ШАХ – СП 2026 ЗА МЛАДИ

Две победи, од кои една службена, и три порази е епилогот на петтемина македонски учесници во првото коло на Светското првенство (СП) за млади (категории до 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња), во италијанскиот град Монтенсилвано, со стандардно време на размислување. СП 2026 е мошне силно, на него играат вкупно 758 шахисти (два ВМ, 22 ИМ, 14 ЖИМ, 103 ФМ, 61 ЖФМ) од 83 шаховски федерации од целиот свет.

Кај девојчињата во возрасната категорија до 18 години, меѓу 104 шахистки, цел поен со бели фигури освои македонската репрезентативка, ЖФМ Моника Жежовска (1.978 рејтинг-поени, 43-та пред почетокот на СП), која во завршница во 61. потег ја победи Бјанка Хаган (1.663, 94.) од Јужна Африка. Во категоријата до 16 години, Наде Смилевска (106-та) службено доби поен во првото коло, оти немаше противничка.

Кај момчињата до 18 години, Никола Павлески (1.971, 97-от) со бели фигури загуби од Хуберт Зиеба (2.315, 33-от) од Полска, до 16 години, Кристијан Гавазов (1.871, 119-от) со црни фигури е поразен од Никаш Вемпарала (2.242, 41-от) од САД, а до 14 години Даниел Стефаноски (1.860, 92-от) со бели фигури загуби од силниот ФМ, Шамси Гараханов (2.295, 18-от) од Азербејџан. Г.И.