КОШАРКА
Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за третиот дел во претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година, за дуелите со Ирска (на 2 јули во Скопје) и со Луксембург (5 јули на гости). Во оваа фаза од подготовките, репрезентативците ќе имаат по еден тренинг дневно во Скопје, а првиот контролен меч е в недела, со Бугарија, на гости, информираат од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Селекторот Жозеп Мариа Берокал, заедно со стручниот штаб, составен од асистентите Ѓорѓи Кочов, Никола Велев и Марко Докузовски, на првиот тренинг во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје имаше на располагање најголем дел од повиканите кошаркари. Во наредните денови се очекува приклучување на Андреј Јакимовски и Адем Мекиќ, како и на странската опција за која стручниот тим дополнително ќе донесе одлука, пишува КФМ.
Македонија води во групата А со максимален ефект од четири победи во исто толку меча и со уште една победа ќе го обезбеди првото место. Македонија има осум бода, Луксембург шест, а Азербејџан и Ирска по пет. Победникот на секоја од трите претквалификациски групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите за ЕП 2029. Г.И.


































