Рецензија
Во рамките на петтото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица“ во НУЦК „Антон Панов“ публиката имаше можност да ужива во исклучителен концерт на клавирското трио „Сиринкс“од Србија, во состав: Ангелина Егериќ на флејта,Филип Томиќ на виолончело и Немања Егериќ на пијано. Настапот беше дел од годинашнава богата програма, која и овој пат обедини врвни камерни состави. Триото се претстави со типично класична но внимателно одбрана програма, што ги опфати стилските особености на класицизмот и романтизмот. Од првите тактови на трио-сонатата во Ес-дур Г.145 од Луиџи Боќерини, музичарите покажаа извонредна ансамбловска усогласеност, префинет вкус и чувство за музичка комуникација. Флејтата на Ангелина Егериќ пленеше со топол и блескав тон, додека виолончелото на Томиќ со мекиот звук и контрапункт нежно ја следеше делницата, придружени од пијаното на Немања Егериќ, која беше сигурна и инспиративна потпора на целокупната музичка изведба.
Особено впечатлива беше интерпретацијата на клавирското трио во Де-дур од Јозеф Хајдн, каде што изведувачите со леснотија ги доловија елеганцијата, духовитоста и класичниот пристап и музички израз во сите три става од клавирското трио, толкувајќи автентичен класичен стил на манири и изведба на типичен хајдновски стил од англиските дворци.
Во баладата за флејта, виолончело и пијано оп. 37 на Шарл-Едуард Лефевр, до израз дојде нивната способност за создавање суптилна атмосфера исполнета со емоција и музичка зрелост, каде што флејтата ја имаше носечката улога на прекрасните мелодии во сите регистри на инструментот, а виолончелото и пијаното ненаметливо ја дополнуваа како целина. Една навистина прекрасно фантастична изведба со голема вдахновеност од тројцата изведувачи.
Круна на вечерта беше монументалното дело „Grand trio’ G-dur op.119“ од Фридрих Кулау, каде што членовите на триото демонстрираа високо техничко мајсторство, виртуозност и извонредна музичка енергија. Нивната изведба беше исполнета со динамични контрасти, стилска прецизност и силна музичка експресија, што беше наградено со искрени и долготрајни аплаузи од публиката. За бис, клавирското трио „Сиринкс“ ѝ подари на публиката уште еден незаборавен миг од баладата на Шарл-Едуард. Овој бис беше достоен завршеток на нивниот извонреден настап, оставајќи силен впечаток и долготраен аплауз од публиката, која со воодушевување го поздрави високиот уметнички квалитет на триото.
Милка Ганчева


































