Фото: Принтскрин

По 15 години, грчката опозициска партија СИРИЗА ќе треба да избере нов лидер, откако Алексис Ципрас вчера соопшти дека се повлекува од позицијата, а се очекува веднаш да почнат процедурите за негов наследник, јави дописничката на МИА од Атина.

СИРИЗА врти нова страница, започнува нова ера без Ципрас, односно како што самиот рече, нов циклус во партијата.

Грчките медиуми анализираат која ќе биде иднината на СИРИЗА, споменувајќи ги потенцијалните кандидати за претседатели: поранешните министри Ефи Ахциоглу, Алексис Харицис и Евклидис Цакалотос.

Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори пишува дека е отворена можноста изборот на нов претседател да биде и во текот на јули, да гласаат членовите на партијата (170.000), а подоцна да се одржи конгресот за кој е потребна подготовка.

Очекувањата се дека за време на претстојниот викенд состанок ќе одржи политичкиот секретаријат, а централниот комитет да заседава за седум до десет дена.

Партијата треба итно да одбере и претседател на пратеничката група со оглед на тоа дека следната седмица ќе се одржи и тридневна дискусија во Парламентот за гласање доверба на Владата, на која ќе говорат и лидерите на опозициските партии.

Коментарите во медиумите се дека партијата не може и не смее долго да остане без лидер, бидејќи за три месеци се локалните избори во Грција.

Алексис Ципрас, вчера, се чини дека ги изненади сите, па дури и неговите сопартијци, според медиумите, кога во изјава за новинарите соопшти дека се повлекува од лидерската позиција, најави избор на ново раководство за кое секако нема да биде кандидат.

Во 12-минутната изјава, Ципрас се осврна на сето она што во изминатите 15 години го поминал како лидер на партијата, за како што рече, „заедничкото патување“ кое го доведе и до премиерска функција, истакнувајќи дека е горд на она што СИРИЗА го постигна како Влада, излез од меморандумите, закрепнување на општеството и економијата, но и Договорот од Преспа

Грчката опозициска партија претрпе голем пораз на двојните парламентарни избори во Грција.

На првите избори во мај, СИРИЗА доби 20 од гласовите, двојно помалку од Нова демократија, а на вторите избори во неделата, дополнително се зголеми разликата меѓу двете партии (на 22,73 проценти), левичарската партија загуби гласови, освојувајќи 17,83 проценти.

Алексис Ципрас 15 години ја водеше партијата, а во периодот од јануари 2015 година до јули 2019 година додека СИРИЗА беше на власт, беше премиер на Грција.