Антиупатства за лична употреба
Каде ли сега живее тој човек?
Не веруваше, и кога ѝ ја јавија веста за удавениот кај Велес, дека наскоро ќе биде пронајдено телото на исчезнатиот, зашто, од почетокот на истрагата, имаше претчувство дека целата ујдурма е смислена од некој што имал план како успешно да одмагли од здодевното секојдневие, без и најмала намера да си наштети, камоли да се убие. Прашањето е кој му помогнал во тоа, а кој можеби му одмогнал. Во секој случај, не е само негова работа, има вмешано и други…
Некој внимателно потчукна на вратата.
-Кој е? – викна, па додаде, исто толку гласно: – Зафатена сум. Имам работа.
– Извинете, госпоѓо инспекторке. Јас сум, Ленче. Со Јане, сака нешто да ве извести.
Младиот Јане, кој беше штотуку примен на работа, приправничкиот стаж го сфати со сета можна услужна предаденост, но задачите ги извршуваше уредно и точно.
– Во ред, влезете. Кажи, Јане?
– Госпоѓо виша инспекторке, ви одговорија од полицијата во Гетеборг. Во последниве десет години немало сообраќајка со учесник со име и презиме како нашиот човек.
– И јас така мислев. Добро сработено, Јане – забележа мала насмевка кај секретарката. – Повикај го утре напладне на разговор. Ленче ќе ти го даде бројот на неговиот мобилен.
(продолжува)


































