Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 6,61 проценти во однос на претходната одлука донесена на 15 јуни.
Според пресметките на РКЕ, референтните цени на светските пазари бележат значителен пад. Цените на бензините се намалени во просек за 8,2 проценти, дизелот за 12,7 проценти, екстра лесното масло за 12,35 проценти, а мазутот за 11,35 проценти. Истовремено, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,0396 проценти.
Новите максимални малопродажни цени ќе важат од 23 јуни 2026 година од 00.01 часот:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 84,00 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 86,00 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 80,50 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 79,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 42,291 денари за килограм
Со новата одлука, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 3,5 денари по литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 4 денари по литар.
Најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, чии цени се намалуваат за 7 денари по литар. Цената на мазутот, пак, се намалува за 3,932 денари по килограм.
Од РКЕ потсетуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, а трговците со нафтени деривати можат да ги продаваат горивата и по пониски цени од утврдените.
































