Лавров во Скопје

Се разбира, во моментов додека ја пишувам оваа колумна, а можеби и сега кога ја читате, може да немаме конечен одговор дали на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, и на неговата делегација ќе им биде дозволено да учествуваат на самитот на ОБСЕ во Скопје. Наводно, Бујар Османи правел напори за неговото присуство. Колку се труди (ако се слушаат реакциите на другите министри во Владата) е прашање за дебата.
Но, за миг, да го оставиме тоа настрана; да признаеме дека човекот е зафатен со поважни работи! Средува хотелски аранжмани, бара блиндирани возила и црвени теписи, веројатно се мачи да одбере најсоодветно (и скапо) мени за гоштевање на важните гости. Уште кога Македонија беше избрана за иден претседавач со ОБСЕ, а знаејќи го капацитетот на нашата дипломатија, беше јасно дека од тоа ќе излезе лош виц. Со почетокот на војната во Украина веќе не беше тешко да се предвиди дека Македонија ќе биде марионетата на Западот, а не вистински претседавач и медијатор што ќе се обидува да решава проблеми и да гради мостови. Како кулминација доаѓа и сознанието дека дури и завршниот министерски самит не можеше да мине без тешки сенки и обвинувања за голем корупциски скандал. Едноставно, некој не може да се воздржи од посегнување во кајмакот (па тие се обидоа да „ќарат“ на вакцините, а не пак на ваков настан!).
Ако во пресрет на претседавањето, глобалниот хоризонт беше темен поради Украина, сега владее целосен мрак. Геноцидот во Газа (во споредба со кој дури и ужасните пејзажи од Украина изгледаат како нешто „нормално“ за војна, ако војна може воопшто да е прифатлива од некого) не е непосредно во доменот на дејствување на ОБСЕ, но добар дел од нејзините членки се веќе инволвирани во овозможување непречен масакр на цивили.

Од Македонија на Лавров веќе му беше „храбро“ порачано воопшто и да не доаѓа, бидејќи, нели, претставува земја агресор, ама затоа делегацијата на Израел ќе ги ужива сите благодати на гостопримството без воопшто некој да се згрози од ракувањето со луѓе чии раце се во крв до лактите. (Интересен детаљ е што Израел е дел на платформата на т.н. Медитерански партнери за соработка, која, покрај него, ги опфаќа Алжир, Египет, Јордан, Мароко и Тунис).
Нема илузии дека ОБСЕ е во опасност ова да биде последниот самит и дека лесно може да се распадне или „замрзне“ со Македонија како вечен квазипретседавач со мртва организација. Но да го почнеме резимето за нашето претседавање со домашниот „есап“: кое фајде го има Македонија од оваа позиција? Дали можеби Бујар ги спомна малцинските права на Македонците во соседните држави, нешто што е дефинитивно на агендата на ОБСЕ? Дали можеби направивме макар и најмал обид да се претставиме како мала држава што сака да одигра посредничка улога во еден крвав судир и да се залага за негово мирно решавање (макар и „хуманитарна пауза“ да употребам збор што се применува на Газа)? Не! Ние фативме страна, зборувавме со гласот на НАТО среде ОБСЕ, и така се самоелиминиравме како посредник со чесни намери (honest broker) за постигнување макар примирје, ако не и мир. И Бујар и Фрчкоски дуваат во иста тиква.
Значи, ниту си помогнавме себеси, ниту на европската безбедност и соработка. Но, на крајот, следува пир! Славење и шампањ во најтемниот миг за човештвото! Нешто како концертот на „Титаник“. Што слават, за бога!? Што сториле за да се чувствуваат како праведници?
Нашава држава се однесува според оној типичен балкански манир: дома може немаш леб да јадеш ама надвор ќе се правиш дека сè ти е тамам. А кога ќе ти дојдат гости, ќе се задолжиш и после може ќе гладуваш, ама нема да се посрамиш пред туѓинци! Во време на глобална небезбедност и локална длабока сиромаштија, Бујар решил да ја шминка С. Македонија и да ја покаже во светло што не ѝ прилега на оваа беда. Се разбира, тука не ги поштедувам ни оние силни делегации (по 60-100 члена!!) од странство. Каков аздис е тоа? Какво безобразие е да трошиш пари на тотално бескорисна организација, но и да очекуваш од најсиромашната земја во Европа да те третира како бубрег во лој!? Знам дека тие луѓе живеат во меур, одделени од сите маки на луѓето за кои божем работат и за чија „човекова безбедност“ се грижат. Веќе пишував за мачнината што ми ја предизвикува секоја седница на ООН, во Генералното собрание или Советот за безбедност. ОБСЕ е најмногубројната регионална организација според членството, а нејзиното протегање и сфаќање на „европската безбедност и соработка“ се протега и на Евроазија, а со посебниот статус на САД, Канада итн. – таа е мини-копија на ОН. Во секој поглед, вклучувајќи ја и неефикасноста. Во светлина на драматичните воени случувања што ги следиме и на кои, за жал, се навикнуваме, разликата е во тоа што ОБСЕ е организација што буквално сите одлуки ги носи едногласно.

