ФУДБАЛ
- Како одговор на загриженоста за екстремна топлина, ФИФА воведе триминутни паузи за хидратација на средината од секое полувреме, без оглед на температурите. Но некои критичари велат дека тие го прекинуваат текот на играта и им даваат шанса на селекторите да ја променат динамиката во корист на својата репрезентација, а некои научници велат дека паузите се премногу кратки за да имаат значително влијание врз ладењето и врз рехидратацијата кога условите се жешки, пишува агенцијата АП
Првпат на светските првенства (СП), Светската фудбалска федерација (ФИФА) им наложува на сите фудбалери да паузираат за хидратација за да се заштитат од заканите од екстремна топлина. Но новото правило предизвика критики од две многу различни групи, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Некои експерти предупредија дека СП 2026 може да биде најжешкото во историјата на турнирот. Како одговор на загриженоста за екстремна топлина, ФИФА воведе триминутни паузи за хидратација на средината од секое полувреме, без оглед на температурите. Но некои критичари велат дека тие го прекинуваат текот на играта и им даваат шанса на селекторите да ја променат динамиката во корист на својата репрезентација, додека некои научници велат дека паузите се премногу кратки за да имаат значително влијание врз ладењето и врз рехидратацијата кога условите се жешки, пишува АП.
– Кога ги разгледуваме паузите за хидратација од три минути, всушност го гледаме ова како начин да се ублажи сѐ што потенцијално би можело да доведе до инцидент или вонредна состојба – рече Џошуа Л. Де Винченцо, помошник-директор на услуги за применети истражувања во Националниот центар за подготвеност за катастрофи на Универзитетот „Колумбија“.
Во продолжение АП направи еден поглед на ризиците од топлина со кои се соочуваат играчите и што можат да направат паузите за хидратација.
Задолжителни паузи без оглед на температурите
Ова Светско првенство е првото што воведува задолжителни паузи за ладење од три минути на средината од секое полувреме, без оглед на температурите или дали стадионите се затворени и/или климатизирани. Управното тело рече дека тоа е за да се „обезбедат еднакви услови за сите селекции, во сите натпревари“, а правилата се потпираат на искуствата од минатите турнири, вклучувајќи го и клупското СП на ФИФА во САД минатото лето, кога температурите се искачија над 30 Целзиусови степени и погоре во многу области. Некои селектори рекоа дека паузите имаат смисла кога температурите се екстремни, но се прашуваат дали се неопходни на секој натпревар.
Спортистите што се напрегаат физички во топли и влажни услови ризикуваат да добијат таканаречена топлотна болест предизвикана од напор, која се случува кога температурата на телото станува премногу висока и е придружена со значително оптоварување на срцето, нервите, мускулите и централниот нервен систем, пишува АП.
– Кога внатрешната телесна температура надминува 40,5 степени, спортистите може да се чувствуваат збунето, агресивно или да ја изгубат свеста, а сето тоа се карактеристични знаци на топлотен удар предизвикан од напор и бараат итна медицинска помош – наведе преку е-пошта Јури Хосокава, вонредна професорка на Факултетот за спортски науки на јапонскиот универзитет „Васеда“, пренесе АП.
Таа беше еден од потписниците на писмо до ФИФА во мај во кое се бараат построги упатства за топлина за безбедноста на играчите, вклучувајќи го и тоа паузите за ладење да бидат најмалку шест минути, пишува АП.
Спортистите при жештина може со потење да исфрлат еден-два литра течност на час, а повеќето пијат помалку течности отколку што исфрлаат, пишува АП. Губењето само два отсто од телесната тежина поради дехидрација може да ги наруши физичките перформанси. Рајан Калсбик, професор по биолошки науки на колеџот „Дартмут“, рече дека човечкото тело функционира подобро кога е потопло, но постои критичен праг над кој тоа подобрување на перформансите не само што запира туку и нагло опаѓа.
– Ја губите способноста да се оладите доволно брзо, а физиолошките механизми едноставно се распаѓаат – рече тој, пренесе АП.
Тоа се случува кога комбинацијата од температура, влажност, облачност и ветер се искачува над околу 35 степени, иако некои луѓе се потолерантни на топлина од други, пишува АП.
– Зголемената конфузија од екстремната топлина може да влијае на способноста на спортистот да донесува стратешки одлуки. Мислам дека токму овие маргинални разлики во перформансите може да го одредат исходот на натпреварот. Ако имате поединци што се справуваат подобро во екстремни услови, без разлика дали станува збор за екстремна топлина или голема надморска височина или што и да е случај, тие мали разлики би можеле да играат клучна улога во одредувањето на исходот – рече Калсбик, пренесе АП.
Паузите за хидратација треба да бидат подолги, велат некои експерти
Триминутните задолжителни паузи за хидратација се наменети за да ги заштитат играчите и судиите од екстремни топлински заболувања и да им помогнат да ги одржат своите физички перформанси. Во тој период играчите може да се разладат и да ги надоместат изгубената вода и сол од потењето, но колку е ефикасно тоа зависи од тоа колку се агресивни методите за ладење, пишува АП.
– Тоа би можело да значи ставање влажни ладни крпи на изложените делови од телото на играчот, како што се вратот, главата, грбот и рацете. Ако се направи добро, тоа би можело да ја намали нивната телесна температура за околу 0,12 степени во минута. Некои луѓе можат удобно да толерираат малку повеќе течности, а потоа да прават интензивни вежби. Некои луѓе не можат затоа што останува во стомакот и не се чувствуваат супер удобно, па можеби нема да пијат толку многу за толку краток временски период – рече Даглас Каса, извршен директор на Институтот „Кореј Стрингер“ на Универзитетот во Конектикат, кој исто така е копотписник на писмото дo ФИФА.
Времето, како што рече тој, го диктира обемот на влијанието, без разлика дали е од течност или од ладење, и „затоа предлагаме да има пет или шест минути, бидејќи има толку големо влијание кога се справувате со промена од таков обем“, пренесе АП.
Но тоа колку време му е потребно на играчот за да закрепне, исто така, варира.
– Во зависност од вашето тело, можеби ќе ви треба повеќе или помалку време. Но ваквите паузи се клучни за вашето тело да не биде принудено само да се обидува да го надомести темпото… да се обидува да ве разлади без никаков одмор или пауза. Без разлика каков спорт играте, ќе треба да се направат приспособувања во услови на климатски промени – рече Барат Венкат, директор на Лабораторијата за топлина на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Н.М.
































