Поетесата, писателка и преведувачка Наташа Сарџоска деновиве се претстави на меѓународен поетски фестивал и симпозиум посветен на темата „Доверба во книжевноста“, кој се одржа во италијанскиот град Бари, по покана од меѓународното движење „Жени и поезија“. На фестивалот Сарџоска настапи со читање своја поезија на македонски и на италијански јазик, а учеството го сподели со поети од Уругвај, Шпанија, Италија, Полска и Ерменија и со музичари и сликари од Италија.

Во рамките на симпозиумот, Наташа Сарџоска одржа воведно предавање на италијански јазик, претставувајќи историски, културолошки и книжевен преглед на современата македонска женска поезија. По тој повод, таа прочита и песни во свој превод на италијански јазик од првите македонски поетеси Евгенија Шуплинова и Даница Ручигај, како и од Светлана Христова-Јоциќ и Ката Мисиркова-Руменова, но и од современите Весна Ацевска и Ана Голејшка-Џикова, доближувајќи ги македонската поетска традиција и современото поетско творештво до разноликата италијанска и меѓународна поетска, музичка и читателска публика.