за избор на нов лидер на Лабуристичката партија, кој ќе ја преземе и функцијата премиер на Обединетото Кралство.
































