Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека денеска во Владата ќе се одржи состанок со дистрибутери, трговци и маркети, на кој, како што рече, ќе им биде пренесена порака дека кризата завршува и дека е време тие да возвратат на граѓаните преку намалување на цените, особено на основните прехранбени производи, пренесе МИА.

Тој истакна дека граѓаните биле трпеливи во изминатиот период, поради што сега, според него, е очекувано компаниите да покажат одговорност. Мицкоски нагласи и дека Владата располага со механизми доколку не дојде до посакуваните корекции на цените.

-Па, денеска имаме во во Владата состанок со сите дистрибутери, трговци и маркети и мојата порака ќе биде јасна. Завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е на ред тие да им се одолжат на на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на на производите, посебно основните прехранбени производи. Тоа го очекувам од нив. И исто така ние како Влада имаме механизми, доколку тоа не се случи, на еден поинаков начин да го спроведеме. Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board).

Тој додаде дека во оваа фаза не може да прецизира колкаво намалување на цените се очекува, ниту кои производи ќе бидат најмногу засегнати, но нагласи дека корекции мора да има.

-Јас не би можел да кажам колкаво и каде најмногу, само кажувам дека основните прехранбени производи потребно е да претрпат корекција бидејќи граѓаните беа толерантни до сега, сега е време тие да се одолжат на на граѓаните. И ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се цените кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети, ако треба, и по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив – истакна премиерот.