Во пресрет на сезоната на наводнување и жетва, АД МЕПСО упати апел до земјоделците да бидат особено внимателни при користење на системите за наводнување, земјоделската механизација и другата опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа.
Од компанијата предупредуваат дека заради безбедноста на граѓаните и сигурноста на електроенергетскиот систем, неопходно е да не се поминува со комбајни и друга висока механизација под проводниците на далекуводите. Исто така, не се препорачува поставување цевководни системи за наводнување во трасите на далекуводите, ниту подигнување метални цевки во нивна непосредна близина, бидејќи металот е добар проводник на електрична енергија.
МЕПСО апелира и прскалките за наводнување да не се поставуваат под проводниците и во заштитните коридори на далекуводите. Според компанијата, допирот на водениот млаз со проводниците може да предизвика сериозни последици и директно да го загрози човечкиот живот.
Дополнително, земјоделците се повикуваат да не палат стрништа во близина на далекуводите, бидејќи пожарите можат да предизвикаат оштетувања и прекини во електропреносниот систем.
Апелот се однесува и на спортските риболовци, кои треба внимателно да ги користат риболовните стапови во близина на далекуводи, како и на граѓаните да избегнуваат изведување градежни работи во трасите и заштитните коридори на далекуводите.
– Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствената безбедност и безбедноста на другите. Не загрозувајте ја вашата безбедност и сигурноста на електропреносниот систем – порачуваат од МЕПСО.
Со ова предупредување компанијата потсетува на важноста од почитување на безбедносните мерки при извршување земјоделски активности во близина на далекуводните траси, со цел заштита на луѓето, механизацијата и непреченото функционирање на електропреносната мрежа.
































