Најмалку 54 лица се повредени, а 18 се водат како исчезнати по силна експлозија и пожар што избувнаа во текот на ноќта во индустриската зона Рас Лафан, каде се наоѓа еден од најзначајните терминали за извоз на природен гас во светот.
Според информациите објавени од светските агенции, експлозијата се случила во гасната постројка „Барзан“, во момент кога се спроведувале активности поврзани со постепено обновување на производството и извозот.
Од „Катар Енерџи“ соопштија дека инцидентот предизвикал голем пожар во постројката, но засега не се познати точните причини за несреќата ниту обемот на материјалната штета.
Првичните извештаи говореа за помал број повредени, но неколку часа подоцна Министерство за внатрешни работи на Катар објави значително поголем број настрадани лица и потврди дека дел од работниците сè уште се водат како исчезнати.
Инцидентот се случува во чувствителен период за глобалните енергетски пазари. Катар е меѓу најголемите светски извозници на течен природен гас, а изминатиот период производството и испораките беа погодени од ограничувањата во пловидбата низ Ормускиот Теснец.
По привременото намалување на тензиите во регионот и делумното олеснување на поморскиот сообраќај, катарските власти започнаа активности за враќање на терминалот во полн капацитет, но експлозијата може повторно да ги наруши плановите за стабилизирање на извозот.
Надлежните служби продолжуваат со спасувачките операции и истрагата за утврдување на причините за несреќата, додека вниманието на светските енергетски пазари останува насочено кон развојот на ситуацијата во Катар.
































