Повод: Некои аспекти на одлуката на Арбитражниот трибунал во Хаг за спорот меѓу Русија и Украина околу суверенитетот на територии и води
Кога споровите за суверенитет тангираат највисоки императивни норми (јус когенс), но за некого важат, а за некого – не
Одлуката на Арбитражниот трибунал во Хаг во спорот меѓу Русија и Украина околу правата во Црно Море, Азовско Море и Керчкиот Теснец повторно ги отвори старите прашања за суверенитетот, територијата и границите на меѓународното право. Иако во јавноста пресудата, која едногласно беше во корист на Русија, беше интерпретирана различно од различни страни, таа уште еднаш покажа дека меѓународните институции често се движат по тенка линија помеѓу правото и силата на геополитиката. Без да ја спориме одлуката и надвор од конкретниот руско-украински спор, во принцип отворањето на оваа дебата отвора и други аспекти, со пошироко значење. Имено, контекстот е тој истиот, во битието на феноменот суверенизам, при надоврзување со (нашето македонско) прашање, имено – „што се случува кога се оспоруваат основните елементи на државниот идентитет, историскиот континуитет, јазикот, народот или самото право на политичко постоење“. Зар токму тука на сцена не стапува концептот на јус когенс – императивните норми на меѓународното право?
Кусо потсетување за тоа што претставува јус когенс (врховно, императивно, перемпторно право)?
Во правната теорија, јус когенс претставува збир на норми од кои не е дозволено отстапување! Тие стојат над обичните меѓународни договори и не можат да бидат поништени со политички компромис или договор меѓу држави. Вообичаено, во оваа категорија спаѓаат на пример „забрана за агресија, геноцид, ропство, тортура и злосторства против човештвото“…
Но современата правна литература сè повеќе укажува дека фундаменталните принципи на „самоопределување на народите, потоа суверена еднаквост на државите и нивната политичка независност“, претставуваат столбови на меѓународниот правен поредок! Негирањето на тие принципи може да се смета за навлегување во сферата на јус когенс.
Русија и Украина: Спор околу територија или спор околу суверенитет?
Во руско-украинскиот конфликт двете страни настапуваат од дијаметрално спротивни позиции. Украина инсистира дека Крим останува дел од нејзината суверена територија и дека руската контрола претставува незаконска анексија. Русија, пак, тврди дека прашањето е затворено преку референдумот од 2014 година и последователните уставни и политички акти. Токму затоа меѓународните судови и арбитражи често избегнуваат директно да пресудуваат за самото прашање на суверенитетот, фокусирајќи се на технички и функционални аспекти од поморското право, пловидбата или експлоатацијата на ресурсите. Но зад правните формулации стои суштинско прашање: имено, дали е можно една држава да го оспорува територијалниот суверенитет на друга без да се отвори конфликт со фундаменталните принципи на меѓународното право. Сепак, одлуката на Арбитражниот трибунал во Хаг во спорот меѓу Русија и Украина околу правата во Црно Море, Азовско Море и Керчкиот Теснец, односно по прашање на суверенитетот, едногласно беше донесена во корист на Русија од страна на Хашкиот трибунал.
Елементи за правна практика и за македонскиот случај: Кога предмет на спор е исто така суверено право, но во нашиот случај не на територија, туку на идентитетот, јазикот и историското наследство
За разлика од руско-украинскиот спор, каде што централно место зазема територијалниот суверенитет, во случајот на Македонија тежиштето со децении беше насочено кон прашањата на името, идентитетот, јазикот и историското наследство.
Со Преспанскиот договор државата го промени своето уставно име во Република Северна Македонија, при што голем дел од македонската јавност ова го доживеа како тешка политичка саможртва, но изнудена под стравотен притисок на меѓународната заедница, заради олеснување на нашите евроатлантски интеграции.
Правно гледано, договорот не е валиден како меѓународен договор по многу основи, меѓутоа меѓународните институции не реагираат?! Така, тие го оставија отворено и правното и политичкото и моралното прашање: Може ли една држава навистина слободно да преговара кога членството во меѓународни организации е условено со прифаќање промени што засегаат елементи на нејзиниот идентитет? Ова прашање не е само македонско. Тоа се однесува на односот помеѓу формалната правна согласност и реалната политичка моќ. Значи да бевме моќни, како некојпат во историјата, ова немаше да ни се случи?!
Бугарското вето и прашањето на самоопределувањето
Уште покомплексна е ситуацијата во односите меѓу Скопје и Софија. Во официјалниот бугарски дискурс често се среќаваат ставови дека македонскиот јазик има бугарски корени, дека современата македонска нација е формирана во специфични историски околности во текот на дваесеттиот век и дека дел од историското наследство е заеднички.
Од македонска перспектива, ваквите позиции се отфрлаат со индигнација, бидејќи не соодветствуваат со историографијата, а се доживуваат како негирање на посебноста на македонскиот народ, јазик и национален развој. Токму тука се отвора најинтересното правно прашање, за кое одговорот веројатно ни е јасен на сите. А прашањето е „дали една држава има право да го доведува во прашање националниот идентитет на друга држава и на нејзиниот народ“. А одговорот е дека „современото меѓународно право го признава правото на самоидентификација и самоопределување“. Народите имаат право сами да ги определуваат својот идентитет, култура, јазик и политички статус. Од таа перспектива, секој обид надворешен актер да наметнува дефиниција за туѓ национален идентитет може да се толкува како проблематичен во меѓународното право и спротивен на духот на Повелбата на Обединетите нации.
Дали меѓународниот поредок ќе остане заснован врз принципот на суверена еднаквост или ќе функционира според логиката на политичката моќ?
Македонскиот случај покажува дека во XXI век државите не мора секогаш да бидат изложени на воена сила за да се соочат со предизвици кон својот суверенитет. Понекогаш тие предизвици се појавуваат преку дипломатски притисоци, условувања, блокади и спорови околу идентитетот. Токму затоа дебатата за јус когенс повеќе не е само академско прашање. Таа станува дел од пошироката расправа за тоа дали меѓународниот поредок ќе остане заснован врз принципот на суверена еднаквост или ќе (продолжи да) функционира според логиката на политичката моќ.
А таму каде што правото и политиката се судираат, прашањето за достоинството на народите и државите останува едно од најважните прашања на нашето време.


































