Фото: Маја Јаневска Илиева

Во услови на глобална неизвесност и сè посложени предизвици, градењето отпорни јавни институции е од суштинско значење за стабилноста, развојот и довербата на граѓаните во државата, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на ЦЕФ Форум 2026 што денеска се одржа во Скопје.

Форумот, организиран од Министерството за финансии и Центар за извонредност во финансиите, беше посветен на темата „Управување во услови на неизвесност и градење отпорни јавни институции“.

 – Отпорна институција е институција која има капацитет да се адаптира, да учи и да продолжи да испорачува резултати и во најпредизвикувачки околности. Тоа е институција која располага со јасна визија, компетентно лидерство и професионална администрација – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека отпорноста е тесно поврзана со стабилноста на јавните финансии, поради што Министерството за финансии спроведува реформи насочени кон зајакнување на фискалната дисциплина, подобро управување со јавните ресурси, поголема транспарентност и дигитализација на финансиските процеси.

 – Нашата цел е да изградиме систем кој не само што реагира на предизвиците, туку и навремено ги предвидува ризиците и создава политики што обезбедуваат долгорочна стабилност и сигурност за економијата и граѓаните – рече министерката.

Во своето обраќање таа се осврна и на формирањето на Академијата за јавни финансии, која треба да стане центар за знаење, иновации и професионален развој во јавниот сектор. Според неа, вложувањето во човечкиот капитал останува меѓу врвните приоритети на Владата.

 – Институциите не се силни поради правилата и процедурите, туку поради луѓето кои работат во нив. Затоа вложувањето во знаење, интегритет и лидерски капацитети е суштински дел од реформската агенда – додаде таа.

Димитриеска-Кочоска потенцираше дека современите предизвици не познаваат граници и оти регионалната и меѓународната соработка се неопходни за градење отпорни институции. Во тој контекст ја истакна улогата на ЦЕФ, кој повеќе од две децении придонесува за размена на знаења и искуства меѓу институциите во регионот.

Директорката на ЦЕФ, Јана Репаншек, посочи дека организацијата во изминатите 25 години поддржала повеќе од 30.000 службеници од над 120 институции.

Таа ги издвои трите клучни приоритети за успешни институционални реформи: институционализирање на учењето, поголема дисциплина во спроведувањето на политиките и градење капацитети за стратешки транзиции, особено во контекст на зелената економија.

На форумот учествуваа министри, гувернери на централни банки, високи владини претставници и меѓународни експерти, кои дискутираа за лидерството во време на кризи, координацијата во сложени околности и подготовката на институциите за идните предизвици.

Пред почетокот на настанот, Министерството за финансии беше домаќин и на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ, на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја нагласи важноста на регионалната соработка и размената на знаења за изградба на силни и ефикасни јавни институции.