Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува намалување на цената на бензините од 2,5 до 3 денари по литар, додека дизелот би можел да поевтини за околу 7 денари. Тој нагласи дека конечната одлука ја носи Регулаторната комисија за енергетика, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање за можната стабилизација на цените на нафтените деривати по мировните преговори меѓу САД и Иран и движењето на бродови низ Ормускиот теснец, Мицкоски посочи дека очекува цената на нафтата во наредниот период да се движи околу 80 долари за барел.
-Бројката од 55 танкери не е нешто драматично имајќи предвид дека дневно била трицифрена. Имајте предвид дека овие танкери додека да стигнат до конечните дестинации ќе поминат можеби еден месец, а можеби и повеќе, 25 до 35 дена. Така што, очекувам во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел, отприлика тука некаде, плус-минус некој долар. Јас стојам на ставот, нашите математики се тие, треба да ги видиме математиките на Регулаторната комисија, но очекувам поевтинување на бензините од 2,5 – 3 денари и околу 7 денари на дизелот. Но, да почекаме регулаторот – изјави Мицкоски, по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board).
Тој додаде дека очекува движењата на светските пазари постепено да се стабилизираат, но дека ефектите врз малопродажните цени ќе зависат од повеќе фактори, вклучително и од официјалните пресметки на регулаторот.
































