Македонскиот руски рулет

Гледам уставните измени станаа игра на руски рулет за македонската демократија. Буткајќи ги уставните измени по секоја цена, власта очигледно реши да одигра игра во стилот на „руски рулет“ со сопствената земја и да ризикува ако замислениот револвер испука во оваа игра куршумот да ја го погоди целата земја. Изгледа само прашање на време е кога револверот ќе испука.
Македонскиот руски рулет е приказна за бескрупулозноста на политиката и нечесноста на политичарите. Затоа по сѐ едноставно не гледам како оваа влада ги преживува сите овие години на македонското пропаѓање. Особено не гледам како ќе ја преживее оваа.
А таа ни ветува уште многу години власт. Не дај боже. Очигледно проблемот во Македонија не е економски или „европски“ сам по себе; тој е политички: целосен колапс на парламентарниот систем и демократијата во Македонија. Плус дополнет со забегана власт што бега од избори како ѓавол од темјан.
Сега може јасно да видиме колку заевизмот ја преврте македонската шаховска табла во остварување на неговите нереално поставени цели поддржани и диригирани однадвор. Начинот на владеење во последниве седум години стана доминантна рамка што ги поттикнува и инспирира наследниците и аналитичарите на ликот и делото на несудениот нобеловец да ги продлабочат неговите изблици на глупоста за да го погодат неговиот крај. Ова е утешна нарација за нас другите затоа што ни простува за сопствените неуспеси да ја спречиме македонската траекторија во иднина. Дали навистина можеме да го направиме тоа? Како да се обидувате да ги предвидите конвулзиите на умот на поединецот. Секако дека извршната власт стана клучниот носител на одлуки во воспоставениот персонализиран државен систем на Македонија. Гамбитот на оваа власт одговара на логиката за преживување на ваквиот систем. Дури и неговите грешки се веројатно резултат на наметнатиот стил на одлучување од еден човек што ја игнорира независната експертиза, а особено волјата на народот.
Заев се обиде, а неговиот октроиран наследник продолжи да експериментира со различни равенки на соработка и сомнеж во односите со нашите соседи.

Дали ова значи дека македонската конфронтација со Бугарија беше неизбежна и дека љубителите на објаснувањето на Македонија како „товар на историјата“ се во право? Тоа е таа когнитивната дисонанца на македонската нација што талка во цивилизацискиот простор. Нашата денешна колективна мантра за глупоста на власта и поразот на Македонија не може да ја прикрие тажната вистина: можевме и моравме да ја предвидиме и спречиме оваа катастрофа и сме во загуба за тоа што следува.
Кога станува збор за моменталната состојба на односите на Македонија со светот, а особено со државите во регионот ние не се занимаваме само со демоните или соништата на еден промашен властодржец – ние се занимаваме со логиката на преживување на персонализиран корумпиран и криминализиран политички систем, кој се обидува да ги балансира амбициите и нереалните очекувања за македонската иднина како членка на ЕУ. Во обидот да ги поврзе овие некомпатибилни елементи со евроинтегративниот процес, македонската политика се претвора во платно на амбивалентности. Овде имаме пример за намерна постмодерност на политиката, со нејзиното замаглување на границите меѓу спротивставените принципи: фер и нефер, дијалог и конфронтација, вистина и лаги, минато и иднина.
Ова е исходот од колапсот на една политика, чија ригидност и глупост го принуди македонскиот систем да бара посуптилен начин на постоење. Лаги наместо идеологија, проектирање лажна и нереална иднина наместо реконструкција на минатото, глорификација на смртта наместо живот – тоа се елементите на македонскиот постмодернистички стил на владеење. Политиката на амбивалентност на принципите, „распарчување на човечките умови“ и потоа формирање вештачка реалност на нашето интегрирање во Европската Унија има последици.

Целта на постмодерната политика на власта е да ги натера нејзините противниците по секоја цена да го прифатат нејзиното право да ги толкува правилата на процесот според нејзините желби, претворајќи го процесот во голема фарса. Кога некој што е вклучен во игра на измама, како може да гарантира дека неговиот архитект нема да стане негов заложник? Токму тоа ѝ се случува на власта во моментов, заглавена со уставните промени. Сакам да верувам дека човечката желба за нормалност е неизбежна. И дека Македонците не се генетски самоуништувачка нација. Ова што ни се случува со промените на Уставот не знаеме што значи – движење нагоре или поместување надолу. Гледаме како власта несвесно почна да ја следи формулата на германскиот марксист Едуард Бернштајн: „Движењето е сè, крајната цел е ништо“. Дали промената на Уставот е само експеримент со други нацрти, кои чекаат да бидат тестирани?
Добре дојдовте во македонската лабораторија, каде што земјата експериментира со себе и со светот околу неа. Поточно, го игра рускиот рулет со самата себе. Кој на крајот на играта ќе ја убие државата.

Проф. Звонимир Јанкулоски