Тоа наша Славјанка или не го знае или сака Македонија да биде последниот претседавач на една целосно бескорисна организација во ера на поделба на светот на непријателски блокови. Велам бескорисна, затоа што таа никогаш не успеа да се ослободи од јаремот на Западот; напротив, заслепени со триумфализам од „крајот на историјата“ за која пееше Фукујама, тие ги погазија и најдобрите намери на КЕБС (претходникот на ОБСЕ). Ја „оплескаа“ и со косовскиот конфликт, па и со украинскиот. Сега не знам што ќе одлучуваат и како не им е срам да се наречат организација за безбедност и соработка кога ги делат членките на пожелни и непожелни. Меѓународните организации не се друштва на истомисленици и пријатели; напротив, тие се форуми на кои единствено може да се соочат и пробаат да се разберат држави со различни интереси. Со пораката до Лавров дека не е добредојден, Славјанка и компанија манифестираат тотално непознавање на дипломатијата и не гледаат подалеку од носот. Опиени од мирисот на полнетите пиперки што им ги пофали Столтенберг и убедени во неговите зборови дека никој не полни пиперки како нас, а сме биле дури и фактор на безбедност во регионот, тие мислат дека ОБСЕ треба да биде филијала на НАТО. Притоа, ќе дочекаат со почести едни воени злосторници, а ќе им судат на други. Но ситуацијата е јасна: без гласот на Русија нема да може да се донесе ниту една одлука, вклучувајќи ја и таа за наредниот претседавач. Евентуалното напуштање на Русија на ОБСЕ ќе доведе до целосен распад, зашто многу е веројатно дека добар дел од евроазиските земји ќе го следат чекорот на Москва. Кому тоа му носи добро, не знам. Освен можеби на глобалното НАТО, кое како Левијатан сака да ја проголта планетата. Но духот на непријателство, недоверба и несоработка ќе донесе до глобален лом.

Башибозукот овде е невиден досега. Врз која правна основа се скратува работно време и се прогласува неработен ден? Ова е само уште еден доказ за нивната некадарност, но и уште еден повод за срамење пред „сојузниците“. Веројатно тие два дена ќе ни забранат и да излегуваме од дома за блиндираните возила и конвои на прескапо платени и изнајмени возила да парадираат по (лошите) улици и булевари. Ние на универзитетот веќе доживуваме хаос со презакажување часови, колоквиуми и одбрани на магистерски и докторски тези. Можам само да го замислам хоророт во другите служби, како, на пример, болниците и судовите. Но ова не е ни прв ни последен пример за беззаконие и аздисување. Пред повеќе години се посрамив пред колега од ЕУ кому невешто му објаснував зошто е неработен ден Денот на дрвото! Ви текнува? Тој беше во шок и ми рече дека мора да сме богата држава.
И сега што ни преостанува? Па, ништо! Подгответе се да си ги прославиме 29-30 Ноември, да се сетиме на времето кога имавме Република со која се гордеевме и во која живеевме како луѓе. А богами и не бевме ничии вазали. Бевме лидери на Движењето на неврзаните, растевме со духот на солидарноста на сите поробени и колонизирани народи, а Тито и Арафат беа најдобри пријатели. Извини, Бујар, ама ти нè потсети на ова.