Македонија во „градината“ на Борел

Дали новите правила за проширување ја чуваат „градината“, а ЕУ е добриот градинар? Особено сега, кога живееме во моментот на создавање нов свет, зашто војната во Украина ќе создаде поинаква Европска Унија, од различни перспективи. Да се надеваме не и од перспективите на Борел. Зашто во тој случај за нас во неговата градина дефинитивно ќе нема место. И за крај, аналогијата на градината/џунглата на Борел треба да послужи како повик за будење. Само се прашувам за кого

Нашата заслепеност и фасцинираност од Европската Унија не дозволуваат да видиме дека последните остатоци од стариот глобален, либерален, пазарен, демократски поредок полека исчезнуваат. Сè уште не можеме да ги препознаеме контурите на новото време, но алтернативите со кои се соочуваме се појавуваат. Забрзаната деградација на меѓународните институции е уште еден маркер на постзападниот свет. Мултилатералниот систем е под сериозно оптоварување и ризикува да ги загуби легитимитетот и ефективноста во справувањето со транснационалните предизвици. Иако расте перцепцијата (секако не и кај нас) дека на либералниот светски поредок му доаѓа крајот и дека сегашниот мултилатерален систем може да биде ослабен со враќањето на геополитиката, сепак да се надеваме дека економската меѓузависност и транснационалните врски ќе спречат целосен пропаѓање во анархија.
Каде е Европската Унија во овој процес? Во еден свој говор од 2022 година, Жозел Борел ја спореди Европа со „градина“, нарекувајќи го регионот „најдобра комбинација на политичка слобода, економски просперитет и социјална кохезија што човештвото можело да ја изгради“. Тој ја спротивстави Европа со остатокот од светот, велејќи: „Поголемиот дел од светот е џунгла и џунглата може да ја нападне градината“.
Се прашувам каде сме ние во оваа приказна. Дали со барањето на нашето приклучување кон Европската Унија ја напаѓаме „градината“? Дали сме ние во „џунглата“? Тоа е таа „неоколонијалистичка“ ароганција на Европа, каде што ваквите коментари не можат да исклучат расна, културна или географска конотација. А ние упорно одбиваме да ги слушаме и анализираме ваквите изјави во нивната вистинска конотација.

Иако Борел ќе се правда дека со изјавата само сакал да го спои меѓународниот поредок заснован на принципи прифатени од сите со меѓународниот поредок заснован на волјата на најсилните, или „законот на џунглата“, ваквиот наратив тешко дека може да се одбрани од различните критики дека тоа се алатки на западната доминација и дека со ваквата изјава на Борел ЕУ го оправдува усвојувањето на политиката на моќ, со обвинување дека надворешниот свет ја започна. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ потврди дека ЕУ станува геополитичка и дека постои заедничка визија за тоа како треба да изгледа оваа еврогеополитика. Борел вели дека ЕУ мора да го заштити Кант дома и да го прифати Хобс во странство.
Ваквиот наратив за глобалниот натпревар меѓу демократијата и автократијата може да има спротивен резултат. И тоа Европа мора да го знае. Зашто во свет во најава без лидерство, во кој нациите ќе се вратат на традиционалните модели на однесување, тешко дека Европа ќе остане „градината“. Особено ако знаете дека Бореловата градина е изградена врз грабежот на „џунглата“. Сакам да верувам дека комплетен рецидив во Хобсовиот свет на неограничена и себична конкуренција малку е веројатен, но не и неверојатен. Дури и за „градината“. Зашто „џунглата има силен капацитет за раст, а ѕидот никогаш нема да биде доволно висок за да ја заштити „градината“ на Борел.
Без оглед на обидот на високиот претставник на ЕУ да ја отфрли својата метафора како невина, мораме да запомниме дека метафорите (јазикот) откриваат начин на гледање на светот, кои се, по дефиниција, од политички природа, што ги прави вредни за дебата.
Посочувајќи дека градината (Европа) е подобра од џунглата, пренесува проблематичен историски наратив во кој луѓето се одвоени и издигнати над природата и на тој начин, по дефиниција, се во конфликт со нивната околина, додека градинарот е тој што го скротува „силниот потенцијал за раст“ на природата. Дали проширувањето на Унијата треба да го гледаме низ метафората на Борел? Дали проширувањето е ѕидот што треба да ја заштити Унијата од „џунглата“?

Дали Борел ќе продолжи да ја скротува џунглата и да ги цивилизира нејзините животни како што се обидуваше да стори во минатото? Дали во таквата градина на Борел, во која нема место за несаканите видови и каде што доминира естетиката над различноста, сме добродојдени? Не знам зашто ова ми противречи и ја доведува под сомнеж неговата искреност во желбата да ја види Македонија во Унијата.
Дали новите правила за проширување ја чуваат „градината“, а ЕУ е добриот градинар? Особено сега, кога живееме во моментот на создавање нов свет, зашто војната во Украина ќе создаде поинаква Европска Унија, од различни перспективи. Да се надеваме не и од перспективите на Борел. Зашто во тој случај за нас во неговата градина дефинитивно ќе нема место. И за крај, аналогијата на градината/џунглата на Борел треба да послужи како повик за будење. Само се прашувам за кого.

Проф. Звонимир Јанкулоски