Долг кон историјата на уметноста

  • Наша голема одговорност е да се исполнат ветувањето и долгот кон историјата на уметноста, кон нашето културно наследство и, на крајот, кон домашната публика, затоа што е неприфатлива секоја, дури и неколкугодишна пауза, во која сме осиромашени за едно богато визуелно задоволство какво што е доживувањето на делата на македонските ликовни творци што со својот индивидуален пристап оставиле длабоки траги во современата ликовна историја

Најголемата концертна и филмска сала во центарот на Белград, МТС Дворана, својот галериски простор од 12 јуни до 12 јули го отстапи за десет ретко или никогаш неизложувани дела од Петар Мазев, создавани во периодот од 1977 до 1992 година. Под наслов „Сага за творечките немири“, стотици љубители на делото на Мазев пристигнаа на свеченото отворање на изложбата во поранешниот Дом на синдикатите, кој оваа вечер беше целосно осветлен во знакот на делото на големиот македонски уметник Петар Мазев. На отворањето беше потсетено на вредностите на овој исклучително ценет ликовен уметник, на кој треба живо да се сеќаваме и да му се навраќаме и преку организирање изложби од ваков формат. Мазев е еден од творците на современата македонска уметност, автор чие име одамна стана дел од културната меморија на македонската култура…

Со особена радост ја проследив информацијата дека белградската публика има ретка можност во текот на еден месец да ужива во делата на еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство, инаку еден од моите омилени македонски сликари, и истовремено се обидов да се потсетам кога последен пат домашната публика имала ваква можност. Пребарувајќи по архивите го најдов податокот дека тоа се случило пред точно девет години, по повод 90-годишнината од неговото раѓање. По овој повод тогаш Националната галерија на Македонија приреди ретроспективна изложба на која можеше да се види дел од неговиот опус што опфаќа широк распон на ликовен израз, кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис што ги обединува овие две ликовни експресии. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег, кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земајќи предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, останува чувството дека недоволно е присутен во нашата средина.

Пресметувам дека се ближи стогодишнината од неговото раѓање, имено наредната 2027 година ќе биде заокружено едно столетие. Не се сеќавам дека сум наишла на информација дали и што се подготвува за овој голем јубилеј, искрено верувам дека нема да биде заборавен или недоволно достојно одбележан. Но истовремено си го поставувам прашањето зошто македонските вљубеници во ликовната уметност, но и не само тие, немаат перманентна можност да бидат во контакт со овој значаен опус и дали треба да чекаат одредени датуми и јубилеи за да ѕирнат во творештвото на уметникот, кој несомнено е во врвот на македонското современо сликарство и чиј опус сѐ уште е отворен и привлечен за ново разоткривање… Постојана поставка посветена исклучиво на творештвото на Петар Мазев не постои како самостоен, посебен музеј, ниту како дел од постојните. Неговите капитални дела се чуваат и повремено се изложуваат како дел од постојаните колекции на Музејот на современата уметност, кој поседува една од најзначајните колекции на Мазев, и во Националната галерија на Македонија, која повремено вклучува одделни негови дела во тематските поставки. Покрај овие јавни институции, голем дел негови слики и мозаици се составен дел од простори од јавен карактер низ Скопје…

Сепак, отсекогаш сум посакувала најзначајните имиња од ликовната уметност да имаат свои постојани поставки, но иако формално имаме национална галерија или национален музеј, кои би функционирале под ова име и трајно би изложувале дел од опусот на најзначајните ликовни творци што ѝ припаѓаат на македонската средина, држава или нација, оттука и би го носеле предзнакот „национални“. Иако имаме непроценливо ликовно богатство од светски размери, ако сакаме да ги видиме сликите на доајени како Мартиновски, Личеноски, Пандилов, Мазев, Коџоман или Белогаски, тоа е невозможно, ги има само во приватни колекции, но не постои простор (или простори како засебни музеи или галерии) во кој можете во обично саботно претпладне да прошетате и да се потсетите на богатото творештво на уметничките доајени што ги поставуваа темелите на современото сликарство во земјава. За исполнување на оваа цел е неопходно нивно поинтензивно присуство, што како краен резултат ќе донесе поголема почит за македонската современа уметност, особено кај новите генерации. Оттука, наша голема одговорност е да се исполнат ветувањето и долгот кон историјата на уметноста, кон нашето културно наследство и, на крајот, кон домашната публика, затоа што е неприфатлива секоја, дури и неколкугодишна пауза, во која сме осиромашени за едно богато визуелно задоволство какво што е доживувањето на делата на македонските автори што со својот индивидуален пристап оставиле длабоки траги во современата ликовна историја. Само на овој начин репрезентативните дела што ги поседуваме ќе станат подостапни не само за домашната туку и за странската јавност. Во спротивно, овие ретки примероци ќе останат во музејските депоа недостапни за јавноста и истовремено изложени на опасноста од пропаѓање поради несоодветната заштита. Само ако трајно ги одвоиме и ги изложиме, ќе можеме да ја спасиме културата од заборав.